1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Човекови праваГерманија

Како германски фирми ги мамат Украинките

Ленарт Банхолцер (НДР)
30 мај 2023

Од Украина во Германија пристигнаа повеќе од еден милион бегалци, претежно жени и деца. Истражување на германската ТВ НДР покажува како тие се искористувани од посредници за работа.

https://p.dw.com/p/4RGhe
Украински бегалци во Германија
Украински бегалци во ГерманијаФотографија: Matthias Balk/dpa/picture alliance

Помина повеќе од една година од почетокот на нападот на Русија врз Украина, а оттогаш во Германија пристигнаа повеќе од еден милион укараински бегалци, главно жени и деца. На жените често им се ветува брза заработка на пари.

Свитлана*  избегала од источна Украина во Германија во октомври. Поранешната вработена во металната индустрија сакала само едно: што поскоро да започне да работи. 51-годишната жена се регистрирала како бегалец во Хамбург. На Фејсбук пронашла еден оглас на украински јазик: „Се бараат чистачи за бродови за крстарење во Папенберг.“ Свитлана, заедно со други Украинки, наскоро почнала да работи таму. Но, уште вториот месец започнале проблеми: работодавачот престанал да им дава плата.

Свитлана била вработена во фирмата Аккок во Хановер, која според Пристаништето Мајер во Папенберг, била подизведувач ангажиран од страна на еден од нивните лиферанти. Самата пристанишна фирма добила „анонимно укажување“ дека фирмата Аккок „не врши регуларни исплати на плати на одделни лица“. Точноста на обвинувањата се испитува. Кратко време по прашањето што политичкиот магазин „Панорама 3“ на јавниот телевизиски сервис НДР го испратило до пристанишната фирма, стигнал одговор: „Тукушто добивме информација дека нашиот лиферант ја прекинал соработката со фирмата Аккок“. 

Три месеци без пари

Откако Свитлана шест недели работела како чистачка на брод за крстарење, работодавачот ја одвел во една стара куќа во Пајне, Долна Саксонија. Таму таа делела една соба со повремено четири други жени и три месеци чекала на нејзината плата. Нејзината помисла била: „Ако го напуштам ова сместувалиште, сигурно нема веќе да ги добијам парите."

На крајот, се обратила до хамбуршкото советувалиште „Работа и живот“, кое во вакви случаи се ангажира да им помогне на странските работнички. Дури откако советувалиштето извршило притисок, на Свитлана ѝ бил исплатен барем дел од нејзината плата.

Јоханес Рајнхолд од „Работа и живот“ е убеден дека на Свитлана ѝ следуваат уште многу повеќе пари. Таа пет месеци живеела во сместувалиште на работодавачот, нејзиниот работен однос во овој период не бил прекинат, а таа постојано била спремна да работи.

„Договорот за работа со работодавачот фактички важи до неговиот прекин“, вели Рајнхолд, а минималната плата во браншата изнесува 2600. евра бруто месечно.

Украина бегалци Германија
Украинските жени често не знаат дека бо Германија легално можат да работат само со бегалски статусФотографија: Henning Kaiser/dpa/picture alliance

Обвинувањата се „апсурдни и неосновани“

Новинарски тим на „Панорама 3“ на лице место го виде однадвор објектот каде привремено работодавачот ги сместил Свитлана и други Украинки. Работодавачот на Свитлана прво се согласи на интервју, а потоа го откажа, за писмено да соопшти дека обвинувањата се „апсурдни и неосновани“. Бегалците од Украина при краток разговор ги нарече паушално „кучкини синови“ и упати закани кон украинските луѓе.

„Панорама 3“ разговараше и со други Украинки кои очигледно биле искористувани од страна на различни агенции. Една од нив е Галина* од западна Украина. Ланската година два месеци работела во Германија како 24-часовна негувателка и до денес ја чека нејзината плата.

Еден месец се грижела за мајката на Волфганг С од Зеефетал. 90-годишната жена заболена од Деменција и со последици од повеќекратни падови постојано била зависна од нејзината помош во секојдневието. Фамилијата морала да најде итно решение, а од болницата добила бројни проспекти со понуди од агенции од браншата и на крајот избрала понуда за 24-часовно згрижување. „Бевме задоволни, најдовме решение“, вели Волфганг С.

Галина стигнала по неколку дена, а семејството за нејзиниот 30-дневен ангажман исплатило околу 1000 евра од сопствен џеб. Дополнително, според договорот, во агенцијата стигнувал додаток од осигурувањето за нега кој ѝ следувал на 90-годишната жена според степенот на нејзината болест – повеќе од 1600 евра.

Легална работа често само со бегалски статус

Но, само по неколку дена се појавиле проблеми: Галина не добила плата. Ниту за работата кај семејството С., ниту за претходно работно место. „Не добив ништо, ни цент. Моите деца беа разочарани, јас бев разочарана, но ја прифативме ситуацијата каква што е. Што можевме да правиме?“, вели таа.

И навистина, Галина очигледно работела илегално во Германија. Таа не била регистрирана како бегалец и затоа немала работна дозвола. Во браншата тоа е чест случај, вели Татјана Гончарук од Женска група ХелМа во Берлин, која од рускиот напад врз Украина стана поддржувач на бегалците од Украина.

Многу агенции свесно ја користат неинформираноста на Украинките: „Посредувачките агенции ја искористија ситуацијата што жените не се доволно упатени околу правото за престој или трудовото право во Германија.“ На жените често им се раскажува дека работата во Германија им е легална, а притоа, тоа е случај само ако тие се реистрирани за бегалци и имаат германски договор за работа.

Агенцијата ќе ја исплати платата

Галина сега би требало да ја добие својата плата за работата како 24-часовна негувателка. Агенцијата на прашање од НДР потврди дека на Галина ѝ следува исплата, но за тоа е надлежна друга посредничка агенција: „Веднаш ќе се обидеме да стапиме во контакт со посредувачката агенција за да разјасниме што се случило и да се осигураме што поскоро да бидат исплатени заостанатите пари“.

*Името е променето од редакцијата

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи