1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КатастрофиГрција

Грција: И натаму критично на Родос, шумски пожари и на Крф

24 јули 2023

Пламените јазици на грчкиот остров Родос дивеат, а опасноста од шумски пожари останува голема, предупредуваат противпожарните служби. Пожари во меѓувреме има и на островите Крф и Евија.

https://p.dw.com/p/4UIUx
Пожари Грција Крф
Пожари избувнаа и на грчкиот остров КрфФотографија: Julia Dzhyzhevska via REUTERS

По евакуацијата на илјадници туристи и домашно население, пожарите на југоистокот на Родос и натаму дивеат во познатите туристички места Киотари, Генади и Калатос. Според проценките на властите, може да бидат потребни денови за тие да се стават под контрола. 

Пожари Грција Родос
Пожарите на островот Родос уште не се под контрола, пожарникарите се постојано во акцијаФотографија: Damianidis Eleftherios/AA/picture alliance

Противпожарната служба соопшти дека на дневна светлина повторно ќе се користат канадери и хеликоптери околу местото Лаерма, додека стотици лица за време на ноќта се бореа пламените да не се прошират на други населени места и селца. 

И денеска има многу голема опасност од шумски пожари на југоистокот на островот поради засилениот ветар.

Грција пожари Родос
Многу куќи и објекти се уништени во огнот, жителите на бројни места од Родос се евакуираниФотографија: Lefteris Diamanidis/AP/picture alliance

Во неделата на Родос беа ангажирани десет канадери, меѓу кои два од Франција, два од Турција и еден од Хрватска и осум хеликоптери, меѓу кои еден од Јордан. Долготрајните горештини дополнително ги отежнуваат напорите за гаснење на пожарите. Голем дел од островот беше без електрично напојување кое од безбедносни причини беше исклучено. 

Речиси 20 илјади лица пренесени на безбедно

Според властите, во неделата речиси 20 илјади лица биле префрлени на безбедни локации. Туристи раскажуваат како додека бегале го гледале пожарот како им се приближува и биле во паника оти ќе загинат. Летувалци од Германија јавуваат за проблеми во масовните сместувалишта, како тоа дека нема можност за туширање, дека се лоши санитарните услови и оти нема доволно легла за сите. 

Грција пожари Родос
Мештаните и туристи се евакуирани поради пожарите сместувани во сали и спортски објекти Фотографија: Argyris Mantikos/Eurokinissi/AP/picture alliance

Островските власти апелираа за донации на душеци и постели и признаа дека има проблеми со обезбедување доволно храна за сите погодени. 

На аеродромот на Родос властите отворија пункт на кој без многу бирократија се издаваат документи, бидејќи многумина во обидот да се спасат од пламените оставиле сѐ зад себе, вклучително и нивните пасоши. 

Грција пожари Родос
Илјадници туристи го напуштаат Родос поради пожарите, на аеродром има долги редициФотографија: WILL VASSILOPOULOS/AFP

Илјадници туристи кои поради густиот чад мораа да ги напуштат своите хотели во Линдос, ја минаа и втората ноќ во училишта и спортски сали. Многумина на аеродромот чекаат на првиот нареден лет за да го напуштат Родос.

Пожари и на други острови

Пожари има и на други грчки острови, меѓу другото и на Евија. Властите од жителите во четири села на југот на островот побараа да се евакуираат. 

Грција пожари Родос
Туристи дури и пешки бегаат пред огнот на островот РодосФотографија: Lefteris Damianidis/InTime News/AP/picture alliance

И на омилениот туристички остров Крф има пожари. Доцна во неделата имаше евакуации по копнен и морски пат. Властите издадоа аларм за евакуација на 12 села, јавува атинската новинска агенција. Крајбрежната стража соопшти дека на плажата од Нисаки на североистокот на островот се одвива спасувачка акција во која шест бродови на крајбрежната стража и седум приватни чамци пренеле 59 лица на безбедно. 

На југозападот на Грција во неделата температурите достигнаа повеќе од 46 степени.Но, на повидок е олеснување - имено, двонеделниот топлотен бран треба да заврши претстојниов четврток, кога температурите треба да паднат на за ова доба од годината вообичаените 35 степени.