1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИран

Иран: Со бран апсења против бранот протести

Шабнам фон Хајн
14 октомври 2022

За да ги стават под контрола актуелните протести, иранските безбедносни органи произволно апсат и затвораат граѓански активисти. Меѓу нив има и компјутерски инженери кои ја критикуваат блокадата на интернет.

https://p.dw.com/p/4I2QR
Ирански гимназијалки им покажуваат среден прст на верските лидери Хомеини и Хамнеи, кои се на заедничка фотографија над училишната табла
Ирански гимназијалки им покажуваат среден прст на верските лидери Хомеини и Хамнеи, кои се на заедничка фотографија над училишната таблаФотографија: SalamPix/abaca/picture alliance

„Интернетот е сѐ уште многу бавен, се чувствувам исклучен од светот.“ „Сега не функционираат ни ВПН мрежите. „Платформите на Месинџер, ВотсАп и Сигнал се блокирани.“

Корисниците на интернет од Иран известуваат за големите блокади на интернет. Од почетокот на октомври на Скајп може бесплатно да се бара во Иран, но обратно не функционира.

За да спречат нови протести, полицијата и безбедносните сили во моментов произволно апсат активисти од цивилното општетство. Амир Мирмирани е уапсен пред една недела. Овој програмер е познат по името „Јади“ и е најпознат блогер кој се занимава со технолошките теми во Иран.

Повеќе од 10 години продуцира поткаст и советува за програмирање, за основање на старт-апови, користење на база на податоци и за безбедно сурфање на интернет. Во 2021 година Јади дури беше и награден со иранската национална награда за ширење на знаење.

Од добитник на награда до државен непријател 

Според зборовите на неговата сестра, силите на безбедност со измама влегле во неговиот стан. Заѕвониле и тврделе дека сакаат да го проверат неговиот приклучок за гас. Само што ја отворил вратата Мирмирани бил уапсен и одведен, без да му е покажан налог за апсење.

Јади на Јутуб јавно ги критикуваше недамнешните блокади на интернет и спаѓа меѓу ретките стручњаци кои не ги поддржаа владините планови за национализација на интернетот. Петмина од овие познати ИТ стручњаци се уапсени во изминатите денови. 

Со национализација на интернетот државата сака мрежата во Иран да ја претвори во некој вид интранет кој овозможува пристат само на ирански веб-страници. Оваа дигитална изолација исклучително би им отежнала на новинарите во и надвор од земјата за да стекнат јасна слика за случувањата на терен и да ги проверат информациите. На пример, кога државата ја тресат протестни бранови, како што е тоа сега случај.

Повод за протестите беше смртта на младата Махса Амини во полициски притвор пред неколку недели. Оваа 22-годишна девојка со курдско потекло беше уапсена поради правилата за носење на шамија, а два часа подоцна беше префрлена во болница каде лекарите установиле смрт. Полицијата тврди дека се работи за инфаркт. Во службеното соопштение од болницата, кое прво беше објавено на Инстаграм, а подоцна беше тргнато, се констатира дека младата жена „веќе била мртва кога е примена“.

Според наводите на Иранската револуционерна гарда, 90 насто од оние кои во моментов демонстрираат во земјата се млади под 25 години
Според наводите на Иранската револуционерна гарда, 90 насто од оние кои во моментов демонстрираат во земјата се млади под 25 годиниФотографија: EPA-EFE

Новинарите кои први пишуваа за случајот се уапсени. Но, не само тие. Уапсени се и оние кои во минатото го поддржувале известувањето за демонстрациите во Иран.

Како на пример, фотографката Јалда Моајери. Таа живее во Техеран и работи за познати меѓународни медиуми. Според податоците на Одборот за заштита на новинари, невладина организација со седиште во Њујорк, до 4 октомври во Иран се уапсени најмалку 35 новинари. 

Протести од нови извори 

Списокот на познатите лица кои од почетокот на протестите во Иран се уапсени е многу долг. Има фудбалери, пејачи, студенти, актери, а особено многу има активистки за заштита на правата на жените. „Бранот апсења започна во Курдистан набрзо по погребот на Махса“, вели за ДВ Асеих Амини.

Авторката и активистка за правата на жените живее во егзил во Норвешка. Таа состави список на активистки кои се уапсени во последните три недели. Тука е и Бахарег Хедазат, уапсена на 3 октомври. Оваа 41-годишна жена повеќепати била притворена во изминатите 13 години, по големите протести во 2009 година и поминала вкупно 7 години во затвор поради активно залагање за повеќе демократија во Иран. Сегашните демонстрации таа не ги коментираше јавно.

„Според мое мислење, безбедносните сили едноставно ги апсат сите познати активисти ширум земјата. Не сфатија дека на овие протести кои се сега на улиците не можат да влијаат познатите лица“, објаснува Амини. „Младите кои излегуваат на улиците сами одлучуваат кога и каде ќе се сретнат, дури и во мали групи. Затоа е тешко да се стават под контрола.“

Сцена од протестите по смртта на Махса Амини во Техеран на 19 септември 2022
Сцена од протестите по смртта на Махса Амини во Техеран на 19 септември 2022Фотографија: picture alliance/dpa

Според пишувањето на весникот „Јаван“, близок на Револуционерната гарда, 90 отсто од демонстрантите се помлади од 25 години. Весникот ги напаѓа како нова генерација „насилници“ - во согласност со изјавите на иранскиот политички и духовен лидер Али Хамнеи, кој ги означи протестите како заговор со кој се управува од странство. „Властите едноставно одбиваат да ги разберат луѓето и нивниот бес, нивниот одговор е репресија“, вели Амини.

Официјално не се знае колку симпатизери на протестите се досега убиени или уапсени. Според наводите на иранската организација за човекови права ИХР, најмалку 154 лица се убиени до 4 октомври, многу од нив со огнено оружје.