Израел ја потврди смртта на Марван Иса
27 март 2024Израелската армија го потврди убиството на третиот по ранг лидер на Хамас во Појасот Газа, Марван Иса, во воздушен напад пред две недели. „Ги проверивме сите разузнавачки информации и дојдовме до сигурно сознание“, изјави портпаролот на армијата Даниел Хагари.
Иса и уште еден лидер на Хамас биле убиени во „комплексен и прецизен напад“ на израелските воздухопловни сили. Израел пред две недели извести дека неговите воздушни сили нападнале тунел во кој, според сомневањата, се наоѓал Иса, но тогаш сѐ уште не можеше да ја потврди неговата смрт. Нападот бил извршен врз основа на информации од израелската разузнавачка служба Шин Бет. Пред осум дена американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливен изјави дека израелската армија го убила Иса. Тој е највисокиот функционер на Хамас убиен од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас.
Заменик командант на бригадите Касам
Иса беше заменик командант на бригадите Касам, вооруженото крило на исламистичката организација Хамас. Според Израел, тој бил одговорен за планирање на масакрот во кој терористи од Хамас и други екстремистички групи на 7 октомври минатата година убија 1.200 луѓе во јужен Израел и киднапираа уште 250 лица. Иса беше заменик на воениот водач Мохамед Деиф. Израел си постави за цел да го фати или убие него и лидерот на Хамас во крајбрежната област, Џихија ал-Синвар.
Претставникот на Хамас, Исат ал-Ришк, вчеравечер (26.03) изјави дека „нема „доверба“ во израелските информации за смртта на Иса, но тој не даде докази дека Иса сѐ уште е жив.