Горчлива „захер торта“ за македонското правосудство
28 јуни 2023„Многу, многу непријатно“. Ова е најчестиот коментар по вчерашното соопштение што амбасадата на Австрија го испрати до нашиот и повеќе медиуми, во кое се изречени отворени критики на сметка на македонското правосудство. Повод за тоа невообичаено соопштение, е неможноста на една австриска компанија да ги наплати побарувањата од 4,5 милиони евра од македонска фирма, иако за тоа имала пресуда во своја полза од меѓународна арбитражна постапка.
Според наводите на австриската амбасада, македонската фирма „Дена продукт увоз извоз Велес“, со поддршка на сродни компании, извршители и нотари, преземала разни активности за да ги избегне и спречи легитимните побарувања од австриската „АММА импорт експорт ГМБХ“.
„Излегува дека патот до извршување на меѓународна арбитражна одлука во Северна Македонија станува предизвик и ги загрозува инвестициите преземени од австрискиот инвеститор“, се вели во соопштението, каде се наведени сите потези што ги презела македонската фирма за да избегне да ги исплати побарувањата.
Периодот во кој се чекало одлуката на арбитражниот суд да биде потврдена од македонските судови, наводно „Дена“ го искористила за да префрли голем дел од имотот на компанијата „Глобал трејд ДММ“ ДООЕЛ. А со последното јавно наддавање закажано за 10-ти јули, кое според амбасадата исто така е во корист на компанија поврзана со „Дена“, сметаат дека австриската „АММА“ веќе сигурно нема да може да си го наплати побарувањето.
Писмо до двата Совета, порака до Заев
Во соопштението од амбасадата, се укажува дека сопственик на фирмата „Глобал трејд“ е Емилија Заева - Костова, сопруга на сопственикот на „Дена продукт“, Атанас Костов, но и братучетка на поранешниот премиер Зоран Заев, што на случајот му дава и друга димензија.
„Зошто австриски инвеститор мора да ангажира три адвокатски канцеларии и да поднесе над десетина правни документи и предлози за признавање на арбитражна одлука во Северна Македонија? Како тоа може да се манипулира со централен катастар, со еден официјален јавен регистар? Како може да продолжат овие постапки кога за овој предмет има граѓански тужби и тековни кривични истраги? Зошто надлежните институции во државата, пред сѐ, Советот на јавни обвинители, Републичкиот јавен обвинител, Вишиот јавен обвинител во Скопје, не се активни и веднаш не истражуваат. Дали Дена и Глобал ги заробија судството и службениците (извршителите и нотарите)?“, прашуваат од амбасадата.
Овој случај бил повод австрискиот амбасадор, Георг Вуцас, неодамна да испрати писмо до Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, во кое побарал итно да ги отстранат сите неспособни и пристрасни судии и обвинители во овие случаи. Австрискиот амбасадор сега ги повикува и надлежните комори на извршителите и на нотарите да ги одземат лиценците на оние што ги злоупотребиле или ќе ги злоупотребат своите овластувања. Од амбасадата велат дека будно ќе ги следат натамошните случувања во врска со овој случај, вклучително и сите нерешени правни барања упатени до судовите и до Јавното обвинителство.
Дипломати не сакаат со јавни изјави да долеваат масло во овој случај, но сметаат дека „е многу тенка линијата“ што го одвојува легитимниот интерес за правата на австриската фирма, од (не)мешањето во судски постапки, преку соопштение, повици за разрешувања, итн. Сметаат дека еродираната доверба во судството и скандалите како оние во Судскиот совет, ја направија оваа сфера уште поранлива и плодно тло за критики, и кога треба, и кога не треба, односно „сега секој му држи лекции на судството“.
Заев: Не дозволувам да се валка моето име
И додека изостанаа официјални ставови од судството или обвинителството, заради спомнување на неговото има во овој случај, со реакција се огласи поранешниот премер, Зоран Заев.
„Целосно се оградувам од било каква моја инволвираност во споменатиот деловен спор што се води во судовите. Колку што гледам и читам од соопштението на амбасадорот, овој судски деловен процес е јавен и транспарентен како и сите други судски процеси. Законите важат еднакво за сите и убеден сум дека судот ќе донесе законита одлука како и впрочем се очекува без разлика за кој граѓанин или правен субјект се однесува. Јас можам само да апелирам судот и правосудните органи, како и било која друга институција да си носат исклучиво законски одлуки и да не дозволат никој да им влијае на работењето и одлучувањето. Ако амбасадорот и амбасадата го споменат уште еднаш моето име во ваква негативна конотација нема да можам ништо друго да превземам освен што ќе морам да ги тужам за нанесена штета врз честа и угледот“, се вели во реакцијата.
Заев наведува дека се смета за пријател на Австрија и дека за време на неговиот премиерски мандат воспоставил одлични пријателски релации и соработка со Австрија.
„Така што, нема да дозволам првиот претставник на Австрија во Северна Македонија со ваква леснотија и без било какви докази и аргументи да го валка моето име. Следното споменување на моето име на ваков начин ќе значи дека ќе треба да се видиме на суд со амбасадорот на Австрија за да покаже и докаже било каква моја инволвираност, во спротивно ќе барам јавно извинување, надомест на штета за нарушени чест и углед и лично ке го известам австриското МНР и Владата на Австрија за ваквиот однос на амбасадорот на Австрија“, стои во реакцијата што ја пренесе „Независен“.
Епистоларна пракса
Ова не е прв пат австрискиот амбасадор преку допис до медиумите да реагира на постапки што се водат во македонските институции.
Кон крајот на февруари, тој во писмо до премиерот Димитар Ковачевски и до членовите на собраниската Комисија за европски прашања, повика законодавниот дом да не ги гласа предлог-измените на Законот за игри на среќа.
Амбасадорот Вуцас тогаш во писмото до Ковачевски и до претседателот и членовите на собраниската Комисија, реагираше на употребата на европското знаменце во процедурата за носење на измените, но се впушти и во стручни анализи, односно толкување дека измените на Законот за игри на среќа се во колизија со Уставот. Во писмото се сугерирало и дека ако Владата се реши да ги предложи посочените измени, тогаш тие да не важат за компаниите што се на тој пазар и се со странски капитал. А тоа може да се оствари со исклучување на какво било ретроактивно дејство и со изземање на постојните странски инвестиции од новите потфати. Од Владата и Комисијата тогаш избегнаа да го коментираат ваквото писмо и барање.