Своевремено, додека Никола Г. владееше со овие простори во име на љубов кон народот и земјата, неколку пати се прашував дали станува збор за љубов или за сексуална возбуда. Судејќи според зборовите, звучеше како љубов, но дилемата дали во џебот има пиштол или е само среќен што го уважуваме, укажуваше и на поинакви, промискуитетни мотиви. Деценија подоцна, дилемата со Христијан М. е зошто зборува за гордост, кога всушност неговата единствена политика е пуст ем прост инает.
Инаетот, таа омилена ментална (а не духовна) описна карактеристика на Балканите, често се поистоветува или преведува како достоинство, гордост. Иако и самиот збор е всушност краденка од турцизам позајмен од Арапите. Вообичаено, инаетот се поврзува со Србите (и преносно со Македонците), но во турскиот јазик таа карактеристика се користи кон Албанците како Arnavud Inadi. Независно од тоа, секој инаетот го смета како изнудена доблест на отпор, некој ќе го нарече и курч, но реално таа не е еквивалент на достоинството, дури ни на религиски прекорната гордост. Имено, достоинството подразбира стоицизам во прифаќањето на поразот, лишено од самосожалување и малициозност. Инаетот е спротивното, неприфаќање на поразот преку патетично самосожалување, перчење условено од милоста на противникот и барање изговори за сопствената куса памет преку блатење на противникот. Илустрацијата на достоинството е Јапонија. Илустрација на инаетот...
Вест од Брисел
Здодевното предвечерие на средата беше разбрането со веста на дописникот на националното радио на Бугарија за почетокот на преговорите на Албанија со ЕУ, закажани за 15 октомври и ставот на дипломатите дека тоа значи раздвојување на Албанија и Северна Македонија. Веста беше надополнета со изјавата на првиот евроинтегративец Орхан Муртезани дека се уште немаат службена потврда. Интересно, но и чудно, со оглед што веста за одлуката на ЕУ да и додели на АРМ помош во вредност од 11 милиони евра беше донесена на истата седница на постојаните претставници на ЕУ. И двете одлуки беа донесени едногласно од сите 27 амбасадори на ЕУ.
Веста од Брисел доаѓа додека супата со кнедли од ручекот на Премиерот со Урсула вон дер Лајен сѐ уште со процесира низ Мицкоски, кој со чудна смиреност, задоволност дури, констатираше дека Албанија веќе нѐ претрка. Додека пак зборовите на Александар Николовски дека „Албанија никогаш нема да стане членка на ЕУ”, наредени со тон кој наликуваше на информираност, всушност пост-фестум испадна дека се очајнички обид да се ублажи и релативизира веста за која очигледно бил однапред информиран. И која пристигна, речиси со магична синхронизација, токму во часот кога Виктор Орбан – стратешки или утешително - слета во посета на неговиот огранок ВМРО-ДПМНЕ. На доволна дистанца од новинарските прашања дали „едногласноста на постојаните претставници” подразбира дека и неговиот амбасадор при ЕУ се согласил со раздвојувањето на Албанија и Северна Македонија.
Меѓународен санитарен коридор и хигиенска дистанца
Во меѓувреме отаде Атлантикот, Гордана Сиљановска се промовира себеси како без малку перјаница на „најрадикалните и најстрогите” во барањата за реформа на ООН. Предводништво кое судејќи според нејзиниот распоред на состаноци, допрва ќе треба да ги нотира светските колеги за нејзината битност во братството радикали и тренери на строгост. Неколку стотици километри подалеку, новиот министер за одбрана Мисајловски беше во посета на Пентагон. Каде беше пречекан од вршителката на должност потсекретар за политички прашања во Министерството за одбрана на САД, Аманда Дори. Утешително, новиот шеф на МНР Муцунски сепак мултилатерално вечераше со Џејмс O'Брајан, додека пак заменик премиерот Меџити билатерално беше пречекан од новиот претставник за Балканот, Александар Касаноф.
Да ги додадеме тука и јасните пораки од Велика Британија за значењето на Коридорот 8 за колективната безбедност на НАТО, пренесени од специјалниот претставник на Обединетото Кралство за Балканот, Лорд Пич. Надополнети со пораките од другиот Лорд, Ашкрофт, од сестринската конзервативна партија, дека „Северна Македонија и нејзината нова Влада мора да бидат одговорна НАТО членка, посветена кон евроатлантските вредности и интеграција”.
Сѐ на се, меѓународниот санитарен коридор и хигиенската дистанца од претставниците на ВМРО-ДПМНЕ е во полн замав и видливо и за голо око. Оваа влада веќе се наоѓа во периодот како кога Никола Груевски му порачуваше на тогашниот МНР Милошовски дека освен шетање по дебели дипломатски ќилими низ светот, треба малку да си ги прошета салонските чевли низ балкански калишта. Во кои тој самиот наскоро ќе заглиби заглавен до гуша, ама инаетчиски достоинствено, т.е. лузерски. Во смисла што неговиот инает се плаќаше и плаќа на сметка на достоинството на нацијата и народот кој тој, демек, ги бранеше и предводеше.
