Израел го ликвидирал веројатниот иден лидер на Хезболах
23 октомври 2024Според израелски извори, во воздушен напад на југот на Бејрут на почетокот на октомври загинал висок функционер на Хезболах кој се сметал за иден лидер на терористичката организација.
Израелската војска во вторникот соопшти дека загинатиот човек е Хашим Сафи ал-Дин, влијателен свештеник. Тој, се верува дека на чело на Хезболах требало да го наследи Хасан Насралах , кој исто така беше убиен во израелски воздушен напад во септември. Хезболах се уште не ја коментирал оваа објава на израелската војска.
Важна улога во хиерархијата на Хезболах
Според кругови во Хезболах, Хашим Сафи ал-Дин, роднина на Насралах и еден од најважните членови на советот Шура на Хезболах, бил „најверојатниот кандидат“ да го наследи на чело на милицијата. Според израелската војска, Сафи ал-Дин бил член на таканаречениот совет Шура, највисокото воено-политичко тело на Хезболах. Ова тело е одговорно за одлучувањето и политичкото обликување на терористичката организација.
Во времето кога Насралах не беше во Либан, Сафи ал-Дин ја презеде улогата на генерален секретар на Хезболах и ги предводеше терористичките напади против Израел.
Сафи ал-Дин одржуваше блиски религиозни врски со Иран, заштитничката сила на Хезболах во Либан. САД и Саудиска Арабија го класифицираа Хашим Сафи ал-Дин како баран „терорист“ во 2017 година. Американското Министерство за финансии го опиша како „висок лидер“ на Хезболах и „клучен член“ на неговата извршна власт.