Јотова: РСМ подобро да ги разбере европските вредности
18 октомври 2024„Би сакалa да ги повикам моите колеги од Република Северна Македонија да ги читаат со поголемо разбирање европските вредности, бидејќи тогаш, кога ќе започнат вистинските преговори за пристапување во ЕУ, има едно основно, прво поглавје, а тоа се нарекува 'Основни права'. Тие основни права минуваат низ целиот преговарачки процес и ако има барем една држава, која смета дека не се почитуваат човековите права, особено тие на претставниците на различни нации и народи, тој процес никогаш нема да заврши“.
Како што објави БТА, ова го изјавила потпретседателката Илијана Јотова во Ќустендил, на тркалезната маса под наслов „Бугарите на Балканот надвор од границата по 1878 година/Кодот на преживувањето". На настанот, кој се одржува под покровителство на бугарската потпретседателка, учествувале и претставници на бугарските заедници од Северна Македонија, Србија, Албанија, Косово, Грција, Романија и Турција.
Видливо само бугарското малцинство
Со грижа исклучиво за бугарските малцинства во странство, но не и за оние во земјата, Јотова практично ја потврди минатонеделната оценка од Советодавниот комитет на Советот на Европа за Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства, каде се оценува дека Бугарија нема доволна свест за малцинските права.
„Додека Бугарија игра сè поактивна улога во унапредувањето на правата на бугарските малцинства во странство, истите напори не може да се забележат внатре во земјата. Генерално, постои недоволна свест за малцинските права како составен дел на човековите права. Нема заложба ниту за спроведување на бројни препораки за прашања како што е принципот на слобода на самоопределување, унапредување и заштита на малцинските права и потребата за целосна еднаквост и интеграција во општеството на сите што живеат во Бугарија“, беше наведено меѓу другото во документот.
Во него се вели и дека лицата кои се идентификуваат како Македонци ја повториле својата долгогодишна желба да бидат заштитени според Рамковната конвенција.
„Но, бидејќи властите (бугарските, н.з.) не го прифаќаат постоењето на објективни критериуми за нив, овие лица не можат да уживаат пристап до индивидуалните малцински права. Нивните долгорочни обиди да регистрираат здруженија кои ја промовираат македонската заедница не беа успешни“, се наведува во оценката.
„Не сме воспитувани да имаме претензии...“
Бугарија со децении ги игнорира ваквите оценки, но и пресудите од ЕСЧП, а се гордее со „завршена работа“ за Бугарите во странство. И Јотова во тој контекст вчера посочила дека „до тој момент е завршена многу работа - се разговарало за многу проблеми, се барале решенија, со цел бугарските заедници да го имаат своето заслужено место во странство, да уживаат почит од локалните и националните власти, да ги имаат сите оние права кои се гарантираат во Европа".
И се осврнала и на РСМ.
„Непростлива е агресијата, не само вербалната, туку и кога насилството прикрива тврдоглава, но длабоко погрешна теза, и уште повеќе - неисполнување на веќе преземени меѓународни обврски. Сигурно ќе погодите дека се работи за една од нашите западни сосетки - Република Северна Македонија, за која, за жал, последниве години наместо добрососедство - ова е парадокс, но е факт - наместо потпишан договор и негово спроведување, кое го носи гласното име ‘добрососедство', како да одиме во обратна насока. Неподносливо е, кога една земја ќе се помири со непочитување на човековите права, со газење на правото на изразување, на тоа да кажеш што си, од каде доаѓаш и какво ти е потеклото", изјавила Јотова.
Според неа, Бугарија никогаш немала таков јазик во однос на незјините соседи.
„Бугарите никогаш не сме биле воспитувани да ги навредуваме нашите соседи, да имаме претензии - територијални, јазични, културни и така натаму, така што многу се надевам дека наскоро тоа ќе стане факт и во земјите што нѐ опкружуваат“, потенцирала таа.
Проектот, кој вчера бил претставен во Ќустендил, ги истражува бугарските заедници на Балканот од минатото до денес, со акцент на современите проблеми и перспективи. Раководител е проф. Борјана Бужашка од Универзитетот за библиотечни науки и информациски технологии, со учество на професори од високообразовната институција и истражувачи од Институтот за историски студии при Бугарската академија на науките.
„Не гледајте на денешна средба како на презентација на научен проект, тоа е само повод, и сакам да предложам да биде прва на овие теми, но не и последна“, порачала Јотова.
Лично ги видов нејзините документи...
Како што објави БТА, бугарската потпретседателка го коментирала и примерот со еден од министрите во актуелниот кабинет во Република Северна Македонија, кој се исмеал со добиеното бугарско државјанство.
„Лично јас сум ги видела нејзините документи и изјава, лично потпишани од неа, во кои таа изјавува дека има бугарска самосвест и потекло“, изјавила Јотова.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, на која се однесува изјавата на Јотова, призна дека имала бугарски пасош и бугарско државјанство од кое побарала отпуст минатата година, и дека таа процедура е завршена. Но, бугарски медиуми повикувајќи се на надлежните институции, неодамна објавија дека таа процедура сѐ уште не е завршена.