Евакуирани 40 Македонци, уште стотина чекаат на ред
11 октомври 2023Расте бројот на македонски државјани коишто изминатите денови беа евакуирани од Израел. Последната информација од МНР е дека преку различни транспортни рути деветмина се вратиле во земјата и тоа - четворица со лет до Атина, тројца за Јордан и двајца за Белград. Вкупната бројка за изминативе три дена се искачи на 40 македонски државјани што го напуштија Израел, но уште 100-тина чекаат на евакуација.
Неколку од летовите се откажани, поради што е отежната евакуацијата од Израел. Во меѓувреме, граѓани од ризичните региони се префрлаат на побезбеди локации во Тел Авив. Дел од Македонците кои што работат во Тел Авив, сепак, одлучија да останат таму и покрај опасноста од воениот конфликт.
Откажани летови
Министерството за надворешни работи соопшти дека дваесет пријавени граѓани од пограничните региони, кои се сметаа за безбедносно-ризични, се префрлени на безбедна локација во Тел Авив, од каде ќе се работи на нивно заминување од Израел.
„За жал, неколку од летовите, за кои веќе беше обезбедено место за дел од нашите државјани да го напуштат Израел, во текот на вчерашниот ден беа откажани, па активностите за нивно приклучување во некои од денешните летови продолжуваат денеска. Амбасадата на Северна Македонија во Тел Авив е во постојана комуникација со сите нашите државјани во Израел и во координација со кризниот штаб во Министерството за надворешни работи“, се вели во соопштението на МНР.
Точниот број на македонски државјани кои се пријавиле за асистенција за нивно заминување од Израел постојано се менува, но во моментов тој не надминува 100 државјани.
Апели
По ненадејните ракетни напади на исламистичката група Хамас на Тел Авив формиран е кризен штаб во рамките на МНР кој е надлежен за следење, координирање и организирање на сите постапки поврзани со македонските граѓани кои се лоцирани во, и околу погодените подрачја, со цел обезбедување нивна безбедна евакуација.
МНР апелира до македонските државјани во Израел да го следат Националниот портал за итни случаи (www.oref.org.il), односно т.н. Home Front Command, специјализиран за цивилна заштита, кој излезе со нови препораки до населението, како и да се почитуваат сите други упатства на надлежните институции на Израел.
Министерството за надворешни работи на Северна Македонија на располагање ги има и двата СОС дежурни телефони - 075/ 273- 732 и 075/268-736, како и дежурниот телефон на Амбасадата во Тел Авив +972-54-926-7378.