Бриселски оценки или производ на желбите на службено Скопје
Неслучајно, ваквите пораки следат на стодневието на Владата на Мицкоски, порачувајќи дека грејс-периодот е истечен и дека обврзувачкото мора да се испорача. Изборот на теми, начинот на нивно пренесување и тонот користен од партнерите укажува дека односот кон администрацијата на Мицкоски е се уште на ниво на блага иритација, но со тренд кој дополнително ќе се засилува во месеците пред нас. Се разбира, зависно од односот на Мицкоски – но и на опозицијата СДСМ-ДУИ, која се акомодира во позната патрдија од медиумско опозиционирање и шверц-комерц шурување со ВМРО-ДПМНЕ. Наивно е да се помисли дека очигледната недоверба кон западно-скептичната влада на ВМРО-ВЛЕН подразбира доверба во партиите предводени од ликови како Ахмети, Филипче или Петровска кои повеќе се сметаат за дел од проблемот и помалку како надеж за решенија.
Раздвојувањето на Албанија и Северна Македонија е лоша вест за ВМРО-ВЛЕН, но не и финална пресуда за двете земји. Претходните искуства со кочоперењата на Никола Димитров и Стево Пендаровски во однос кон Албанија се потсетник дека патот кон ЕУ навистина минува низ разни Сцили и Харибди и неочекувани промени. Но и дека дипломатијата на инает и умисленост порано или подоцна се враќа како бумеранг по глава на достоинството на граѓаните. Искуствата со Црна Гора и Македонија исто така укажуваат дека почетокот на преговорите не подразбира и првенство во зачленувањето. И тука се крие суштинскиот проблем не само на ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН, туку апсолутно подеднакво и на СДСМ и ДУИ.
Имено, прашање е дали оваа одлука на ЕУ за одвојување е резултат на бриселските оценки или пак производ на желбите на службено Скопје. Бидејќи настрана сите политикантски аргументи на администрацијата на Мицкоски,- нашите преговори со ЕУ не се определени од тоа дали Скопје може, дали Скопје е спречено, дали Скопје е запрено, туку дали Скопје воопшто сака членство во ЕУ, дали Скопје одбива да се приклучи кон ЕУ. Сублиминалната политика на Мицкоски-Сиљановска во експлоатација и јавање врз бранот на хроничниот полит-криминал и медиумски хранет ендемски евро-скептицизам и анти-албанството како параван за анти-западњаштвото се чини дека е веќе разбрано во западните кругови. Оттаму, вчерашната одлука во Брисел можеби наликува како исполнување на желбите на Мицкоски и Николовски да бидат оставени намира во реформатирање на Северна Македонија според нивен приватен, клановски, проруски и профитабилен ќеф. Тоа е нивното разбирање на достоинството. Но која е цената на исполнетиот инает?
Оценката дека Скопје не сака и одбива да биде членка на ЕУ подразбира дека порано или подоцна, некое друго службено Скопје ќе мора јово-наново да ја докажува и демонстрира искреноста во евроинтеграциите. Проблемот е што таа алтернативна опција е контролирана од партии како СДСМ и ДУИ кои (не толку примитивно како ВМРО и ВЛЕН) подеднакво се докажуваа како повеќе заинтересирани за зачленување на нивните крими-функционери отколку на самата земја. Оттаму, одвојувањето на Албанија и Северна Македонија е секако директен резултат на одбојноста на ВМРО-ВЛЕН кон ЕУ, но индиректно е и консеквенца на лажните прозападни политики на СДСМ и ДУИ диктирани од крим-клановите блиски на самите раководства.
За очекување е дека Мицкоски-Николовски ваквата шут-карта од Брисел ќе ја префрлат врз грбот и чувствата на граѓаните, со спинот дека демек Европејците не ве сакаат вас, Македонците и Албанците. Таа груевистичка патрдија секако ќе биде проголтана од послушниците кои и онака веруваат на Мицкоски-Николовски дури и доколку им кажат дека земјата е коцкеста. Па, барем додека не стигнат првите финансиски последици по нивниот приватен, а не партиски џеб.
Она што Мицкоски-Николовски нема да сакаат да им го објаснат на сопствените слепоследбеници и граѓани е дека во овие и вакви времиња, прашањето на интеграциите и преговорите е папочно поврзано со стабилноста. Или како што самите љубат да кажат, дестабилизацијата на државата. Впрочем, тоа е суштината на пораките поврзани со интеграциите, со коридорите и колективната безбедност на НАТО, т.е. корелацијата на фондовите од ЕУ за коридорите и безбедноста на НАТО која мора да се испорачува низ тие исти коридори. Оној кој ја релативизира, загрозува, попречува, саботира таа папочна безбедносна врска помеѓу ЕУ и НАТО не може да се нарече поинаку освен како подмолен дестабилизатор на сопствената држава. Па колку и да се обидува да копилето на неодговорноста или анти-западството го префрли пред туѓи, албански или бугарски, порти.
На крај, оваа одлука претставува и епилог на последната линија на утешителство преку инаетчиство скроено низ познатите просрпски пацки „и една Албанија, и едно Косово не претрка”. Пацка користена единствено во оваа земја и никаде на друго место, дури ни во Србија. Таа анахрона и примитивистичка култура на мерење „љубов или пиштол во панталони” егзистира единствено во ваква смислено култивирана зачаурена, заостаната средина заглавена во блатото на минатото од кое секој сака да се извлече, освен Мицкоски и Николовски. Дајте им време, за самите да разберат дека новата единица мерка на мерење ташланиц не се ни Албанија, ни Црна Гора ни Косово, туку „и една Северна Македонија ја претрка нашата Македонија.”
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.