1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
РелигијаГлобално

Илјадници луѓе се простуваат од Бенедикт Шеснаесетти

Бернд Ригерт
3 јануари 2023

Телото на покојниот папа Бенедикт XVI. е изложено во базиликата Свети Петар. За многумина ожалостени верници ова е важен чин. За други пак неочекувана кулминација на нивната туристичка посета.

https://p.dw.com/p/4LfDl
Телото на покојниот папа Бенедикт Шеснаесетти е изложено во базиликата Свети Петар
Телото на покојниот папа Бенедикт Шеснаесетти е изложено во базиликата Свети ПетарФотографија: Vatican Media via REUTERS

 „За мене и моето семејство ни беше како татко“, вели младата Италијанка Астја, која тукушто излегува од базиликата Свети Петар на големиот плоштад во Ватикан. За неа беше важно да се збогува и да го види положеното тело на починатиот поранешен папа Бенедикт XVI. „Тоа беше интересен и емотивен момент. Среќна сум и трогната."

Под големата куполаво базиликата Свети Петар телото на Бенедикт не е поставено во ковчег, туку на перници на благо навален постамент, а тој е облечен во бела литургиска одора со црвена наметка, и митра на главата. Во прекрстените раце држи бројаница. Сè изгледа едноставно без папска помпа. Ова е по желба на Јозеф Рацингер, како што се викаше Бенедикт XVI. пред во 2005 да биде избран за папа. Впрочем тој пред речиси десет години се повлече од функцијата. Не ги носи ниту познатите црвени чевли што му беа омилени како папа, туку има едноставни црни чевли. Овој детал посебно го истакна портпаролот на Ватикан.

Ожалостени верници и туристи се простуваат од папата

Илјадници луѓе му се поклонија напапата кој почина на 31 декември. Меѓу првите кои утрото дојдоа во Ватикан, беа италијанскиот претседател Серџо Матарела и новоизбраната премиерка Џорџа Мелони, чија екстремно десничарска партија радо се повикува на конзервативните, католички семејни вредности. Во близина на покојниот папа, меѓу ожалостените беше и Георг Генсвајн, кој 20 години му беше близок пријател и човек од доверба, негов приватен секретар и придружник и во последните години во манастирот во Ватиканските градини. Куријалниот бискуп Генсвајн од време на време ставаше темни очила, веројатно за да ги скрие солзите од напливот на емоции поради сочувството од илјадници луѓе.

Река од луѓе, од понеделникот наутро поминува покрај посмртните останки за да му оддаде почит на папата. Некои се задржуваат кусо за да се помолат, други се обидуваат да се сликаат.

„Многумина кои поминуваат се туристи и не значи дека се побожни обожаватели на папата,“ смета Дејвид Кели од Франција, кој исто така е тука за да оддаде почит. Секако и голем број туристички групи кои случајно се најдоа во овој момент во Светиот град и секако би ја посетиле базиликата Свети Петар, ќе бидат сведоци на овој историски момент. За првпат, по стотици векови еден папа, односно Франциско ќе погреба поранешен папа. Погребот ќе биде во четврток.

Редица луѓе пред базиликата Свети Петар - простување од папата Бенедикт
Редица луѓе пред базиликата Свети Петар - простување од папата Бенедикт Фотографија: Bernd Riegert/DW

 „Специфично конзервативен"

„Навистина сум среќна дека се најдов овде,“ вели Американката Денис Морис која е на одмор во Рим. Татко и` многу му се восхитувал на Бенедикт поради неговиот специфичен конзервативизам. Црквата ќе ја преболи загубата, вели таа и додава: „Црквата ќе продолжи понатаму да се развива. За нас, членовите на оваа црква, секогаш ќе остане важна."

Еден човек од Полска, кој сакаше да остане анонимен, специјално дошол за да се збогува со понтифот. Овој католички верник вели дека многу се растажува кога ќе помисли на смртта на „Папараци“ како што го викаа починатиот папа Јозеф Рацингер. „Тој беше доста традиционален. Нам во Полска ни се допаѓа тој традиционален начин на црква и вера. Денес се молам за Папараци."

Навистина, германскиот професор по теологија Јозеф Рацингер како папа ги продолжи конзервативните учења на неговиот претходник од Полска, Папата Јован Павле II. Рацингер со децении беше и раководител на Конгрегацијата за доктрина на верата, која е втората најважна позиција во Ватикан кога станува збор за католичкото учење.

Извонреден интелектуалец или голем теолог?

Надвор пред портите на базиликата и понатаму голем број луѓе стојат во редици. За влез се чека најмалку два часа. Плоштадот е полн, но не е преполн. За смртта на претходникот на Бенедикт XVI., особено популарниот папа Јован Павле II. милиони луѓе дојдоа во Рим за да се простат од него. Бенедикт кој кај италијанските верници важи за извонреден интелектуалец, не беше многу популарен во Италија, дури помалку иод актуелниот папа Франциско.

Ова се гледа и во продавниците за сувенири во близина на Ватикан. Таму може да најдете секакви сувенири од Јован Павле II и од Франциско, додека сувенир од Бенедикт треба да барате со лупа, дури и сега. Сестра Марија Горети Ли од Јужна Кореја нема баш разбирање за ова. Таа живее во Рим и смета дека Бенедикт XVI. кој напишал бројни книги и дела е навистина голем теолог. „Тој не` инспирираше. Студиравме од неговите книги. За време на неговиот понтификат ни покажа дека е исклучително скромен и всушност многу срамежлив."

Продавница за сувенири во близина на Ватикан
Продавница за сувенири во близина на Ватикан Фотографија: Bernd Riegert/DW

Да се избегне впечатокот на државнички погреб

Според папските правила, погребите треба да се во четврток. Тоа било желба и на Бенедикт XVI. Си го избрал и местото каде ќе биде погребан како и целата церемонија. Актуелниот папа Франциско ќе одржи миса во спомен на неговиот претходник на плоштадот пред базиликата Свети Петар. Потоа Бенедикт XVI. Ќе биде ставен во саркофаг и закопан во пештерите во Ватикан во присуство најтесниот круг.

Во пештерите се закопани околу 90 папи. Официјални државни делегации ќе има само од неговата татковина Германија и од Италија. Протоколот во Ватикан соопшти дека се сака да се избегне впечатокот на државен погреб, без оглед на тоа што Бенедикт бил владетел на малата држава Ватикан. Се очекуваат и голем број верници од Баварија од каде што потекнуваше 95- годишниот папа. Меѓу другите и баварскиот премиер Маркус Зедер.

За католичката црквасмртта на папата емеритус, односно почесен папа, значи враќање во нормала – да има само еден жив папа. Но експертите за Ватикан во италијанските весници веќе подолго време шпекулираат дека и папата Франциско наскоро ќе се повлече. Се жали на здравствени проблеми и неколкупати наговести вакво нешто. Папата Франциско има 86 години, една повеќе од колку што имаше Јозеф Рацингер кога се повлече.

„Оставката тогаш беше добар потег“, смета Давид Кели од Франција, кој исто така беше во посета на базиликата. „Со тоа им даде пример на сите идни папи,“ додава тој.

 

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија