1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Хаосот во Судскиот совет ги остави судиите без плата

ДТЗ
3 мај 2023

Претседателот Стево Пендаровски вели дека во моментов нема кој да потпише решенија за судиите да земат плата. Оваа ситуација мора што поскоро да се реши, бидејќи фрла темна дамка врз европското досие

https://p.dw.com/p/4Qq0f
Судски совет
Хаосот во Судскиот совет ги остави судиите без платаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Тубуленциите во Судскиот совет, кој и по два обидине успеа да избере претседател, ги оставија судиите без плата. За ваквиот проблем алармираше денеска претседателот Стево Пендаровски, кој вели дека претседателот на Судскиот совет е и претседател на судско-финансискиот совет, што значи дека во моментов нема кој да потпише решенија за судиите да земат плата.

„Таа ситуација мора час поскоро да се реши, не само заради платите, туку зашто фрла таква темна дамка врз целото европско, демократско досие на Северна Македонија“, рече Пендаровски во Скопје, коментирајќи ги актуелните случувања во Судскиот совет.

Членови на Судскиот совет за ДВ потврдуваат дека немаат земено плата, но неизвесно останува и кога советот би можел да повторно да заседава и да обезбеди мнозинство за да се избере нов претседател, по случувањата минатата недела, кога беше разрешена претседателката Весна Дамева. На сајтот на Судскиот совет таа и понатаму е на чело на институцијата, иако на седницата на 26 април, во тензична атмосфера и критики за незаконска постапка, нејзината улога ја презеде заменикот Селим Алими. Високите тонови, навреди, обвинувања за политички влијанија и клиентелизам предизвикаа лавина реакции и осуда во јавноста, која смета дека на овој начин дополнително се поткопува довербата на судството. 

Судскиот буџетски совет е надлежен за планирањето на потребните средства за функционирање на судската власт и за извршување на судскиот буџет. Со  судскиот  буџет  се  финансираат  судовите,  Судскиот  совет, Советот за утврдување на факти и покренување дисциплинска постапка за судија и Академијата за судии и јавни обвинители.

Во вторникот пропадна и вториот обид на Судскиот совет да одржи седница и да избере нов претседател. 

Стево Пендаровски
Оваа ситуација мора што поскоро да се реши, бидејќи фрла темна дамка врз европското досие, вели ПендаровскиФотографија: Press Office of the President of the Republic of North Macedonia

Темна дамка 

„Не памтам дека години наназад во земјава сме имале толку непријатни сцени поврзани со сферата која инаку е жестоко критикувана со право и од која најчесто, за жал, ни доаѓаат негативни вести. Тоа беше ситуација, сцена која не смее да се дозволи во држава која преговара со ЕУ и која утре сака да биде членка на тој клуб каде што се најголемите демократи во светот“, рече Пендаровски. 

До ваквите превирања во Судскиот совет дојде по писмото на американската амбасадорка Анџела Агелер, испратено до судовите и Министерството за правда, со посебен осврт на последните одлуки на Апелациониот суд во Скопје. 

И евромбасадорот Дејвид Гир деновиве упати порака дека со внимание се следат случувањата во правосудството. „Владеењето на правото е фундаментално за Европската Унија и ако имате компромитирано судство, тоа ќе влијае во иднина на обидите за консолидирана демократија и градење напредна и развиена економија“, изјави во интервју за Сител евроамбасадорот, Дејвид Гир. Според него, Судскиот совет е многу важно тело, одговорен е за промовирање и одбрана на независноста, интегритетот и професионалноста на судиите и затоа е важно што работи, какви одлуки носи и како се однесува.

Особено е многу важен начинот на кој работи Судскиот совет, кој во ниту еден момент да не стане предмет на надворешни политички мешања или финансиски интереси, зашто ако се случи тоа, според Гир, тогаш независноста на судиите ќе биде компромитирана.

Претседателот Стево Пендаровски смета дена не се случајни реакциите изминатите денови и од ЕУ и од Американската амбасада. „Тоа се најжестоки реакции и најжестоки критики за состојбите во македонскиот правосуден систем од 1990 година до денес“, оцени претседателот, кој уште првиот ден кога се случија немилите сцени порача дека тие не смее да се дозволат во држава што преговара со ЕУ и која сака да биде членка на клубот во кој се најголемите демократи во светот. 

Кренар Лога
Една недела по турбуленциите на Судскиот совет, министерот за правда Кренар Лога се уште го чека записникот од седницата на Судскиот совет, која се одржа на 26 априлФотографија: Reg. Nordmazedonien

Се чека записникот 

Една недела по турбуленциите на Судскиот совет, министерот за правда Кренар Лога се уште го чека записникот од седницата на Судскиот совет, која се одржа на 26 април, на која беше разрешена претседателката на Советот, Весна Дамева.

„Такви записници не се пуштени кај нас, немаме никаква информација освен тоа што вие го имате дадено како медиуми. Другиот дел останува нејасен, бидејќи не е објавена никаква одлука во Службен весник. Така што не би сакал да навлегувам во оваа проблематика додека немам на хартија тоа што веќе го имам побарано“, рече Лога на новинарско прашање по конститутивната седница на Работната група за реформа на изборното законодавство.

Колективна оставка 

Во ситуација кога се отвораат бројни правни дилеми околу разрешувањето на Дамева, се посилни се реакциите на експертите кои бараат интерпелација или колективна оставка на сите членови на Судскиот совет.

„Се надеваме дека Судскиот совет ќе се одважи соодветно, односно членовите за да го задржат својот интегритет, без разлика на тие што гласале за или против, за да си дадат оставки“, порача Ивана Петковска од коалицијата „Сите за правично судење во емисијата „24 Отворено“.

„Не знаеме оваа ситуација со Судскиот Совет како ќе заврши, но се надеваме дека Судскиот совет ќе се одважи соодветно, односно членовите за да го задржат својот интегриитет, без разлика на тие што гласале за или против, за да си дадат оставки и во насока на подобрување на судскиот систем враќање на довербата на граѓаните, дека ќе се пристапи кон избор на нови членови кои што членови ќе треба да вложат и тоа какви напори за одговорно работење за спроведување на квалитетни и соодветни реформи кои што ќе значат целосно функционирање на судството, зголемување на довербата на граѓаните и намалување на политичките притисоци и влијанија во правосудството“, вели Петковска.  

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема