1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаГрција

Грција: По изборите - нови избори

23 мај 2023

И покрај умерените успеси во работењето, убедлив победник на изборите во Грција е премиерот Мицотакис со неговата партија Неа Демократија. Зошто тој сепак сѐ уште цели кон ново гласање?

https://p.dw.com/p/4RhS8
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис откако го даде својот глас на избирачко место во Атина на 21 мај 2023 година
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис откако го даде својот глас на избирачко место во Атина на 21 мај 2023 годинаФотографија: Thanassis Stavrakis/AP/picture alliance

Во Грција по изборите е пред избори. Голем и јасен победник на парламентарните избори во неделата (21.05.2023) е конзервативниот премиер Киријакос Мицотакис со неговата партија Неа Демократија (НД) - освоени се 40,8% од гласовите и 146 места во парламентот. Но, тоа не е доволно за апсолутното мнозинство, за кое би биле потребни 151 пратеник. И затоа победникот на изборите Мицотакис сега цели што побрзо кон нови избори. Затоа што следните избори ќе се одвиваат по нов систем на гласање, преку кој победничката партија може да добие и до 50 бонус-места.

Не е ни чудо што Мицотакис се стреми кон второ гласање што е можно поскоро. Ден по изборите, тој на грчката претседателка Катерина Сакеларопулу ѝ ја соопшти својата намера да не води сондирачки разговори со други партии. Наместо тоа, тој побара од неа да го скрати уставно пропишаниот рок за нови избори, за тие да може да се одржат на 25 јуни.

Мицотакис вечерта на изборите зборуваше за „политички земјотрес“. И не дека нема право. Иако неговата влада во изминатите четири години постигна само умерени резултати, Неа Демократија успеа да добие повеќе гласови отколку на претходните избори. Гласачите ја игнорираа катастрофалната железничка несреќа во Темпи на почетокот на март 2023 година и скандалот со прислушувањето што трае веќе една година и ја наградија „стабилноста“ што им ја вети НД.

Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис на гласање во Атина, 21 мај 2023 година
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис на гласање во Атина, 21 мај 2023 годинаФотографија: Louiza Vradi/REUTERS

„Стабилност или хаос“

Наспроти тоа, тие строго ја казнија нејасноста и неодредените пораки од главната опозициска партија Сириза. Наместо повеќе од 30% гласови на кои се надеваше, левичарската Сириза доби само 20% - речиси 12% помалку од 2019 година. Претседателот на левичарскиот сојуз Сириза, Алексис Ципрас, не можеше да ги убеди гласачите дека ќе скова „коалиција на прогресивни сили“, со оглед на тоа што со Сириза не сакаа да владеат ниту социјалдемократскиот ПАСОК ниту помалите левичарски партии.

Од друга страна, Неа Демократија - со помош и на екстремно провладините медиуми - можеше да ги убеди граѓаните дека Сириза се залага за „хаос“. Дилемата за избор Мицотакис ѝ ја пренесе на јавноста речиси како ултиматум: „стабилност или хаос“. И тој беше успешен во тоа. „Народот сака силна влада со хоризонт од четири години“, беше објаснувањето на премиерот за неговата неочекувано голема победа ден потоа.

Сириза Алексис Ципрас Избори Грција
Лидерот на грчката опозиција Алексис Ципрас гласа на избирачко место во Атина на 21 мај 2023 годинаФотографија: Aris Messinis/AFP/Getty Images

Поразот на истражувачите на јавното мислење

Економскиот консултант од Атина, Василис Сакас, смета дека изборниот резултат се должи на тоа дека граѓаните гласале за оној за кого сметаат дека ќе биде помалку лош политички менаџер: „Луѓето им рекоа на политичарите 'оставете нè на мира и работете ја вашата работа', по можност без експерименти“, вели тој за ДВ.

Истражувачите на јавното мислење во Грција не го препознаа ова расположение и затоа направија грешки во своите предвидувања како ретко кога во изминатите неколку години. За Неа Демократија предвидоа водство од четири до максимум седум проценти пред Сириза, а на крајот предноста беше поголема од 20 проценти. „Сите бевме слепи и не можевме да видиме што се крие зад немоста на граѓаните“, вели Никос Марацидис, професор по политички науки на Универзитетот Македонија во Солун, кој и самиот е искусен експерт. Сепак, најслепи беа самите политичари, вели Марацидис за ДВ, бидејќи не забележале дали и како нивните пораки се примени од електоратот.

На опозициската клупа еден против друг

Марацидис е убеден дека во наредните години десницата ќе владее во Грција практично без противници. „Опозицијата лево од центарот е фрагментирана и така ќе остане долгорочно“, вели тој. Ако се соберат изборните резултати на Сириза (20 проценти), социјалдемократскиот ПАСОК (11,4), комунистичката ККЕ (7,3) и лево радикалниот ДиЕМ 25 на поранешниот министер за финансии Јанис Варуфакис (2,6) - кој меѓутоа не успеа да влезе во Парламентот - не се добива мнозинство. И не само тоа: Сириза и ПАСОК во иднина повеќе ќе се борат еден против друг на опозициската клупа отколку што ќе соработуваат.

Јанис Варуфакис Грција избори
Поранешниот грчки министер за финансии Јанис Варуфакис на предизборен настан во Атина, 20 април 2023 годинаФотографија: Giorgos Kontarinis/Eurokinissi/ANE Edition/IMAGO

Иако изборите во Грција секогаш можат да донесат изненадување, веќе е јасно дека Неа Демократија ќе победи на претстојните избори во јуни и најверојатно ќе добие удобно владејачко мнозинство. Сириза, од друга страна, најверојатно ќе се обиде да не се распадне и да го запре својот слободен пад. ПАСОК, пак, сака да си ја врати поранешната сила и цели кон второто место пред Сириза. Во моментов е неизвесно дали ќе се остварат и едното и другото.

Лошо за демократијата

Борбата за влез во парламентот меѓу три помали партии, кои овојпат за малку не успеаја да го поминат цензусот, ветува дека ќе биде интересна. Станува збор за радикалната левица ДиЕМ 25, политички нетранспарентниот Плефси Елефетеријас (Курс на слободата) и деснорадикалната и кон свештенството наклонетата Ники. Но, нивниот потенцијален успех нема да го загрози апсолутното мнозинство на НД.

Се очекува дека Неа Демократија ќе може да владее без силна опозиција во следните четири години. Констелација која според политикологот Марацидис не е добра за квалитетот на грчката демократија. Марацидис не сака да заборави колку жестоко владата на Мицотакис се обидуваше да ја прикрие аферата со прислушувањето. Притисоци за разјаснување досега вршеше само надлежната истражна комисија на Европскиот парламент. Новоизбрана влада на НД веројатно уште поуспешна ќе го игнорира овој притисок.

Каки Бали
Каки Бали Дописничка од Атина на DW Грчки