1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ОбразованиеГрција

Грчкиот парламент даде дозвола за приватни универзитети

ЕМФ | Тагесшау
9 март 2024

Она што на друго место во ЕУ е нормално, во Грција наидува на критики: планот на владата да дозволи приватни универзитети предизвика жестоки протести. Парламентот сега донесе одлука.

https://p.dw.com/p/4dKfT
Грција приватни универзитети протести
„Не за приватни универзитети“ - плакат пред главната зграда на универзитетот во АтинаФотографија: Sofia Kleftaki/DW

Грчкиот парламент вчеравечер (8.03) даде виза за приватни универзитети во Грција и покрај бројните протести во земјата. За соодветниот закон гласаа 159 пратеници од 300-члениот парламент. Против беа 129 парламентарци. За време на дебатата, илјадници студенти, професори, ученици и наставници демонстрираа пред зградата на парламентот. Притоа имаше и судири на екстремни левичари и анархисти со полицијата. Демонстрантите фрлаа молотови коктели, а полицајците употребија солзавец. Според спасувачката служба, полесно се повредени 16 лица. Полицијата соопшти дека уапсила три лица.

Атина демонстрации приватни универзитети
За време на дебатата, илјадници студенти, професори, ученици и наставници демонстрираа пред зградата на парламентотФотографија: Sofia Kleftaki

Студентите треба да останат во земјата

Прашањето на приватните универзитети ја држи Грција во неизвесност со недели. Досега немаше дозвола за приватни универзитети за да се потенцира општото право на образование во земјата. Критичарите стравуваат дека со дозволување приватни институции, високото образование во иднина ќе биде достапно само за елитата, а државните универзитети ќе бидат запоставени.

Конзервативниот премиер Киријакос Мицотакис ги отфрли овие обвинувања и изјави: „Денес повеќе од 40.000 Грци студираат во странство и таму трошат вредни девизи“. Овие млади луѓе, според него, во иднина би можеле да ги трошат парите дома. Тоа би требало да го намали и „одливот на мозоци“. Многу млади Грци се селат на студии во странство бидејќи се смета дека таму образованието е поквалитетно. Меѓутоа, младите често остануваат во странство и по завршувањето на образованието и затоа недостасуваат на грчкиот пазар на труд.

Протестен плакат пред универзитетот во Атина
Протестен плакат пред универзитетот во Атина против отворање приватни универзитетиФотографија: Sofia Kleftaki

Критики за владините планови за образование

Државните универзитети нема да паднат во втор план, уверуваше Мицотакис за време на парламентарната дебата. Тој рече дека на среден рок  во универзитетите треба да се инвестираат милијарда евра. Опозицијата ова го доведе во прашање и ја обвини конзервативната влада дека планира некаков вид „супермаркет-образование“, според кој ќе се земат предвид само оние кои имаат соодветни финансиски средства. Првите приватни универзитет се очекува да бидат отворени следната година.