1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ХПВ вакцина: Луѓе умираат, дезинформациите си течат

8 февруари 2023

Годишно во Македонија околу 150 жени заболуваат од рак на матката, а 40 ја губат битката со болеста. Но стапката на вакцинација и натаму е ниска, а дезинформациите земаат животи. Прочитајте повеќе во нашето истражување:

https://p.dw.com/p/4NCBH
Антиваксери Лондон
Протести на антиваксери во ЛондонФотографија: Justin Tallis/AFP/Getty Images

Ракот на грлото на матката денес е на четврто место меѓу „топ 5“ најчести карциноми во светот.

„Речиси 600.000 нови случаи на рак на грлото на матката се дијагностицираат секоја година, а над 300.000 жени годишно умираат како последица од болеста. На глобално ниво, на секои две минути, една жена умира од оваа болест која е водечка причина за смрт од рак кај жените во околу 40 земји. Приближно 90% од сите смртни случаи од рак на грлото на матката се во земјите со низок до среден приход, односно, 9 од 10 смртни случаи се застапени во земјите јсо ваков приход“, се вели во податоците што ги објави Институтот за јавно здравје.

На годишно ниво во европскиот регион на СЗО се регистрираат околу 69.000 случаи за заболувања од рак на грлото на матката и околу 30.000 смртни случаи.

Во Македонија ракот на грлото на матката по зачестеност кај популацијата на возраст од 15 до 50 години и натаму останува на второ место (после карциномот на градите). Инциденцата последниве години варира од 20 до 21 заболени на 100.000 жени, што се смета за висока бројка. За илустрација, во Финска изнесува 7, а во Словенија 4,4 и тоа уште пред пандемијата на коронавирусот. Генерално, инциденцата е поголема во земјите во развој кои немаат ефективни организирани програми за скрининг на карцином на грлото на матката и каде опфатот со вакцина против ХПВ е мал. 

Жртвите на вирусот - најголеми промотори на вакцината 

По двовалентната, во Македонија од 2019 година се користи четиривалентната ХПВ вакцина. Во најголем дел од европските земји денес се употребува деветвалентната вакцина, која обезбедува дополнителна заштита. Препорака од експертите во домашната Комисија за имунизација, е во следниот период деветовалентната вакцина да се воведе и кај нас, заедно со препораката таа да биде достапна и за вакцинирање на момчињата на 12-годишна возраст, како што веќе се практикува во многу земји.

„Вакцината против ХПВ штити од шест различни видови на рак кои се предизвикани од инфекција со хуманиот папилома вирус, чија ефикaсност и безбедност е докажана низ бројни клинички студии. За жал трендот на таканаречени aнтиваксери, е на пат да доведе до зголемен број премалигни и малигни заболувања“, предупредува  д-р Горан Димитров, претседател на Македонското здружение за цервикална патологија и колпоскопија.

Тој посочува која е просечната возрасна граница на заболувањата што ги предизвикува вирусот, и каква е нејзината тенденција. 

„Бројни студии покажаа зголемен ризик од ХПВ инфекција на помлади возрасти. Најголемата преваленца на ХПВ се јавува кај адолесцентите и младите возрасни на возраст меѓу 15 и 25 години. Инвазивен рак на грлото на матката се случува на 33-34 годишна возраст (врвот) меѓутоа во последните години е со тенденција на снижување на овој просек“, вели д-р Димитров. 

Погледнете го разговорот со д-р Димитров: 

Димитров: Антиваксерите шират невистини

Најмладата пациентка на Универзитетската Клиника за гинекологија и акушерство, каде што тој работи, е на возраст од 22 години, со дијагноза - инвазивен карцином на грлото на матката.

„Истата не беше вакцинирана и кај неа беше докажан ХПВ тип 16“, вели Димитров.

Токму вакцината нуди максимална заштита од ХПВ-типовите 16 и 18 кои се одговорни за 70 до 80 отсто од случаите на појава на рак на грлото на матката, за анален канцер, како и предканцерозни лезии на нив. И не е случајно, што денес најголеми промотори на вакцината против ХПВ се токму оние кои биле жртви на вирусот. Жените кои ја пребродиле агонијата на цервикалниот карцином благодарение на тоа што биле во стадиум кога може да биде извршен оперативен зафат, денес имаат само еден совет до девојчињата: Вакцинирајте сѐ, неодложно!

За жал, дел од жените и не стигнуваат да испратат ваква порака. Иако во изминатите 15 години е евидентиран благ пад на смртноста од ова заболување - од него во 2008 година починале 43, а во 2019 година 35 жени, сепак, билансите покажуваат дека состојбата генерално останува статична. Секоја година во Македонија во просек 150 жени заболуваат од рак на грлото на матката, а 40 ја губат битката со болеста. 

Компaративни искуства 

Д-р Димитров, кој во изминатите години е на првата линија на фронтот во објаснувањето на придобивките од вакцината против ХПВ,  објаснува каква е состојбата на овој план во други земји.

„Заклучно со март 2022 година, 117 земји (60% од државите членки на СЗО), што соодветствува на приближно една третина од глобалната целна популација, воведоа вакцина против ХПВ во нивните национални рутински распореди за имунизација. Во клиничките испитувања, вакцината за ХПВ беше над 99% ефикасна во спречување на предканцерози предизвикани од типови ХПВ 16 или 18 кај млади жени, кои се поврзани со 70% од карциномот на грлото на матката. Се проценува дека до 2058 година, по 50 години од оваа програма за вакцинација, ќе бидат спречени 64.000 карциноми на грлото на матката и 50.000 други видови на рак“, вели д-р Димитров. 

