1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јерг Кукис ќе биде нов германски министер за финансии

ЕМФ / ртр
7 ноември 2024

По распадот на владеачката коалиција во Германија, се исцртуваат контурите на црвено-зелена малцинска влада во Берлин. Јерг Кукис треба да го замени Кристијан Линднер на функцијата министер за финансии.

https://p.dw.com/p/4mjjm
Јерг Кукис
Јерг Кукис ќе го преземе Министерството за финансииФотографија: Arne Dedert/dpa/picture alliance

Јерг Кукис ќе биде нов германски министер за финансии, потврди портпарол на владата во Берлин. Поранешниот инвестициски банкар на Голдман Сакс е човек од доверба на канцеларот Олаф Шолц (СПД) и последно беше државен секретар во Канцлерамтот. Министерот за транспорт Фолкер Висинг сака и покрај тоа што неговата ФДП ја напушти владата, да ја задржи функцијата министер за сообраќај. Тој најави и дека сака да ја напушти ФДП.

Во политичките случувања во Берлин сега посебна улога игра опозицискиот лидер Фридрих Мерц (ЦДУ). Тој рече дека ако канцеларот Шолц брзо го расчисти патот до нови избори, Унијата (ЦДУ/ЦСУ) ќе разгледа кои законодавни проекти може да ги поддржи дотогаш. Прашањето за доверба треба да се постави веднаш - „најдоцна на почетокот на следната недела“, бара Мерц. Сојузниот претседател тогаш може да го распушти Бундестагот во рок од 21 ден. „Ние, секако, сме подготвени за разговори и секако подготвени да преземеме одговорност за нашата земја и во овој случај“, изјави лидерот на ЦДУ, кој смета дека нема причина да се чека пролетта за да се одржат нови избори.

„Сега ни треба брзо јасност“, изјави и шефот на парламентарната група на ФДП, Кристијан Дир, за АРД. Шолц, според него, треба брзо да го постави прашањето за доверба.

Канцеларот Шолц најави дека прашањето за доверба сака да го постави во јануари, а нови избори најави за март наредната година. Владеачката коалиција од СПД, ФДП и Зелените се распадна по три тешки години владеење, меѓу другото и поради војната во Украина, рекордната инфлација и рецесијата. Канцеларот Шолц за распадот на владата го обвини шефот на ФДП, Кристијан Линднер. Либералот Линднер, пак, го обвини канцелароот Шолц за недоволно лидерска сила и погрешна економска политика.