1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Има ли еколошки огномет и како изгледа тој?

Надин Годе | СВР
31 декември 2022

Првпат по две години за дочекот на Нова година во Германија се дозволени ракети, а тоа значи и илјадници тони отпад кој ќе ја оптовари животната средина. Производителите работат на концептот на „одржлив“ огномет.

https://p.dw.com/p/4LZyb
Огномет во Берлин (архивска фотографија)
Огномет во Берлин (архивска фотографија)Фотографија: Bildagentur-online/McPhoto-Schulz/picture alliance

Според податоците на германскиот Сојузен завод за животна средина, Германците за дочекот во 2019 година купиле 43.000 тони пиротехнички материјали. Организацијата за заштита на животната средина, Германска еколошка помош (ДУХ), ја критикува оваа практика: „Голем дел завршува на зелени површини и во вода, каде што тешко може да се собере“.

Производителите на пиротехнички средства реагираат на ваквите критики. Производи што се разградуваат би требало да овозможат одржлив дочек на Новата година. „Потребно ни е уште време за еколошко подобрување на производите за огномети“, вели Оливер Герстмајер, портпарол на фирмата „Огномет Веко“.

Веќе во 2021 година, компаниите од оваа бранша во Германија во голема мера се откажаа од пластиката - од врвот на ракетите, преку основата, до обвивките на фитилите. „Сѐ што е направено од пластика се заменува со хартија и картон. Го обработуваме и нашиот материјал за пакување“, вели Герстмајер. Така, отпадот може природно да се разгради во рок од половина година.

Сомнежи во спроведливоста

„Јасно е дека разградливост на материјалите во природа претставува предност во споредба со вештачките материјали“, вели Тим Херман од Сојузниот завод за животна средина, но додава и дека не е дозволено нивно фрлање во контејнери за биолошки отпад. Тој објаснува дека е преголема опасноста и овој отпад да содржи отровни материи. Затоа, комуналните служби, на пример во Мајнц-Бинген, предупредуваат дека има разлика помеѓу теоретското и практичното компостирање: „Теоретски, употребените материјали може да се компостираат. Меѓутоа, кога се пали огномет, се создаваат многу штетни материи. Тие можат да го загадат компостот“.

Германците за дочекот во 2019 година купиле 43.000 тони пиротехнички материјали
Германците за дочекот во 2019 година купиле 43.000 тони пиротехнички материјалиФотографија: picture-alliance/imagebroker/W.G. Allgöwer

Сепак, оваа година полиците во продавниците ќе бидат полни со стара стока што не се потрошила во годините на пандемијата, кога немаше огномет.Претседателот на Синдикатот на производители на пиротехнички средства, Томас Шрајбер, во соопштение за медиумите потсетува дека 90 отсто од продажбата се врши на неколку дена пред прославата и дека во претходните години продажбата драстично опаднала, па нема пари за истражување. Но, од компанијата „Веко“ велат дека не се откажуваат од целта огнометот да биде еколошки одржлив и дека на вакви истражувачки проекти соработуваат со институти и универзитети.

Универзитетско истражување за одржлив огномет

Таа компанија соработува со минхенскиот универзитет „Лудвиг Максимилијан“ (ЛМУ), каде Магдалена Русан истражува како да се намалат, отстранат и заменат материјалите што се штетни за животната средина: „Притоа, особено го анализираме тоа што е во ракетата и создава бои.“

Некои хемикалии се помалку токсични од другите. Постојат различни супстанции за сината боја. Русан вели дека се, на пример, можни различни комбинации за сината боја: „Досега за ова се користеше соединение од бакар и хлор. Ако го замените хлорот со бром, тоа е помалку токсично“.

Истовремено, додава таа, мора да се знае за кого што е отровно - за растенијата, водните организми, животните или луѓето. А, според неа, пресудно е количеството на тие супстанции што се користат: „Сè работиме во лабораториски услови. Треба да се направи уште голем чекор до комерцијална употреба“.

На новогодишната ноќ огнометот во Германија ќе биде сѐ, само не еколошки
На новогодишната ноќ огнометот во Германија ќе биде сѐ, само не еколошкиФотографија: Marijan Murat/dpa/picture alliance

Балет на дронови како еколошка алтернатива?

Во последните две години е постигнат напредок во создавањето алтернатива на новогодишниот огномет. Во Форцхајм, на пример, огнометот е заменет со спектакл со дронови кои го обојуваат небото во различни формации. Организацијата „Германска еколошка помош“ смета дека ваквата постапка е добра и за луѓето и за животните.

„Реакцијата на тоа шоу беше бомбастична“, се сеќава Филип Дерфлингер од локалното здружение за уредување на градот. Тој е еден од иницијаторите за замена на огнометот со дронови. Сепак, годинава нема да има „балет на дронови“, бидејќи огнометот е повторно одобрен.

„Една ракета е доволна за да собори 50 дронови“, вели Дерфлингер, додавајќи дека конвенционалните огномети не само што се поскапи, туку носат и поголем ризик од повреди. „Ако сакаме спектакл со дронови, тогаш не само што ќе треба да се забрани огнометот, туку и продажбата на пиротехнички средства.“

Дерфлингер објаснува и дека една општина не може да направи ништо сама, бидејќи луѓето би купиле пиротехнички средства во блискиот град. „Лично јас не би бил за таква забрана, но доколку тоа се случи, беспилотните летала би биле убава алтернатива.“

И покрај таквата можност, и покрај истражувањата и развојот, на новогодишната ноќ огнометот во Германија ќе биде сѐ, само не еколошки.

Огнометите го загадуваат воздухот