Израел обвинува новинари дека знаеле за нападот на Хамас
10 ноември 2023Слики од фотографот Хасан Еслијаја: на 7-ми октомври, тој се снима себеси пред запален тенк на израелските одбранбени сили. Фотографот известува од првите редови за терористичкиот напад на Хамас врз Израел, а веројатно и други новинари од Појасот Газа биле во првите редови. Обвинението гласи: ова известување било можно само затоа што новинарите однапред знаеле за терористичкиот напад на Хамас. Бени Ганц, всушност лидер на опозицијата, но сега вклучен во воениот кабинет, на платформата Х, поранешен Твитер, коментираше:
„Ако имало новинари кои знаеле за масакрот, го фотографирале и стоеле настрана додека се колеле деца, тие не се разликуваат од терористите и треба да се третираат како такви.“
Обвинувања против реномирани медиуми
Критиката е упатена кон големи, меѓународни медиуми - и оваа критика сега се искажува наголемо. Шломо Кари, министер за комуникации во израелската влада, напиша отворено писмо до американскиот телевизиски канал Си-Ен-Ен, Њујорк Тајмс и новинските агенции АП и Ројтерс.
„Станавме свесни дека одредени луѓе во вашата организација, вклучително и фотографи, имале претходно сознание за овие ужасни дела и можеби имале врска со сторителите. Некои од вашите вработени се обвинети дека биле на лице место за да ги документираат овие ужаси и на тој начин станале учесници во овој страшен настан. Молам итно да биде преземена темелна истрага за ова прашање“.
И во оваа војна новинари известуваат одблизу за воените случувања. Во Појасот Газа, кој е целосно затворен и во кој не можат да влезат новинари однадвор, во моментов работат главно палестински новинари, од кои дел долги години работат за меѓународни медиуми.
Медиумите ги отфрлаат обвинувањата
Новинската агенција Ројтерс категорично негираше дека имала какви било претходни сознанија за терористичкиот напад на Хамас. Агенцијата потврди дека купила фотографии од двајца фриленс-фотографи од Газа. Снимките се направени 45 минути откако терористите на Хамас ја преминале границата со Израел. Агенцијата АП исто така тврди дека немала информации за 7-ми октомври. Си-Ен-Ен соопшти дека ги прекинала сите врски со Хасан Еслијаја. Ницан Чен, шеф на државната прес-служба на Израел, по ова во изјава за израелското радио рече:
„Особено бев изненаден од реакциите. Овде не зборуваме за мали новински агенции. Тоа се четирите најголеми агенции во светот. Секој нивен извештај влијае на меѓународната перцепција. Она што е сериозно за мене е тоа што тие користат изговори како што на пример дека се работи за фриленсери, или дека тие стигнале подоцна. И, затоа што стигнале подоцна е океј да учествуваат во тоа? И во Си-Ен-Ен и во АП има етички принципи.“
Во актуелната војна загинаа 32 новинари
Зачудувачки е што концентрираната критика е насочена пред сѐ против странските медиуми и палестинските новинари. Притоа, јасно е дека работата на новинарите во оваа војна е исклучително опасна: Според Комитетот за заштита на новинарите, од почетокот на војната загинале 32 известувачи од Појасот Газа. Тоа го прави изминатиот месец најсмртоносен за новинарите ширум светот во последните три децении.