1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Метеж и нервоза - има ли крај за сообраќајниот хаос?

ДТЗ
5 декември 2022

Граѓаните бурно реагираат барајќи превозниците на поинаков начин да ги остварат своите барања, а не на штета на жителите на главниот град. Од „Слобода превоз“ се извинија, но не ги повлекоа блокадите од скопските улици.

https://p.dw.com/p/4KTlS
протести Скопје превозници
Приватните превозници повторно го блокираа СкопјеФотографија: Petr Stojanovski/DW

Хаосот со градскиот превоз во Скопје продолжува, откако приватните превозници не успеаја да остварат средба со скопската градоначалничка Данела Арсовска, ниту пак успеаја да избоксуваат да им бидат исплатени долговите во висина од 1,5 милиони евра од страна на Град Скопје и ЈСП. 

Приватните превозници утрово од 6 часот го блокираа Скопје. Околу 200 автобуси на „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ овојпат се паркираа на крстосниците кај Црвен крст, ТЦ „Мавровка“ и на Илинденска кај Владата. Поради протестот овие улици се затворени за сообраќај, што создаде повторно метеж, нервоза и незадоволство кај граѓаните. Доцнеа и автобусите,. но и скопјани на своите работни места и на училиште. Граѓаните бурно реагираа на социјалните мрежи барајќи превозниците на поинаков начин да ги остварат своите барања, а не на штета на жителите на главниот град. 

Скопје превоз блокади
Хаосот со градскиот превоз во Скопје продолжуваФотографија: Petr Stojanovski/DW

Извинување за хаосот 

Од Здружението на возачи „Слобода превоз“, и преку социјалните мрежи, но и на прес-конференција им се извинија на скопјани за сообраќајниот метеж кој настана поради протестите и блокирањето на неколку крстосници во Скопје.

„Слобода превоз во име на сите приватни превозници се извинува до сите граѓани на Скопје кои денеска и се до решавање на проблемот ќе бидат попречени во нивното движење низ градот. Приватните превозници бараат поддршка од сите граѓани со цел побргу да се изнајде решение на проблемот“, велат од „Слобода превоз“. 

Тие порачаа дека протестите нема да престанат, туку напротив, ќе се радикализираат затоа што многу луѓе се оставени без работа и без парче леб. „Понудивме на градоначалничката Данела Арсовска компромисно решение, да ни исплати дел од долгот и ние ќе продолжиме да возиме додека не го спроведе новиот оглас кој го најавува. Но, одговор нема, ниту желба од нејзина страна да се најде решение“, велат приватните превозници. 

Скопје протести превозници
Граѓаните бараат превозниците да ги „ослободат“ улиците. Тие се извинија, но не ги прекинаа блокадитеФотографија: Petr Stojanovski/DW

Децидни се дека станува збор за егзистенцијален проблем, а не за партиска поврзаност и игри. Првиот човек на „Слобода превоз“, Ленин Јовановски, порача дека нема да дозволат некој нов превозник да влезе во игра, во постапка која не е регуларна. Тие побараа од граѓаните и институциите поддршка за подмирување на долгот и надминување на кризата со превозот во главниот град. 

Колапсот во Скопје трае веќе неколку недели, најпрво поради незадоволство ја возачите на ЈСП поради неподмирени плати, а ескалираше со блокади на приватните превозници, коишто се вклучени во јавниот превоз.  Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска не ги прими на средба превозниците, по што ги извести дека ќе ги раскине договорите со нив и дека ќе распише нов оглас за избор на превозници.