Илегална миграција: Контроли на сите германски граници
10 септември 2024Германската министерка за внатрешни работи Ненси Фезер донесе одлука привремено да ги прошири контролите на сите германски национални граници. Причините за тоа се ограничување на илегалната миграција, но и заштита на внатрешната безбедност од актуелните закани од исламистички тероризам и прекуграничниот криминал, објаснува Фезер.
Предвидено е дополнителните контроли да започнат на 16 септември, а ќе траат, првично, шест месеци. Тоа значи дека „целиот пакет стационарни и мобилни мерки на граничната полиција ќе биде воспоставен на сите граници, вклучувајќи ја и можноста за одбивање влез во согласност со европското и националното право“, се вели во соопштението на германското Министерство. Притоа, како што се додава, влијанието врз оние кои одат на работа преку граница треба да биде што е можно помало.
Во средината на октомври минатата година, министерката воведе стационарни контроли на границите со Полска, Чешка и со Швајцарија. Ваквите контроли постојат на германско-австриската копнена граница од септември 2015 година. Сега – како што беше воведено за време на Европското фудбалско првенство – ќе има контроли и на границите со Франција, Луксембург, Холандија, Белгија и со Данска.
Контролата на внатрешните граници во Шенген зоната може да се воведе само во исклучителни случаи, за кои мора да се извести Европската комисија.
Австрија не сака да ги прифати оние кои се одбиени
Покрај граничните контроли, министерката Фезер најави и проширување на правилата за одбивање мигранти на германските граници - без да наведе детали. Германската влада, по минатонеделната средба со претставници на опозициските демохристијани (ЦДУ/ЦСУ), како и со претставниците на покраините, „разви модел за ефективно одбивање во согласност со европските закони“, соопшти Министерството и додаде дека овој модел го „надминува“ она што се правеше досега.
Одбивањето за влез на германските граници е можно само таму каде контролите се директно на границата. Според податоците на Министерството за внатрешни работи, од октомври 2023 година при проверките биле откриени околу 52.000 неовластени влезови во Германија, а на 30.000 лица им бил одбиен влез. Одбивањето во моментов е можно само во одредени случаи: ако некому му е забранет влез во земјата или не поднел барање за азил.
Австрија веќе најави дека не сака да прифати ниту еден мигрант одбиен од Германија. „Австрија нема да прифати луѓе на кои им е одбиен влез во Германија“, изјави министерот за внатрешни работи Герхард Карне за германските медиуми. „Тука нема никаков простор за игра. Тоа е законот.“ Затоа тој му наложи на шефот на австриската полиција да не врши никакви преземања.
Полицијата смета дека тоа е тешко да се спроведе во пракса
Полициските претставници и експертите во значителна мера ги критикуваат новите одлуки на Министерството. Полицискиот синдикат (ГдП) ги критикуваше и претходно воведените гранични контроли. „Дополнителното распоредување на персоналот е превисока цена за она што го постигнуваме“, рече претседателот на ГдП, Андреас Роскопф, додавајќи дека зголеменото ангажирање на границата и преместувањето на персоналот може да направи некои други места помалку безбедни.
Притоа, како што појасни, секој кој сака илегално да влезе во земјата или да криумчари луѓе сега ќе знае каде се спроведуваат зголемените контроли. Мерките се премногу ригидни и нефлексибилни, оцени претседателот на полицискиот синдикат.
Синдикатот начелно ја поздравува одлуката за одбивање на барателите на азил на границите, но смета дека таа треба да се регулира така што полицајците да „немаат правни проблеми потоа“. Според синдикатот, Сојузната полиција, која е одговорна за граничните контроли, веќе сега е ангажирана до крајни граници.
Експерти: Стационарни контроли се лошо решение
Критики доаѓаат и од Експертскиот совет за интеграција и миграција (СВР), тело кое ја советува германската сојузна влада за овие прашања. СВР е против постојани, стационарни контроли во Шенген зоната, а нивните аргументи се слични на оние што ги презентира полицискиот синдикат. „Шверцерите на луѓе брзо се прилагодуваат на ова, а тоа предизвикува високи економски трошоци кога ќе дојде до метеж на границите“, се вели во соопштението на Експертскиот совет.
„Во суштина, потребно е европско решение доколку сакате подобра контрола и ограничување на миграцијата на бегалците. И повеќе соработка со земјите на потекло и транзит“, рече претседателот на СВР, Ханс Форлендер. „Не помагаат ниту повиците за натамошни и дополнителни измени и заострувања на законите, ако всушност проблемот е како сето тоа да се спроведе“.