1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Избори во Србија: Косово носи поени, ЕУ не се споменува

Немања Рујевиќ
6 декември 2023

Европската унија има сѐ полош имиџ во Србија, па „европскиот пат“ веќе не им е адут ниту на граѓанските партии во предизборната кампања. Косово повторно е една од главните теми, бидејќи десницата тука гледа своја шанса.

https://p.dw.com/p/4Zmmx
Графит на ѕид во Белград
Графит на ѕид во БелградФотографија: AP

На нецели две недели пред изборите, јасно е дека прашањето за „европскиот пат“ на Србија не игра речиси никаква улога во кампањата. Од друга страна, темата Косово е меѓу врвните приоритети, па ни властите не можат да ја избегнат, иако би сакале.

Тие две работи - да се зборува малку за ЕУ и многу за Косово - се тесно поврзани, велат соговорниците на ДВ.

„Режимот едноставно не може да влијае на некои работи“, вели историчарот и политиколог Стефан Радојковиќ.

Прашањето за Косово доби огромен простор во кампањата, главно поради тоа што САД и ЕУ годинава „вршат притисок“ преку низа договори во Брисел и Охрид, отворено кажувајќи дека од Белград очекуваат де факто признавање на независноста на Косово, смета Радојковиќ.

„Тие инсистираа на француско-германскиот план, кој, како резултат на тоа, стана многу присутен во српските медиуми“, вели тој за ДВ. „Исто така, односот на Албин Курти кон српската заедница е таков што дури и мејнстрим медиумите во Србија мора да му посветат простор на тоа”, додава тој.

Косово и „животните теми“

Старата мудрост на аналитичарите и истражувачите на јавното мислење, која се повторува од кампања во кампања, гласи дека за просечниот гласач Косово е помалку важно од „животните“ прашања - сѐ додека не стане поважно од нив.

„Приоритет за гласачите се борбата против невработеноста, животниот стандард и економската стабилност“, вели Александар Ивковиќ од Центарот за современа политика.

„Борбата против корупцијата и криминалот се на второ место, а Косово и Метохија е дури на трето, освен ако не избие криза на Косово. Тогаш расте и интересот за таа тема“, додава Ивковиќ за „Блиц“.

Токму власта на Александар Вучиќ и во оваа кампања инсистираше на тие „животни“ прашања. На големиот предизборен митинг во белградска Арена повторно во говорите најчесто се споменуваа патишта, железници, стадиони, работни места и плати. Но, никој од говорниците, особено не Вучиќ, не пропушти да зборува за „одбраната на територијалниот интегритет“ и за тоа дека никогаш нема да ја прифати независноста на Косово.

Србија | предвремени избори | Александар Вучиќ
Александар Вучиќ на предизборен собир во белградска Арена, 2.12.2023Фотографија: Darko Vojinovic/AP Photo/picture alliance

Според Стефан Радојковиќ, владата ја погодила „речиси совршена бура“ која може да влијае на исходот од изборите.

Прво, војната во Украина донесе голем притисок, а потоа иницираше поскапувања кои ги погаѓаат граѓаните. Исто така, во контекст на војната во Украина, европскиот притисок продолжува за да се „реши“ прашањето за Косово.

Радојковиќ оценува дека десничарските и националните партии ги намирисале овие околности како адут за да поентираат пред избори.

„Ако десничарските или конзервативните партии минатата година добија дел од гласовите благодарение на прашањето за војната во Украина - во која Србија не игра никаква улога - тогаш прашањето за Косово, кое е многу поблиско, неизбежно испливува на површината и покрај овие животни теми“, вели Радојковиќ.

„Исто така, неизбежно е дека мнозинството гласачи се многу негативни кога некој е компромисно расположен спрема какви било предлози од Западот“, додава тој.

