1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Изборни гребки на површните понуди

4 април 2024

Зошто мајските македонски избори се најризичните избори годинава во регионот, поризични дури и од изборите во Србија? Колумна на Арсим Зеколи

https://p.dw.com/p/4ePL9
Во пресрет на двојните избори на 24 април и 8 мај, македонските граѓани се сведоци на предизборни коалициски новини
Во пресрет на двојните избори на 24 април и 8 мај, македонските граѓани се сведоци на предизборни коалициски новини Фотографија: DW/P. Stojanovski

Дали сте знаеле дека во рамките на УЧК/ОНА имале единица составена од војници Роми? Претпоставувам дека не сте знаеле. Не знаев ни јас. И тоа незнаење може да ни се прости. Бидејќи ни самите поранешни команданти или припадници на УЧК не знаеле. Се додека врховниот командант Али Ахмети некни не ја обзнани – а неговите партиски комесари ја потврдија – ексклузивната информација дека имало такво нешто. Можно е дека имало и Бошњаци, Турци, па ако затреба, ќе испадне дека имало и Македонци и Срби. И така, Али Ахмети ја започна предизборната кампања.

Оваа чудна - и барем досега со факти непоткрепена новина - на Али Ахмети целеше кон меко приземјување на гласачите кон редицата предизборни коалициски засилувања на ДУИ со партиите на Ромите, Бошњаците, Турците во склоп на Фронтот за Европа. Првичната збунетост од потезите на Ахмети се надоврза со салви потсмевливи – за жал, делумно и невкусни – коментари за „шарената револуција” во Мала Речица. Која очигледно е уште една од пост-Pse Jo? и „зелена агенда” маркетиншки трикови на австриско-израелските советници на ДУИ. Но со колкав успех?

Судејќи според реакциите на албанската јавност, навикната на вртоглавите претумбации на принципиелно непринципиелната ДУИ, извесно е дека таквите коалицирања нема да придонесат кон зголемување на гласачкото конто на албански гласови. Од друга страна, изборот на претставниците од ромските, бошњачките, турските партии е речиси пресликан од доскорешниот асортиман на системски-Роми, системски-Бошњаци, системски-Турци со кои се китеа наизменично СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.

„Со ДУИ ќе добиеме министерства“

Но битноста на овој (не)очекуван потег на ДУИ не се базира на зборовите на Ахмети, колку што се наѕира во кататоничниот молк на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ кои се чини дека не се најдоа затекнати од потегот на ДУИ, туку од подготвеноста на малцинските партии да се приклучат кон коалиција предводена од албанска партија. А таа подготвеност, се чини, наједноставно беше дефинирана од самиот претставник на Ромите, контроверзниот Курто Дудуш, кој причината за приклучување кон ДУИ ја образложи со зборовите „со СДСМ и ВМРО добиваме само директорски места, а со ДУИ ќе добиеме и министерства”. Во политичката теорија, таа изјава подразбира заокружување на процесот на Целосна Еманципација на Ромите (на Фаик Абди) во однос кон препознавањето, вреднувањето е пазарано-политичката еволуција на гласот, надвор од досегашните наметнати системски дефинирани рамки и ограничувања. Поедноставено, преминот на малцинските партии кон ДУИ можеби нема да има драматичен резултат на овие избори, но затоа која било следна изборна понуда за соработка со СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ ќе биде по далеку повисока и поавтономна цена.

Колкав ќе биде успехот на предизборното засилување на Фронтот за Европа на ДУИ со малцинските партии?
Колкав ќе биде успехот на предизборното засилување на Фронтот за Европа на ДУИ со малцинските партии?Фотографија: DW/S. Toevski

Евидентно е дека одлуката на Али Ахмети за потесна соработка со малцинските партии е диктирана од потребата за нови контингенти гласови како замена за изгубените албански гласови, преточени на конто на новата обединета албанска опозиција. Но таа прагматична нужност не ја намалува и потенцијалната стратешка тежина на „шарениот” Фронт за Европа во следните политички процеси. СДСМ и ВМРО, како и македонската политичка мисла, веќе ја немаат ексклузивата во дефинирањето на граѓанскиот концепт скроен според етно-македонскиот наратив. Подеднакво како што и аргументот „не може на Албанците да  им даваме нешто, а да не им дадеме и на Турците, Бошњаците, Ромите” користен како негативно толкување на правата на Албанците од која „останатите” не добиваа ништо. 

Воедно, ваквото ширење на коалицискиот потенцијал на ДУИ подразбира и пробив кон простори досега ексклузивно контролирани од македонските партии. Делумно географски пространства, како источна Македонија, делумно политички простори, како политички нови простори во заокружување на севкупна Северна Македонија како мултиетничко општество – наместо досегашната поделба помеѓу мултиетнички застапената западна Македонија и моноетнички доминираната источна Македонија.

