1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како ќе се определи Алијанса - за промени или како досега?

19 декември 2023

Вчерашната средба Таравари - Ахмети не донесе јасни одговори, па и натаму според двајцата соговорници „сите опции остануваат отворени“.

https://p.dw.com/p/4aKVI
Во наредната 2024 година македонските граѓани ќе гласаат на двојни избори: парламентарни и претседателски
Во наредната 2024 година македонските граѓани ќе гласаат на двојни избори: парламентарни и претседателскиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Претседателот на државата Стево Пендаровски денеска напладне ќе се обрати во Собранието на Република Северна Македонија. Денешното редовно годишно обраќањето, е последно во неговиот актуелен мандат, кој завршува следната пролет.

Иако партиите се подготвуваат за двојни избори - и претседателски, и парламентарни, тежиштето на интересот е доминантно кон парламентарните. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, повикувајќи сѐ на анкетите, очекува уверлива и историска победа, со бројка на мандати близу до мнозинство во парламентот.

И власта е уверена дека нејзиниот европски фронт ќе има сигурна победа.

„На изборите ќе се судрат два концепти, два блока кои природно се издиференцираа, едниот за интреграција во ЕУ и вториот против интеграција во ЕУ а ќе победи европскиот предводен од СДСМ и на претседателските и на парламентарните избори“, смета премиерот Димитар Ковачевски.

Од минатогодишното (22 декември, 2022 година) предновогодишно обраќање на претседателот Стево Пендаровски.
Од минатогодишното (22 декември, 2022 година) предновогодишно обраќање на претседателот Стево Пендаровски. Фотографија: Kabinett des Präsidenten von Nord-Mazedonien

Она што засега е непознато, дали освен ДУИ, во европскиот блок предводен од СДСМ ќе биде и актуелниот владин партнер Алијанса за Албанците. Одговорот го нема ни по вчерашната средба во Гостивар меѓу меѓу претседателот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари и претседателот на ДУИ, Али Ахмети. Тема на разговор била можната коалиција на претстојните парламентарни избори на овие две партии кои во тековната година станаа партнери во Владата.

Алијанса допрва ќе решава

Алијанса за Албанците (АА), која со влезот во владејачката коалиција изгуби од орелот на опозициска партија, во наредниот период ќе биде пред одлука - дали на изборите ќе настапи самостојно, дали ќе влезе во коалиција со ДУИ, или ќе си го врати опозицискиот имиџ, со приклучување на засега трипартитниот опозициски блок - Демократско движење, Алтернатива и Движењето Беса. Трите партии обединети под името Сојуз за европски промени ќе имаат заеднички настап на парламентарните избори, а како што најавија - и претседателски кандидат. Од Сојузот во неколку наврати испратија порака до АА да се приклучи во нивниот опозициски фронт.

Според извори во албанскиот блок, фактот дека Ахмети чукнал на вратата на Таравари, говори дека одлуката на АА може да биде пресудна по прашањето за опстанокот на ДУИ на власт, доколку Алијанса реши да се приклони кон опозицискиот фронт.

Во партиската база на АА најмалку расположение имало за коалицирање со ДУИ, а во најголем дел наводно биле поделени меѓу изборот - дали да имаат самостен настап, или да се приклучат кон опозицискиот фронт, како единствен сигурен начин да се стави крај на дводецениската доминација на ДУИ во власта.

Вчерашната средба Таравари - Ахмети не донесе јасни одговори, па и натаму според двајцата соговорници „сите опции остануваат отворени“.

„Една од опциите за кое имаме одлука од раководството е да излеземе сами на избори. Реков, за Алијанса е многу тешко да излезе со ДУИ, но повторно ќе ја разгледаме таа можност, секако дека ќе се почитуваат одлуките на партиските органи“, изјави Таравари за ТВ 21.

Лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари (архивска фотографија)
Лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари (архивска фотографија)Фотографија: DW/P. Stojanovski

Во следниот период за прашањето ќе се разговара и одлучува во партиското Претседателство и централното Собрание.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кусо изјави дека разговорот бил многу пријателски, дека опциите се отворени и оти повторно ќе се сретнат.

„Ќе видиме, ќе разговараме за опциите, визијата, настаните. Во рамките на оценките што ќе ги дадат раководните органи во нашите партии, ќе донесеме одлука како и за која опција ќе се одредиме“, изјави Ахмети.

Ветер во грб

Од тоа, на чиј тас ќе натежне АА, во голема мера ќе зависи резултатот во албанскиот блок. Според актуелни анкети, со приклучување на АА кон опозицискиот блок, станува поизвесна можноста ДУИ да замине во опозиција. И обратно - коалицирањето на АА со ДИУ ќе ги ослабне можностите за промени.

Заради поделеност во албанскиот блок, партиите ја пропуштија можноста за промени во 2020 година. Во моментов не е сигурно дали таа лекција ќе стане водилка на следните избори. Тактизирањето на АА - ем во Владата, ем со проопозициски речник, ги мати и сметките во однос на пополнувањето на испразнетото место во ДИК. Кога опозициската АА влезе во Владата, после именувањето на Кренар Лога за министер за правда, се испразни неговото место во Државната изборна комисија, и тоа место треба да биде пополнето со претставник од опозицијата.

Беса обвини дека иако местото во ДИК и припаѓа на албанската опозиција, власта прави терен да не се избере нов член за да не се замери со Алијанса за Албанците, пред таа да одлучи дали ќе настапи на заеднички листи и за поддршка на консензуален претседателски кандидат.

Составот на Државната изборна комисија за време на претседателски избори во 2019 година
Составот на Државната изборна комисија за време на претседателски избори во 2019 годинаФотографија: DW/P. Stojanovski

Без оглед каква ќе биде конечната одлука на АА, она што на опозицискиот блок може да му даде ветер во грб, се смета дека е влијанието на косовскиот премиер Албин Курти, кој уживал висока доверба и углед меѓу Албанците во Северна Македонија. Оттука, извори во албанскиот блок велат дека треба да се калкулира и влијанието што неговите пораки би можеле да го имаат на следните избори, бидејќи неговото влијание не завршува само до границите на Косово.

Тоа се виде и од начинот на кој опозицските партии го дочекаа Курти во Тетово и Скопје во август годинава, а тој се смета за еден од политичарите во регионот кој има поголема доверба од онаа што ја уживаат локаланите лидери во албанскиот блок. Иако во изминатиот период се говореше дека во РСМ ќе се формира партија по урнекот на „Самоопределување“, не е извесно дали има доволно време за тоа. Но дури и без таква партиска „франшиза“, се смета дека изворот на влијание не би била партијата како субјект, туку личната политичка аура на Курти.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи