Илон Маск ги навредува германските политичари
3 јануари 2025Во Германија почна „жешката“ фаза одпредизборната кампања - на 23 февруари ќе се одржат изборите за нов состав во Бундестагот. Десничарската Алтернатива за Германија (АфД), во која германската служба за заштита на редот гледа екстремистички елементи, може да смета на поддршката на една добро позната личност - Илон Маск. Овој близок пријател на Доналд Трамп од пред неколку дена отворено ја поддржува партијата Алтернатива за Германија, а дополнително ги провоцира и напаѓа претседателот и канцеларот на Германија.
Претседателот Штајнмаер гледа „опасност за демократијата“
На платформата Х, на последниот ден од старата година, Маск го нарече германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер (СПД) „недемократски тиранин“ со додатокот – „срам да му е“.
На 27 декември, во говорот по повод распуштањето на Бундестагот, Штајнмаер предупреди на опасноста од манипулирање со изборите во Германија. „Надворешното влијание е опасност за демократијата – без разлика дали е скриено, како неодамна на изборите во Романија, или е отворено и нескриено, како што тоа сега интензивно се прави на платформата Х.“
По распадот на владејачката коалиција на 6 ноември, Маск на таа платформа го нападна и германскиот канцелар Олаф Шолц (СПД). „Олаф е будала“, напиша тој на германски.
И во свесникот Велт ам зонтаг, овој милијардер уште еднаш повика да се гласа за AфД. Тој напиша дека Алтернатива за Германија може да ја спречи Германија да стане сенка за себе. „Германија се задоволи со просечност - време е за храбри промени и АфД е единствената партија која го отвора тој пат.“
Според Маск, АфД е „единствената искра на надеж за земјата“ која се движи на „работ на економски и културен колапс“, само таа партија може да ја заживее германската економија и да го спречи губењето на идентитетот со воведување на „контролирана имиграциска политика“. „На оние кои ја осудуваат АфД како десноекстремистичка, им велам: немојте да ве залаже етикетата која ѝ се припишува.“ Тој истакна дека копретседателот на АфД има животна партнерка од Шри Ланка. „Дали тоа ви звучи како Хитлер? Ајде, ве молам!"
Комуникација помеѓу Маск и Алис Вајдел
Сега предизборната помош на Маск за АфД може да стане уште поконкретна. Бидејќи, нивните портпароли наведуваат дека кандидатката на АфД за канцеларската функција на претстојните избори, Алис Вајдел и Илон Маск планираат да се сретнат во телевизиска емисија. Информациите за ова веќе се разменуваат преку X спејс, виртуелниот простор на X за преноси во живо.
Кабинетот на германскиот претседател реагираше со крајна воздржаност на нападите на Маск врз Штајнмаер. Тие велат дека го забележале коментарот на Маск - и тоа е сѐ. На ист начин се однесува и германската влада.
Можна стратегија на Илон Маск
Најбогатиот човек на светот веројатно пред сè ги има на ум своите економски интереси. Во својот текст за Велт ам Зонтаг, тој ја пофали АфД за плановите на партијата „да ја намали прекумерната државна регулатива, да ги намали даноците и да го дерегулира пазарот“. Од ова ќе има корист, меѓу другото, и неговата фабрика Тесла во Бранденбург - првата фабрика на американски производител на електрични автомобили во Европа.
Но, Маск, со своите 200 милиони следбеници ширум светот, ја следи и глобалната политичка агенда со цел да се обезбеди поддршка на десничарските сили. Се шушка дека на британскиот десничарски популист Најџел Фараж му подарил 95 милиони евра како донација за неговата партија.
Покрај тоа, Маск одржува блиски контакти со италијанската премиерка Џорџа Мелони и со нејзината партија Браќа на Италија. За одлуката на судот да не дозволи владата да сместува мигранти во Албанија, тој на Х напиша: „Тие судии мора да одат“.