Хантер Бајден обвинет и за затајување на данок
8 декември 2023Синот на американскиот претседател Џо Бајден, Хантер Бајден, е соочен со ново обвинение затоа што не платил најмалку 1,4 милиони долари данок, додека трошел милиони на раскошен начин на живот. Ова е втора кривична постапка против синот на американскиот претседател.
Според обвинението поднесено во Окружниот суд во централна Калифорнија, тој се товари за три кривични и шест прекршочни дела поврзани со данок.
Од Министерството за правда соопштија дека истрагата е во тек, а доколку биде прогласен за виновен по обвиненијата му се заканува затворска казна до 17 години. Тој е обвинет дека не платил најмалку 1,4 милиони долари данок од 2016 до 2019 година, а потрошил милиони долари на екстравагантен начин на живот.
Во вчерашното обвинение се наведува дека Хантер Бајден „добро заработувал“ додека бил член на управните одбори на украински индустриски конгломерат и на кинески приватен капитал. Но, како што се зголемувале неговите приходи, така се зголемувале и неговите трошоци. Само во 2018 година, според обвинението, потрошил повеќе од 1,8 милиони, но ништо од тоа за плаќање данок.
Се споменува дека, меѓу другото, трошел пари на дрога, ескорт дами, луксузни хотели, автомобили и облека, а за рехабилитација од зависност одвоил повеќе од 70.000 долари.
Тој претходно се соочуваше со обвиненија за затајување данок, а во октомври пред судот во Делавер се изјасни за невин по обвинението дека лажел за неговата употреба на дрога кога купувал пиштол. Џо Бајден негираше дека некогаш ја користел својата позиција за да му помогне на својот син.