1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Институциите си ја префрлаат топката за „Соравија“

ДТЗ
27 јуни 2023

Се бара отворање на постапка за проверка на финансиските текови околу продажбата на трговскиот центар „Соравиjа“, каде како сопственик влегува и Дрин Ахмети, внукот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

https://p.dw.com/p/4T7lh
трговски центар „Соравија“
Институциите си ја префрлаат топката за „Соравија“Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Институциите меѓусебно се прозиваат кој е надлежен да истражи како внукот на Али Ахмети стана сопственик на трговскиот центар „Соравија“ со 39% удел, но засега е неизвесно дали некој ќе се нафати да ја истражи купопродажбата на атрактивниот деловен простор во центарот на Скопје. 

Јавното обвинителство ги повика  институциите надлежни за контрола на финансиските текови да поднесат известување или пријава за внукот на Али Ахмети, Дрин Ахмети кој стана сопственик на 39 проценти од деловниот центар „Соравиа“. „Јавното обвинителство ги следи информациите. Доколку органите надлежни за откривање на кривични дела и контрола на финансиските текови (Управата за финансиска полиција, Единицата за финансиски истраги при МВР, Управата за јавни приходи или др.) постапат и достават известување или пријава, обвинителството ќе постапи согласно своите законски надлежности“, соопшти Обвинителството.

Инструментот на допрен глас се користи доколку во конкретниот случај постојат сериозни индиции или наводи за сторен криминал или кога органите надлежни за откривање кривични дела не постапуваат согласно своите надлежности.  

пари
Јавното обвинителство ги повика институциите надлежни за контрола на финансиските текови да поднесат известување или пријава за внукот на Али АхметиФотографија: Monika Skolimowska/dpa/picture alliance

Повици за истрага 

Повикот следи по силниот притисок во јавноста да се истражи случајот. Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски вели дека институциите имаат можност да отворат постапка за проверка на финансиските текови околу продажбата на трговскиот центар „Соравиjа“, каде сопственик со удел од 39 проценти стана и Дрин Ахмети,  внук на лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

„Ова се податоци и информации коишто даваат можност да се отвори постапка за проверка, пред сè финансиските текови, и секако дека јавното обвинителство ќе може да отвори истрага и врз основа на тоа да задолжи соодветни институции за спроведување на законот и да се проверат сите факти и аргументи“, рече Спасовски, вперувајќи го прстот кон Обвинителството. 

Станува збор за продажба на две фирми – „Соравија инвест“ и „Соравија менаџмент“, кои досега беа во сопственост на австрискиот бизнисмен „Хано Соравија“. Внукот на Ахмети, како сопственик на „Тор индустрис“ во новата сопственичка структура ќе има 39 отсто удел во „Соравија инвест“, а 49 во „Соравија менаџмент“. Како мнозински сопственик со 51 отсто во двете фирми ќе биде фирмата „Пе-вла-ку“ од Албанија на бизнисменот Владимир Пјетерѓокај. Новите сопственици во понеделникот (26.06) на прес-конференција во Скопје информираа дека го преземаат долгот на „Соравија“ од над 20 милиони евра, како и дека подигнале кредитна линија од шест милиони евра од албанската банка „Креденс“ во Тирана. 

 

Дрин Ахмети
Внукот на Ахмети, како сопственик на „Тор индустрис“ во новата сопственичка структура ќе има 39 отсто удел во „Соравија инвест“, а 49 во „Соравија менаџмент“. Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Сомнежи кој стои зад зделката 

Драган Ковачки, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ на пред-конференција порача дека Дрин Ахмети, со вчерашното признание дека презема 39 отсто од сопственоста на деловниот центар „Соравија“, без да даде ниту еден денар за тоа, само затоа што има претприемачки дух, фрла сомнеж и дополнително го инкриминира Али Ахмети, дека тој лично стои зад целата оваа зделка

„’Тор индустрис’ на Дрин Ахмети, внук на Али Ахмети, е фирма која е основана во 2020 година, таа не прикажува профит, напротив, работи и со загуба. Истата оваа фирма, сега заедно со албанската ‘Пе-вла-ку’, го презема деловниот центар ‘Соравија’ и, наместо со паричен влог, фирмата партнер од Албанија е таа која плаќа, а младиот Ахмети добива 39 отсто затоа што е млад и има убав поглед кон иднината. И како таков треба да го менаџира деловниот центар“, вели Ковачки.

Внукот на Ахмети, според Ковачки, очигледно е најпосакуваниот бизнис партнер во Македонија затоа што, како што рече, за тој да влезе во бизнис не плаќа, туку други плаќаат за него. Повика Јавното обвинителство и органите на прогонот веднаш да отворат истрага. Непостапувањето од страна на Јавното обвинителство и на истражните органи, според него, ќе значи нивна вмешаност. 

„Посебни дипломатски вештини“ 

Само неколку дена откако 24-годишниот внук на Али Ахмети го купи трговскиот центар Соравија, за уште еден негов внук во јавноста се обелодени информација дека е назначен за прв секретар на Амбасадата во Брисел. Партијата „Алтернатива“ , реагира дека „откако се покажа дека Дрин Ахмети има 'посебни деловни вештини', за другиот внук, Бесијан Ахмети, произлезе дека има 'посебни дипломатски вештини' и дека тоа било причината поради која беше назначен во дипломатијата и покрај тоа што неговиот стаж е помалку од една година, а дипломатското искуство е нула“.

„Секако, во овие случаи поважно од сè е презимето Ахмети и семејната врска со Али Ахмети“, велат од партијата. 

„Наместо Бујар Османи да унапредува и именува во дипломатијата десетици искусни Албанци, кои со години се шетаaт по ходниците на МНР и никој не им обрнува внимание, тој се одлучува за еден сосема нов и неискусен човек и го праќа во главниот центар на дипломатијата. Ова, освен што е штетно за дипломатијата на нашата земја, освен што произведува лоша слика за Северна Македонија, туку е и разочарувачки за секој млад Албанец, кому не му чичко Али Ахмети и кој го нема презимето Ахмети. Затоа, не можеме да не се прашуваме „Уште колку внуци му останале на Али Ахмети, за некогаш да им дојде редот и на другите млади Албанци'?, реагираат од „Алтернатива“