Прашање е дали сето ова е водечкиот мотив на Али Ахмети за де-албанизација на ДУИ и премин во мултиетничка компонента на неговата партија. Упатно е да за тоа се има здрава доза на скепса. Дотолку повеќе што таквата нова компонента е со засилен шмек на муслимански заеднички именител поради кој Али Ахмети сега веќе се смета како повеќе муслимански отколку албански предводник на Фронтот за Европа. И уште додатно повеќе што во неговото братимење се препознава чудна еволуција на човек кој доскоро важеше за резолутен опонент на ердоганизмот, за  сега ем да биде партнер со Зејд  Реџепи ем да биде промовиран како изведувач на проект кој – според Садула Дураку – пред деценија му бил предложен од Реџеп Таип Ердоган.

Југо-македонскиот дискурс на опозицијата

А можеби логиката во заднината на таа претумбација во ДУИ треба да ја побараме на друго место. Во ВМРО-ДПМНЕ и македонската опозиција. Каде, за разлика од Мала Речица, се одвива тивка и дискретна замена на тези и параметри во смисла на наметнување концепти кои поради јазикот и имињата и презимињата наликуваат на национал-македонски, иако во суштината се се’ - само не македонски. Наредете ги имињата на Христијан Мицкоски, Гордана Сиљановска, Биљана Ванковска, Стево Пендаровски, Максим Димитриевски, Стевче Јакимовски, Димитар Апасиев, погледнете ја нивниот доскорешна иконографија, политичка биографија и духовна ориентација, и пред очи се отсликува реалноста дека нивната етно-политички наратив е повеќе југословенски во дух отколку етно-македонски во срж. Дури и перцептираната србофилија на посочените е повеќе во рамките на она што се нарекува федерален-Белград отколку што е во рамките на традиционалниот српски наратив олицетворен во ликот на Александар Вучиќ.

Таа профилизација на југо-македонскиот дискурс на опозицијата соткаен во реставрацијата на ликот на Колишевски и праксата на Црвенковски е во остар контраст со другиот процес кој се одвива во СДСМ. Имено, доколку опозицијата е фатена во канџите на компромитираниот „македонизам” (според Бугарскиот поглед врз Македонија), СДСМ се чини дека е во процес на реставрирање на „македонството” како реститутивен проект на навраќање кон автентичните постулати, таму некаде пред замешателствата од Бановината и интерпретациите на Егзархијата. Во тој деликатен процес на расчистување со „нашиот Белград” и остатоците на југо-македонските патриоти во сопствени редови (читај: бранковисти, заевисти), фокусот е ставен врз автономизација на политичко Скопје и расчистување со конфликтуозноста на негативната еквидистанца на Глигоров, самоперцепцијата на јагне опкружено со волци на Андов и вклопување на Македонија според европските стандарди на независна земја членка на взаемно зависна ЕУ. Би рекол, на извесен начин, Македонија во визурата на СДСМ се дефинира како парафраза на дефиницијата на Ибрахим Ругова за Косово како „отворено кон Србија и отворено кон Албанија”. Во нашиот случај, како Македонија како независна кон Србија, независна кон Бугарија е подготвена на взаемна зависност во рамките на Унијата.

Битката за контингентите гласови за претстојните двојни избори во РСМе  во полн ек.
Битката за контингентите гласови за претстојните двојни избори во РСМе во полн ек.Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Судирот помеѓу овие две струи не е национален туку концепециски – од една страна ретро-концептуалниот изолационен дефанзивен ментален систем на ВМРО-ДПМНЕ од друга страна про-интегративниот, инклузивен, пробивен и изнуден прагматизам на СДСМ. Од една страна оние кои не сакаат 3000 Бугари во Уставот по цена на милион и кусур Македонци на крстосницата пред бирото за вадење бугарски пасоши, од друга стран оние кои сакаат милион и кусур Македонци во ЕУ по цена на 3000 Бугари во Уставот. Компромис во ова нема, но исходот е сосема јасен.  

Најризични избори во регионот годинава

Можеби во таа дискретна заднина на потресите и несигурноста во ВМРО-ДПМНЕ, хаотичноста и чудната самодоверба на СДСМ, идентитетската конфузија на ДУИ и сателитската зависност на ВЛЕН од ВМРО лежи причината за длабинската тензија која владее на политичката сцена. Можеби тоа е и причината зошто мајските избори кај нас се најризичните избори годинава во регионот, поризични и од изборите во Србија. Не поради напливот на национализам, туку напротив – поради апсолутната екскомуникација на националното од политичката сцена и негова субституција со религијата (кај Албанците) и југо-хипокризијата (кај Македонците). Она што го нема на политичката сцена како понуда е токму отсуството на искрен албански и македонски национализам и комплетната доминација на квази-националистички, национал-експлоататорски doppelgangeri на национализмот.

Токму како што беше случајот на крајот на СФРЈ, кога комунистите преминаа во шовинизам и првично се пресметаа со националистите во сопствените редови. Постарите се сеќаваат како се изведуваше таа цинична операција. За помладите, како и за новодојдената генерација на САД и ЕУ дипломати, упатно е да се проанализираат сличностите на сегашноста кај нас со состојбите во Црна Гора во пред и пост-изборна 2020 година. На кои поразот им беше доделен на црногорските националисти, а победата дадена на дар на клеро-шовинистичките црковни емисари на Белград. Предводени од – исполнетата желба на САД и ЕУ за млади, ненационалистички кадри – од видот на Дритан Абазовиќ.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач