1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Каде е кинескиот министер за одбрана Ли?

ЖА
15 септември 2023

Од крајот на август, кинескиот министер за одбрана не е виден во јавноста. Постојат навестувања дека Ли Шангфу се наоѓа во домашен притвор. Тоа би бил втор спектакуларен случај од ваков вид за кратко време.

https://p.dw.com/p/4WNsX
Ли Шангфу Кина
Шпекулации за смена на министерот за одбрана на Кина, Ли ШангфуФотографија: Britta Pedersen/dpa/picture alliance

Американската влада според медиумски извештај смета дека во Кина се води истрага против министерот за одбрана Ли Шангфу и дека тој е разрешен од неговите должности. Британскиот весник „Фајненшл тајмс“, повикувајќи се на изјави на повеќе службеници од администрацијата на САД и на извори блиски до тајните служби, пишува дека САД дошле до заклучок дека министерот Ли е разрешен од функцијата. Нејасно е на каков начин американската влада дошла до констатација дека се води истрага против Ли, Белата куќа не се изјасни јавно за случајот. Американскиот амбасадор во Јапонија, Рам Емануел, на социјалните медиуми објасни дека Ли веќе три недели не е виден и е ставен во домашен притвор.

65-годишниот генерал на функцијата стапи во март, а на 29 август држеше говор на конференција за безбедноста во Пекинг. На подоцнежните средби со неговите ресорни колеги од Виетнам и Сингапур тој не беше присутен.

На прашање на новинската агенција АФП во петокот, дали е во тек истрага против Ли, портпаролка на кинеското Министерство за надворешни работи изјави дека „не е запозната со ситуацијата“.

Ли во средината на август присуствуваше на безбедносна конференција во Русија, во близина на Москва. Кратко потоа белоруската влада објави фотографии од средба на Ли со белорускиот властодржец Александа Лукашенко.

На крајот на јули, без наведување на причините,  кинескиот министер за надворешни работи Чин Ганг  беше сменет од функцијата откако  со недели беше исчезнат од јавноста.  Во истиот месец Пекинг го смени и заповедникот на воените ракетни сили, во чија надлежност спаѓа и  атомскиот воен арсенал на земјата.  Поранешниот командант Ли Јучао исто така го немаше со недели во јавност пред да биде разрешен.