Пораз за познатата внатрепартиска противничка на Трамп
17 август 2022Најистакнатата внатрепартиска критичарка на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, Лиз Чејни, повеќе нема да биде пратеничка во Претставничкиот дом на Конгресот на САД. Републиканката ги загуби внатрепартиските избори за конгресменската кандидатура во нејзината родна држава Вајоминг од противкандидатката Хариет Хејгеман. Таа сега ќе биде кандидатка на Републиканската партија во изборниот округ во Вајоминг на делумните избори за Конгресот во ноември.
Хејгеман во внатрепартиската изборна битка со Чејни имаше поддршка од поранешниот претседател Доналд Трамп.
56-годишната Лиз Чејни е една од само двата члена од својата партија кои учествуваа во работата на комитетот во Конгресот кој ги истражуваше обидите на Трамп да остане на власт откако загуби на изборите.
Сите 10 републиканци кои гласаа за импичмент на Трамп, по смртоносниот напад на неговите приврзаници врз Капитолот на 6 јануари 2021 година, беа изложени на одмаздничка кампања од страна на поранешниот претседател.
Досега, четворица од нив се повлекоа, четворица загубија на внатрепартиски избори од кандидати кои ги поддржа Трамп, а само двајца успејаа да победат на внатрепартиските избори и така да останат кандидати за реизбор во Конгресот.
Ќерката на поранешниот потпретседател на САД, Дик Чејни беше последна од десетте републиканци кои беа цел на одмаздата на Трамп.