1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаУнгарија

Како Виктор Орбан ги уценува сојузниците во ЕУ и НАТО

Силке Хане
7 октомври 2023

Дали приемот на Шведска во НАТО или новата миграциска политика на ЕУ: унгарскиот премиер Орбан постојано отскокнува со блокирање на соработката во меѓународните сојузи. Што се крие зад тоа?

https://p.dw.com/p/4X4ZP
 Унгарскиот премиер Виктор Орбан
Унгарскиот премиер Виктор Орбан постојано врши блокади во ЕУ и НАТОФотографија: Zoltan Mathe/dpa/MTI/AP/picture alliance

Пронајдена е веќе и следната уцена: во петокот минатата недела, унгарскиот премиер Виктор Орбан јасно стави до знаење дека нема поволно мислење за  изгледите за пристап на Украина во ЕУ.

Пред воопшто да можат да започнат пристапните преговори, ќе треба да се одговорат „многу тешки прашања“, рече Орбан за државното радио.

Земјите од ЕУ  сакаат во декември да донесат одлука околу можноста да започнат пристапните преговори. За тоа ќе биде потребна едногласна одлука. Така, Орбан повторно поставува заканувачки сценарио.

Блокада кога е од корист

Токму таквите едногласни одлуки Орбан постојано ги користи за да врши блокади во Европската унија, а исто така и во одбранбената алијанса, НАТО.

Некои примери: со закана со блокада, Унгарија издејствува неограничен исклучок од нафтеното ембарго на ЕУ против Русија.

Дополнително, земјата уште од мај ја блокира исплатата на милијарди ЕУ-долари на Украина како дел од таканаречениот мировен проект, бидејќи Украина ја стави унгарската банка ОТП на „листата на воинственици“. Сега Киев го ревидира потегот - и Унгарија може да го расчисти патот за исплата на милијардите. Но, само за возврат за ова.

И сè додека Украина не ги врати јазичните права во училиштата за унгарското малцинство, Унгарија не сака да ја поддржува Украина во меѓународните прашања. Орбан ова го изјави во парламентот на почетокот на минатата недела. На крајот на неделата следеше критичката изјава за можните преговори на Украина за пристапување во ЕУ.

Предизвици за сојузниците

На ниво на НАТО, Унгарија, исто така,  им го отежнува животот на своите сојузници:  Унгарија дозволува испораки на оружје низ нејзината територија само ако тоа не оди директно во соседна Украина.

А парламентот во Будимпешта со месеци едноставно не го става на дневен ред влезот на Шведска во одбранбениот сојуз. Виктор Орбан постојано ја обвинува Шведска за наводно ширење лаги за лошата состојба на унгарската демократија и владеењето на правото.

Како примери го користеше известувањето од независните медиуми. Околност што ја илустрира неговата идеја за слобода на печатот.

Дистанцирање од надворешни „непријатели“

Зголемената моќ на Орбан и неговата партија Фидес може да биде една од причините зошто  Орбан постојано ја напаѓа ЕУ и другите сојузници.

Оваа моќ се базира и на фактот што Орбан се стилизира за единствен заштитник на Унгарија, нејзиното мнозинско бело и христијанско население, како и идентитетот и јазикот на земјата.

За да ја наслика оваа слика, тој го користи разграничувањето од надворешните „непријатели“ - било да е тоа Брисел, муслиманските мигранти или наводно премногу критичната Шведска.

Виктор Орбан на самитот на ЕУ во Брисел, јуни 2023
Виктор Орбан на самитот на ЕУ во Брисел, јуни 2023 - постојано контрирање на одлукитеФотографија: Geert Vanden Wijngaert/AP/dpa/picture alliance

Орбан работи на зацврстување на својата моќ

Политичките аналитичари постојано истакнуваат дека Орбан силно го погодила смената од функцијата во 2002 година, по неговиот прв мандат. Од неговиот реизбор во 2010 година, тој неуморно работеше на проширување и стабилизирање на својата моќ.

Во ова спаѓа исто така и обезбедување што е можно повеќе предности на меѓународно ниво за Унгарија. На пример, преку исплати на милијарди евра од ЕУ. Унгарија е еден од најголемите нето-приматели.

Меѓутоа, откако во ЕУ започна постапката за владеење на правото против Унгарија, Орбан има проблем со приходите. Земјата страда и од економска криза и перманентно висока инфлација.

Да се остане сојузник

И покрај неговиот сојузнички минимализам, не е на повидок изолација на Орбан на меѓународно ниво. Секогаш има држави кои го поддржуваат курсот на Будимпешта. Турција, на пример, сè уште не го одобрила влезот на Шведска во НАТО.

Покрај Унгарија, на компромисот за правото на азил во ЕУ, за кој не е потребна едногласност, првично не се согласија ни Полска, Чешка, Словачка, Бугарија и Малта, Откако шпанското претседателство стави компромисен предлог на маса минатата недела, според дипломати, остануваат двајца противници: Полска и Унгарија.

Австриската влада исто така одржува добри односи со Орбан и тесно соработува со Унгарија за заштита на границите, на пример. Заедно со Полска и Словачка, Унгарија, исто така, опстојува на  увозните ограничувања за украинското жито, иако Европската Комисија нив ги укина.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема