Израелски напади врз Либан: Будење во страв
24 септември 2024Илјадници луѓе се обидуваат да побегнат од југот на Либан и да се упатат кон главниот град Бејрут - како Мохамед: „Кај нас имаше воздушни напади, па брзо влеговме во автомобилот. Возиме кон Бејрут“. Друг човек, пак, вели: „Воздушни напади, експлозии, борбени авиони, уништување. Никој веќе не е таму, сите побегнаа. Ги зедовме нашите работи со нас и побегнавме. Во моментов никој не знае каде да одиме“.
Израелската војска го предупредила населението
Израелската војска користела СМС пораки и повици за да побара од цивилите да ги напуштат зградите кои, според Израел, биле користени од Хезболах за складирање оружје. Според една либанска телекомуникациска компанија, 80.000 Либанци добиле такви пораки, прво на југот на земјата, а подоцна и во долината Бека на исток.
Од луѓето таму било побарано да ги напуштат своите домови во рок од два часа. Многумина не знаат каде да одат - во Бејрут и во други градови училишни згради се отворени како прибежишта за бегалците.
Владата говори за повеќе од 1.500 повредени
Либанската влада повикува на помош. По последните напади на израелската армија на југот и на истокот на земјата, бројот на повредени е над 1.500. „Нашето Министерство за здравство, заедно со Министерството за надворешни работи, контактираше со пријателските земји кои се подготвени да му помогнат на Либан во оваа вонредна состојба. Ги информиравме кои лекови и опрема ни се потребни“.
Министерот за здравство најави дека ќе бидат поставени итни прифатни центри во безбедните подрачја за тешко болни лица во бегство. Безбедни подрачје - тоа значи далеку од упориштата на Хезболах на југот и на истокот на земјата. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ги повика Либанците да се држат настрана од Хезболах - просторно и идеолошки да се дистанцираат од милицијата.
Либанскиот министер за внатрешни работи Басам Мавлави се спротивстави на ова со остри критики: „Израелскиот непријател е тој кој постојано напаѓа. Неговата агресија е одговорна за смртните случаи и повредите. Затоа, израелскиот непријател не треба да диктира што треба да прави Либан сега“.
Населението очекува подолги борби
На улиците на Бејрут луѓето се се попесимистични. Тие не очекуваат борбите наскоро да завршат. Еден минувач вели: „Израел нема да отстапи, нема да ја прекине војната во Газа. Условот на Хезболах е: тие ќе престанат со гранатирањето на Израел од југот на Либан кога ќе заврши војната во Газа“. Многумина во земјата сега стравуваат и дека израелската армија ќе изврши инвазија со копнени трупи. Војниците на ОН стационирани таму веќе престанаа да патролираат на границата на југот на Либан.
Автор: Мориц Беренд, АРД Каиро