Гласачите на Вучиќ се позиционирани десно

Многу аналитичари и враќањето на поранешниот претседател Томислав Николиќ во кампањата на Српската напредна партија го протолкуваа како начин на колебливите гласачи да им се понуди познато патријархално лице, „домаќин од Баточина“. Затоа што, ако се суди според анкетите, Вучиќ нема најдобри карти кога е во прашање темата Косово. Според октомвриското истражување на Новата српска политичка мисла (НСПМ), само 14 отсто од гласачите сметаат дека „позицијата на Србија и на Србите“ на Косово е посилна со овој владин состав, а дури 50 отсто сметаат дека сега е послаба.

„Многумина велат дека електоратот на Вучиќ е на некој начин поткупен, но како и да е, тој е вкотвен во десничарскиот спектар“, вели Радојковиќ. „И кај нив има одредена доза на несигурност во однос на политиката на Вучиќ за Косово - има премногу непознати”, посочува Радојковиќ.

Тој забележува дека дури и проевропската листа „Србија против насилството“ зазеде поостар став по прашањето за Косово. Радојковиќ се повикува на неодамнешниот извештај на ДВ за посетата на претставници од таа проевропска листа во Берлин. Како што пишувавме, таму Борко Стефановиќ (ССП) изјави дека нивната коалиција ќе го зачува „уставното гледиште“ за Косово и дека не се чувствува обврзана од ветувања што Вучиќ им ги дал на европските претставници зад затворени врати.

Како што за националниот дел од опозицијата - а во прашање се најмалку три значајни изборни листи - Косово е еден вид „златна кокошка“ во кампањата, така за најсилната граѓанска листа тоа се прашањата за насилство, криминал и корупција, а донекаде и осиромашувањето на граѓаните.

ЕУ е тема за „камикази“

Како што уште пред прогласувањето на таа листа рекоа извори на ДВ, и тие се свесни дека е тешко да се поентира во кампањата преку претерано истакнување на Европската унија како цел, затоа што патот кон ЕУ трае предолго, а европските политичари премногу често го поддржуваат Александар Вучиќ за ова или она. Посебно пикантно е кога водечки политичари од ЕУ отворено бараат фактичко признавање на Косово.

Политикологот Срѓан Цвијиќ, добар познавач на Европската унија и пристапниот процес, вели дека само „политичка камиказа“ во преден план на кампањата би го ставиле прашањето за членство во ЕУ.

„Затоа што сите медиуми под контрола на режимот водат анти-ЕУ и антизападна хајка. Што би добила некоја опозициска партија ако и поради тоа биде развлекувана по таблоидите на Вучиќ”, се прашува Цвијиќ во разговор со ДВ.

„А, сега дури ЕУ и навистина не е тема на кампањата. Можеби однадвор гледано е шокантно, но не е. Има многу други поитни политички прашања”, вели тој и ги споменува како пример криминалот и насилството поради кои пролетоска имаше масовни протести.

Нешто поради односот на западните земји спрема Косово, нешто поради режимската пропаганда и општиот замор од вечниот „европски пат” - во анкетите ЕУ никогаш не котирала полошо.

Според НСПМ, едвај 39 проценти од граѓаните поддржуваат членство во Унијата, додека 51 отсто тоа го отфрлаат. Таквиот тренд од изминатите години сега е зацврстен.

Има ли уште „европски пат“?

Други нешта укажуваат на тоа дека официјален Белград практично веќе и не се движи кон ЕУ. Според извештаите на Министерството за европски интеграции од летото 2022 до летото 2023 Србија има усвоено едвај 27 проценти од планираните правни прописи нужни за да го применува правото на ЕУ. За споредба, по доаѓањето на власт на СНС во првата половина од 2013 година беа усвоени дури 85 проценти од планираните прописи.

Новинарот Боро Јакшиќ за „Политика” пишува дека кога сѐ ќе се собере, не зачудува каков е статусот на ЕУ во Србија. Јакшиќ на овие избори ја поддржува листата „Србија на Запад“.

„Дел од одговорноста, и тоа не мал, паѓа на товар на ЕУ, која ја поддржува ваквата состојба. На Западот единствено му се брза да дојде до нормализирање на односите на Србија и Косово. Сѐ друго е тапкање во место“, заклучува Јакшиќ.

Овој текст првично беше објавен на ДВ на српски јазик

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи