1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИзраел

Ослободени четворица заложници на Хамас во Појасот Газа

ЖА
8 јуни 2024

Во најголемата спасувачка акција во Појасот Газа по 7 октомври, израелската војска јави дека ослободила четворица заложници од рацете на Хамас. Операцијата се случила во бегалската населба Нусеират.

https://p.dw.com/p/4goiP
Роднините на заложниците непрекинато протестираат во Израел со барање за нивно ослободување
Роднините на заложниците непрекинато протестираат во Израел со барање за нивно ослободување Фотографија: Ahmad Gharabli/AFP

Израелската армија објави дека ослободила четворица од заложниците кои Хамас ги држи во Појасот Газа. Портпаролот на армијата Даниел Хагари на платформата Х напиша дека во прашање била комплексна операција во бегалската населба Нусеират, каде киднапираните биле ослободени на две различни локации.

Според наводите на израелската војска, станува збор за тројца мажи и една жена, кои на 7 октомври 2023 година терористите на Хамас од музичкиот фестивал Супернова во израелската погранична населба Реим ги одвлекле во Појасот Газа: Ноа Аргамани, Алмог Меир, Андреј Козлов и Шломи Цив. 

Фотографијата на Аргамани го обиколи светот, стана симбол на крвавиот терор на Хамас од 7 октомври. Таа беше киднапирана од исламистите со мотоцикл, при што плачејќи молеше за помош пред очите на нејзиниот пријател, исто така киднапиран од терористите. Мајката на Аргамани има рак во последен стадиум и постојано молеше да ја види својата ќерка пред смртта.

Хагари соопшти дека со оглед на околностите, ослободените заложници се наоѓаат во добра здравствена состојба. Тие во меѓувреме се префрлени во болницата Тел Хашомер во Рамат Ган.

Ова е најголемата ослободувачка операција на заложници од почетокот на војната во Појасот Газа.

Израелската армија води војна во Појасот Газа против Хамас откако исламистичките терористи при упадот во Израел на 7 октомври минатата година убија 1194 луѓе и зедоа 251 заложник. 116 од заложниците уште се во рацете на Хамас, се смета дека 41 од нив се веќе мртви.

Како реакција на нападот на Хамас, Израел оттогаш врши масивна воена акција во Појасот Газа. Според наводи на тамошното Министерство за здравство под контрола на Хамас, кои не можат да бидат независно проверени, досега се убиени повеќе од 36.800 луѓе.