1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Каде плови овој брод?

5 јануари 2023

Кој ги води процесите во Македонија - бивши, или актуелни лидери? Се очекува маглата од шпекулации да се рачисти до крајот на јануари

https://p.dw.com/p/4Ll3o
Зградата на владата на РС Македонија
Зградата на владата на РС МакедонијаФотографија: Petr Stojanovski/DW

„Груевски и Заев се критикуваат...како да сме вратени во 2016 година, пред изборите?“

Ова е еден од многуте коментари на актуелната тема, но во фокусот на интерес не се меѓусебните критики на двајцата поранешни лидери и премиери, туку, кој колку „еволуирал“ во ставовите, и колку има вистина во наводите поради кои сѐто ова започна. Тоа беа шпекулации дека „Зоран Заев со сите сили се обидувал да ги поткопа позициите на неговиот наследник Димитар Ковачевски и за таа мисија барал сојузници на сите страни, дури и во врвот на ВМРО-ДПМНЕ“. Според шпекулациите, Заев на раководството на СДСМ му предлагал план за пресврт: одржување итни предвремени парламентарни избори по кои СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ заеднички би ја делеле власта во наредните осум години, Заев би требало да биде претседателски кандидат во 2024 година, а Албанците во Владата да бидат претставени од други партии, односно ДУИ да остане надвор.

Каде чад, таму и оган?

Поранешниот премиер и лидер на СДСМ, Зоран Заев вчера преку Фејсбук ги демантираше таквите инсинуации за негово повторно политичко ангажирање.

„Јас нема да поднесам ниту ќе прифатам кандидатура за претседател на државата. Како претседател на СДСМ ја обединив партијата. А, обединетиот СДСМ заедно со граѓаните урна режим и тоа баш кога тој режим беше најсилен и најразулавен. Јас никогаш нема ниту да помислам да го делам СДСМ, ниту да правам некаков си измислен пуч во СДСМ или било што слично. Доказ за тоа е моето осум и пол годишно раководење со партијата како и државните и изборните победи што ги освојуваше обединетиот и сплотен Социјалдемократски сојуз на Македонија, заедно со силното граѓанско општество“, напиша Заев, потенцирајќи дека македонската Влада предводена од СДСМ не престанала да испишува историски успеси.

Зоран Заев преку Фејсбук ги демантираше инсинуациите за негово повторно политичко ангажирање
Зоран Заев преку Фејсбук ги демантираше инсинуациите за негово повторно политичко ангажирањеФотографија: Metodi Popow/imago images

Тогаш, од каде посочените шпекулации, ако во СДСМ се е толку „мазно“- беа прашањата во јавноста?

Релевантни извори од партијата кои инсистираат на анонимност, како конкретен повод за лавината од шпекулации го посочуваат, наводно, изразеното нездоволство на поранешниот премиер од изборот на директор во една важна институција.

„Таа ‘топка’ на незадоволство постепено се претвори во лавина, со оглед дека многумина попатно ‘дотураа’, пред сѐ, заради нивен интерес. На партии кои инсистираат на предвремени избори, совршено им одговара такво долевање масло на огнот, и слика за расцеп во СДСМ. И за оние кои сакаат статус кво во власта, пријатна музика за уво е шпекулацијата дека евентуална реконструкција на Владата - заради зголемување на мнозинството и заради позасилена битка против криминалот и корупцијата - може да ја урне Владата. Многу нешта се измешаа, но следниот период ќе покаже кој за што се залагал“, велат за ДВ извори од партијата.

Според нив, кон средината на јануари (период кој практично се совпаѓа со првата годишнина од функционирањето на актуелната влада), би требало да се видат првите сигнали „каде ќе плови овој брод“, односно до крајот на месецот да стане извесно дали ќе има зголемување на мнозинството и широк антикорупциски ипроевропски фронт (за уставни измени), или сето тоа ќе биде изблокирано со единствена цел - нови избори.

Успех или предавство

Противници на плановите на Владата на СДСМ секогаш имало, а нив ги посочи и Заев во вчерашната реакција. Меѓу оние кои биле против само поради тоа што во нивното време не успеале да го направат она што го постинала владата на СДСМ за четири години, Заев го посочи поранешниот премиер и бегалец од правдата, Никола Груевски, но и други кои од исти или слични причини едноставно не сакале да се случат македонските успеси.

Во речникот и аргументацијата на Заев, и натаму остануваат доминантни надворешно-политичките успеси: членство во НАТО, градење пријателство со соседите, добиената автокефалност на МПЦ- ОА, РСМ - една од трите држави кои ја основале економската иницијатива Отворен Балкан, и почетокот на преговори со ЕУ.

Надвор од овој опус, единствената тема на која се осврнува Заев на внатрешен план се „решените домашни меѓуетнички тензии и поделби (...) и градењето кохезија преку концептoт на кој му аплаудира целиот демократски свет - концептот “Едно општество за сите“.

Никола Груевски
Никола Груевски разменува критики со Заев Фотографија: picture-alliance/AP Photo/Z. Mathe

Груевски, кој откако избега од правдата и доби политички азил во Унгарија, активно комуницира со македонската јавност преку Фејсбук, како да ги засили критиките кон власта откако во последната анкета на ИРИ доби 7 отсто доверба од испитаниците кои одговориле на прашањето - кога размислувате за луѓето во политичкиот живот, на која личност во Северна Македонија гледате најповолно?

Груевски, со „рејтинг“ повисокза 1% од оној на Мицкоски или со 2% пред Ковачевски, или со 5% пред Заев, сега фокусот го става на прашањата за кои поранешниот лидер на СДСМ воопшто не се осврнува: криминалот и корупцијата.

Во реакцијата пишува дека очекувал Заев да се произнесе за криминалот на Владата под негово водство, за бројните случаи за кои Груевски пишувал во последниот период - ОКТА, Иловица, Казандол, Фени, Клинички Центар, аеродромот во Штип...

Тој не ги прифаќа за успеси оние што ги наведува Заев. Влезот во НАТО „под овие услови“, Груевски го смета за предавство и понижување за Македонија, а во однос на соживотот - јавно праша дали граѓаните се радуваат на позитивните меѓуетнички односи?

„Што е позитивната разлика меѓу времето кога јас ја предводев владата и денес што треба да не натера да се радуваме? Тиранската платформа ли е разликата?“, праша Груевски, враќајќи ја на сцена „платформата“ која најмногу ја критикуваше и пред, и после изборите во 2016 година, кога не успеа да формира влада.

Во реакцијата, името на поранешниот премиер од СДСМ го опиша како „синоним за измама во Македонија“. Според Груевски, обраќањето на Заев не е порака до народот, туку порака до оние кои му биле извор на моќ и на чија заштита сметал додека правел злодела, надевајќи се дека заради предавставата на националните интереси ќе биде заштитен.