Д-р Горан Димитров
Д-р Горан Димитров, претседател на Македонското здружение за цервикална патологија и колпоскопија.Фотографија: Arbnora Mehmeti/DW

За споредба, како најдобар пример ги посочува Канада, Австралија и Шведска, каде што глобалната вакцинација достигнала до 87%. „Успешноста на вакцината се докажува во тоа што кај ниту една вакцинирана жена досега не е докажано присуство на ХПВ тип 16,18, наспроти државите во развој каде што стапката на карцином на грлото на матката е со многу висока инциденца“, споредува лекарот. 

Според податоците, во Австралија, инциденцата на прекурсорни лезии на ракот на грлото на матката била намалена за околу 40%, а се проценува дека до 2030 година инциденцата на цервикален карцином ќе биде 2 случаи на 100.000 жени. 

Како дезинформации ја минираа ХПВ вакцината: Лаги опасни по живот (1)

Трендот е позитивен и во Англија. Студија од тамошно истражување објавена во „Лансет“, покажала пад од 97% во предканцерозните промени на клетките кај жени вакцинирани на возраст од 12 до 13 години, пад од 75% кај жени вакцинирани на возраст од 14 до 16 години и пад од 39% кај жени вакцинирани на возраст меѓу 16 и 18 години.

„Без вакцинација, експертите веруваат дека билансот за предканцерогените промени можел да погоди речиси 36.000 жени. Истражувачите велат дека наодите даваат директен, глобален доказ за превенција од рак на грлото на матката со помош на вакцина за два типа на ХПВ, кој предизвикуваат рак на грлото на матката“, пренесе Гардијан на крајот од 2021 година.  

Ист „арсенал“ во Западен Балкан  

За разлика од развиените земји, регионот на Западен Балкан се соочува со недоволен опфат во однос на ХПВ вакцинацијата, заради  неприфаќање на вакцината кај дел од родителите, а најмногу како последица на дезинформациите. Во Србија, на пример, тие се идентични на „арсеналот“ што се користеше и во Македонија. Сѐ што доаѓа од официјалната медицина е дочекано „на нож", а главниот „рефрен" е дека вакцината е неиспитана и дека со неа се редуцира популацијата, бидејќи предизвикува неплодност.

Затоа и најголем дел од планираните активности на меѓународните организации, како СЗО и УНИЦЕФ, се насочени кон едукација и регионално делување со предлагање на заеднички модели за зголемување на опфатот со оваа вакцина. Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА) работи на превенција на ракот на грлото на матката уште од 2014 година, преку голем број успешни интервенции во земјите од Западен Балкан - Србија, Босна и Херцеговина, Северна Македонија и Косово. На иницијатива на УНФПА, регионот на Западен Балкан станал и еден од партнерите на Алијансата покрената во октомври 2021 година, како рамка за мултинационална, мултипартнерска соработка во елиминирањето на ракот на грлото на матката како јавно здравствен проблем. 

Александра Грозданова
Националната координаторка за имунизација Александра ГроздановаФотографија: Arbnora Mehmeti/DW

Вакцинацијата, скринингот, третманот и палијативната нега се сметаат за клучните интервенции на Нацрт глобалната стратегија на СЗО за елиминација на ракот на грлото на матката, кои би можеле во наредните сто години да спасат милиони животи, но само ако ефикасно се користат заедно. Овие проценки, објавени од Конзорциумот на СЗО за моделирање на елиминација на рак на грлото на матката, се засноваат на целите од нацрт-стратегијата до 2030 година да се постигне глобална покриеност од 90% вакцинација, 70% скрининг и 90% третман. 

Рецепт за успех

Според лекарите во Македонија, за да се оствари успешен скрининг до 70%, важно е алоцирање на доволно средства во превентивните програми, бидејќи на долг рок се намалуваат трошоците: еден пациент со инвазивен цервикален карцином многу повеќе ја чини државата (во човечки ресурси, средства, третман) отколку превентивните програми. А со сегашниот низок опфат на вакцината против ХПВ, Македонија сѐ уште е далеку од 90% покриеност. 

Како дезинформации ја минираа ХПВ вакцината: Кампањите растат, опфатот не! (2)

Што е потребно за да се достигне целта?

„Елоквентна и достапна едукација на младите луѓе како и на нивните родители, во која ќе се користат сите медиуми за поголема информираност и добивање на релевантните информации дадени од страна на специјализирани медицинските лица“, вели д-р Димитров. 

Националната координаторка за имунизација Александра Грозданова, порачува дека е потребна едукација и вклучување на сите здравствени работници, кои треба да бидат промотори на вакцинацијата.

„Прашањата и загриженоста кои ги имаат родителите треба да се почитуваат и соодветно да се одговорат. Треба да се делува преку младинските центри, во основните и средните училишта, да се споделуваат искуства на лицата кои ја имаат искусено болеста, со цел новите генерации да ја знаат предноста, кога имаат можност да се заштитат со ефикасна и безбедна вакцина“, порачува Грозданова.

Сето тоа бара голема општествена мобилизација, мултиресорски ангажмани, голема медиумска поддршка и континуирана, 12-месечна артикулација на темата. Досега, секоја година во јануари се организира „Недела на борба против ракот на грлото на матката", посветена на подигнување на свеста кај жените за потребата од скрининг и рана превенција. Тоа е недела во која покрај здравствените бројки, трендови и показатели може да се слушнат и многу индивидуални приказни, дел со среќен, дел со трагичен крај. Пораката на оние кои ја поминале голготата, е дека сите може да имаат среќен крај, доколку се разбере еден факт: ХПВ вакцината штити од рак на грлото на матката. Толку едноставно, само треба да се прифати.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи