Интеграција во ЕУ според заслуги - повтори Софија
23 јануари 2025Поддршка на проширувањето на ЕУ, но според принципот на сопствени заслуги, односно исполнети обврски. Ова е ставот кој го повтори новата влада во Софија, а првото потсетување дојде од изјавите на бугарскиот премиер за време на неговата прва дводневна работа посета на Стразбур, која заврши вчера.
„Во однос на проширувањето на ЕУ ние ја потврдивме нашата позиција која е поврзана со земјите од Западен Балкан - дека се држиме до принципот на сопствени заслуги, така како што не еднаш, туку постојано изјавуваме", изјави бугарскиот премиер Росен Желјазков по средбата со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта.
Тој во Стразбур се сретна и со претседателката на ЕП, Роберта Мецола, како и со претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен. Меѓу темите за кои се разговорало со фон дер Лајен, според владините соопштенија, не се спомнува проширувањето. Бугарскиот премиер изјави дека на средбата било важно да потврди взамната доверба меѓу новата бугарска влада и новата Комисија.
„Бугарија мора да се врати во центарот на политичките процеси во Европа“, нагласил Желјазков на средба пред бугарските европратеници.
„Принципот на заслуги“ е потенциран и во првиот телефонски разговор остварен меѓу новиот бугарски министер за надворешни работи, Георг Георгиев, со високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Каја Калас. Како што објави бугарското МНР, меѓу другите теми „акцент бил ставен на поддршката за проширувањето на ЕУ и интеграцијата на Западен Балкан, следејќи го принципот на сопствените заслуги на земјите кандидати". Георгиев и Калас се согласиле околу клучната улога што ја има Бугарија, како членка на ЕУ, во градењето на мирот и безбедноста во Европа и подржувањето на основните принципи за единство и консензус на Унијата.
Радев: Државното раководство да покаже политичка волја
Европската интеграција на Западен Балкан била тема во телефонскиот разговор меѓу бугарскиот претседател Румен Радев и специјалниот претставник на ЕУ, Мирослав Лајчак. Радев и Лајчак го истакнале приоритетното значење што ЕК и го дава на темата за проширување на ЕУ, што му овозможува на Западен Балкан да напредува во исполнувањето на критериумите за членство. Како што се наведува во соопштението, „бугарскиот претседател ја истакнал неговата објективна оценка за различните проблеми во регионот и конструктивен пристап при нивното решавање".
„Претседателот Радев изрази и надеж дека во најскоро време државното раководство на Република Северна Македонија ќе покаже политичка волја за спроведување на европскиот консензус од 2022 година, со кое ќе го отвори патот на земјата кон преговори за полноправно членство во ЕУ“, се вели во соопштението објавено од прес-службата на бугарскиот претседател.
Борисов на чело на Комисијата за надворешна политика
Овие изјави не се различни од оние што и претходно доаѓаа од Софија, со што во однос на Македонија се испраќа истата порака - спроведете ги преземените обврски.
Во контекст на дискусии кои ја засегаат оваа тема, веќе се знае кои пратеници ќе ги предводат собраниските комисии во чија надлежност евентуално би се разгледувале тие прашања и оние што поврзани со нив. Комисијата за надворешна политика во 51. Бугарско Народно собрание, која има 19 членови, ќе ја предводи Бојко Борисов, лидер на ГЕРБ и претседател и на пратеничката група на ГЕРБ-СДС. За заменик-претседатели се избрани Јорданка Фандакова исто така од ГЕРБ-СДС, Лена Бориславова од ПП-ДБ, Ангел Георгиев од „Преродба“ и Радостин Василев од „Морал, единство, чест“ (МЕЧ). Претседател на Комисијата за европски прашања е Димитар Грдев от ИТН. Стојан Таслаков од „Преродба“ е претседател на Комисијата за политики за Бугарите во странство. Во оваа Комисија често беа канети на дискусија претставници на бугарските здруженија од Македонија.
Ќе расте ли Европа?
Надвор од политичките кабинети, прашањето за проширувањето на ЕУ вчера беше дискутирано и на Светскиот економски форум во Давос.
„Хрватска го поддржува проширувањето на Европската унија, но нејзиниот капацитет за примање ќе биде oд решавачко значење за темпото на проширување", изјавил вчера хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ за време на форумот, на панелот насловен „Ќе расте ли Европа?“
Тој повикал на реализам, истакнувајќи дека сојуз со уште осум или девет членови „ќе биде целосно различна организација“, објави хрватската новинска агенција ХИНА.
„Одамна заборавениот четврти критериум од Копенхаген од 1993 година повторно исплива: капацитетот за примање на ЕУ. Какви се буџетските расходи за проширувањето? Како новите членки ќе влијаат на балансот помеѓу земјите кои придонесуваат и земјите-кориснички? Какви ќе бидат ефектите врз јавните политики, кохезијата и земјоделството“, ги навел Пленковиќ клучните прашања.
Процесот на одлучување
Покрај буџетските импликации, хрватскиот премиер истакнал дека има уште едно неодложно прашање што треба да се реши - „процесот на одлучување во рамките на ЕУ и нејзината институционална архитектура“.
„Денешниот сојуз од 27 членови, во споредба со потенцијални 36 членови, веќе би бил различна организација. Беше чудно за оние кои беа дел од сојузот, кога имаше само шест члена, но со 36 ќе биде сосема друга организација. На овие два елементи ќе се заснова динамиката на проширувањето", посочил Пленковиќ.
Тој изразил задоволство што политиката на проширување на ЕУ повторно е приоритет за сите заемји членки, посочувајќи дека одамна не видел „толкав позитивен став кон проширувањето“. Хрватскиот став го сподели и на платформата „X“ по панел дискусијата.
„Хрватска е еден од најголемите заговорници на проширувањето и континуирано се трудевме ова прашање да се врати во фокусот на ЕУ. Просперитетно и безбедно соседство е во интерес на Хрватска и ЕУ. Изменетите геополитички околности покажаа колку бил исправен нашиот став“, напиша хрватскиот премиер.
Еврокомесарката за проширување Марта Кос потсетила дека земајќи го предвид капацитетот за прием на ЕУ, минатата година Европската комисија започнала со преглед на различни области во подготовка за проширување - области кои вклучуваат вредности, финансии, јавни политики и управување.
„Треба да бидеме подготвени, во спротивно Европската унија нема да биде силна... Кога разговараме за проширувањето, треба да се фокусираме на три патеки: преговори со земјите кандидати, подготовка на Унијата за нови членки и работа со земјите-членки за справување со нивните грижи“, изјавила Кос.
Премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ, порачал дека ЕУ „треба да се отвори малку повеќе“ и да ја разгледа пошироката слика и ефектите од проширувањето.