Нема прераспоредување мировници на ОН во јужен Либан
5 октомври 2024Војниците на набљудувачката мисија на ОН „ќе ги задржат своите позиции“, се вели во соопштение на Унифил, по барањето на Израел за прераспоредување на делови од мировните трупи во Либан.
На 30 септември, Израел ги повика мировните сили на ОН „да ги повлечат мировниците од некои од нивните позиции“, бидејќи израелската армија планира „ограничени копнени операции во Либан“. Меѓутоа, војниците на мировните сили останаа „на сите свои позиции, а знамето на ОН продолжува да се вее“, се вели во соопштението на Унифил.
Мировните сили Унифил се стационирани во Либан од 1978 година и вклучуваат повеќе од 10.000 војници и цивили. Резолуцијата 1701 на ОН од 2006 година значително ги прошири задачите на сините шлемови. Мировните сили добија задача да го контролираат прекинот на огнот во пограничната област што беше постигнат по тогашната војна меѓу Израел и Хезболах и да ја поддржат либанската армија во заштитата на границата.
Во последниве недели, конфликтот меѓу Израел и проиранската милиција Хезболах во Либан значително се заостри. По воздушните напади врз цели на милицијата Хезболах, која е во сојуз со радикалната исламистичка палестинска организација Хамас, израелската војска во понеделникот вечерта (30.09) објави почеток на „ограничена копнена операција“ на југот на Либан.
Иран изврши голем ракетен напад врз Израел во вторникот вечерта, наведувајќи го како причина, меѓу другото, убиството на шефот на Хезболах, Хасан Насралах. Според израелски информации, најголемиот дел од околу 200 ракети истрелани од Иран биле пресретнати.
Односите меѓу Израел и ОН се тензични. Во средата, израелската влада го прогласи генералниот секретар на ОН,Антонио Гутереш за „непожелна личност“, бидејќи, според нејзино мислење, тој не го осудил адекватно иранскиот ракетен напад врз Израел. Израелскиот министер за надворешни работи Израел Кац рече дека Гутереш е „антиизраелски генерален секретар кој поддржува терористи, силувачи и убијци“.