1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како Македонија да се ослободи од јагленот до 2050 година?

ДТЗ
10 октомври 2024

Тие бараат од ЕК да се зголеми поддршката за праведна транзиција на заедниците зависни од јаглен на Западен Балкан, за да се овозможи праведна транзиција кон економија која не зависи од фосилни горива.

https://p.dw.com/p/4lZXH
РЕК Битола
Како Македонија да се ослободи од јагленот до 2050 година?Фотографија: Nord-Mazedonien Regierung

Група граѓански организации, вклучувајќи ги CEE Bankwatch Network и Еко-свест, ја повикуваат Европската комисија да ѝ помогне на Северна Македонија да се ослободи од јагленот. Тие бараат од ЕК, да се зголеми поддршката за праведна транзиција на заедниците зависни од јаглен на Западен Балкан, за да се овозможи праведна транзиција кон економија која не зависи од фосилни горива. 

Во таа насока се посочуваат и конкретни чекори кои Европската Комисија, меѓународните финансиски институции и националните влади треба да ги преземат за да ја забрзаат праведната транзиција и да овозможат локална економска диверзификација, осигурувајќи дека ќе се одговори на потребите на граѓаните и дека никој нема да биде изоставен.

Северна Македонија има за цел да се откаже од употребата на јаглен за енергетски потреби до 2050 година, почитувајќи ги роковите на ЕУ за транзиција кон обновливи извори на енергија.

соларна енергија
Северна Македонија има за цел да се откаже од употребата на јаглен за енергетски потреби до 2050 година, почитувајќи ги роковите на ЕУ за транзиција кон обновливи извори на енергијаФотографија: picture-alliance/Klaus Ohlenschläger

Препораки за брза енергетска транзиција

Невена Смилевска, координатор за праведна транзиција за Западен Балкан, CEE Bankwatch Network, вели дека целта на препораките е да се осигура дека локалните власти ќе бидат подготвени и ќе ги имаат потребните ресурси за планирање. Со тоа на заедниците зависни од јаглен, наместо да бидат оставени сами да се снаоѓаат или да бидат ставени во позиција да заостануваат, ќе им се овозможи во брзиот процес на енергетска транзиција и самите да напредуваат.

„Препораките ја нагласуваат потребата од насочено финансирање за проекти на општинско ниво, бидејќи локалните власти често не располагаат со доволно ресурси за самите да го испланираат процесот на транзиција на начин кој овозможува тој да биде праведен за сите граѓани во општината, ниту пак имаат средства таквите планови да ги спроведат. Специјализирани финансиски алатки за поттикнување на економска диверзификација и создавање на мали пилот-проекти може да помогнат да се прикажат можностите што ги нуди иднината без фосилни горива. За да се обезбеди отчетност и ефективност, финансирањето мора да биде условено со зајакнувањето на локалната самоуправа и со следење на транспарентноста на сите процеси поврзани со енергетската и праведната транзиција“, се наведува во препораките на граѓанските организации.

Слични препораки беа изнесени минатата недела во манифест потпишан од шест градоначалници од општини зависни од јаглен во Западен Балкан. Градоначалниците ја повикуваат Европската комисија да ги поддржи нивните напори за декарбонизација на локалните економии преку зголемување на техничката помош, промовирање на успешни приказни и олеснување на посилни партнерства со региони во ЕУ кои биле или сè уште се зависни од јаглен.

„Ја повикуваме Комисијата да ја потврди својата посветеност кон македонските региони зависни од јаглен и да обезбеди потребна поддршка за праведна и ефективна енергетска транзиција“, вели Елена Николовска, програмски координатор за клима во Здружението Центар за истражување и информирање за животната средина Еко-свест Скопје.

климатски промени
Во отсуство на инвестиции за адаптација, Северна Македонија поради климатските промени до 2050 година би можела да се соочи со економски штети до четири проценти од бруто домашниот производ (БДП)Фотографија: Peter Dejong/AP/picture alliance

Како Македонија да се откаже од јаглен до 2050 година?

Според министерот за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити преминот од јаглен до 2050 година бара силна финансиска и техничка поддршка. Ваквата оценка тој ја изнесе на конференција во септември за енергетска безбедност на Централна и Источна Европа во Вашингтон.

„Имајќи ја предвид стратешката позиција на Северна Македонија на Балканот, како и влијанието на војната во Украина и руското влијание, сакам да ја нагласам потребата од зголемено вклучување на САД и ЕУ. Оваа поддршка е од витално значење за да се обезбеди енергетска независност и да се намали руското влијание во регионот”, порача Меџити.

Во 2018 година, Обединетите нации го наведоа главниот град Скопје како најзагаден град во Европа, и земјата работеше на замена на јагленот со чиста енергија. Но, во 2021 година, Македонија повторно ја отвори старата централа Осломеј за да го намали увозот на струја. 

Северна Македонија се приклучи кон Сојузот за енергија без јаглен во 2021 година. Откако првично планираше да го отстрани јагленот од употреба во 2027 година, рокот потоа беше продолжен до јануари 2030 година. Јагленот во Северна Македонија претставува 40 проценти од енергетските извори. 

Светска банка во Извештајот за климатски промени и развој на земјата (ЦЦДР) деновиве посочи дека на Северна Македонија во следната деценија ќе ѝ требаат вкупно 6,4 милијарди долари за зајакнување на отпорноста кон климатските промени, за ефикасна заштита на луѓето и имотот. 

Македонија може да стане земја со нето нулта емисии ако инвестира 5,6 милијарди долари до 2050 година во декарбонизација на енергетиката, транспортната индустрија и градежниот сектор. Но, во отсуство на инвестиции за адаптација, Северна Македонија поради климатските промени до 2050 година би можела да се соочи со економски штети до четири проценти од брутодомашниот производ (БДП).  

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема