1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Како воздушната одбрана на Украина ги запира руските напади

Александра Индјухова
17 јуни 2023

Преносливите системи се важен дел од украинската воздушна одбрана. Борци од мобилна единица за ДВ раскажуваат како го штитат воздушниот простор над регионот на Киев.

https://p.dw.com/p/4Seke
Војници од мобилна единица за противвоздушна одбрана на вооружените сили на Украина
Војници од мобилна единица за противвоздушна одбрана на вооружените сили на УкраинаФотографија: Oleksandra Indyukhova/DW

Ден без облаци на брегот на вештачко езеро во регионот на Киев. Неколку рибари седат на брегот, неколку семејства уживаат на сонце на преклопни столчиња. Одеднаш се појавува црно-зелено воено возило Хамер со монтиран противвоздушен систем Стингер. Луѓето брзо ги пакуваат своите работи и ги проверуваат своите мобилни телефони за предупредување од ракети.

Двајца припадници на армијата излегуваат од автомобилот и ги смируваат луѓето. Овојпат тоа е само вежба на мобилната единица за противвоздушна одбрана. Командантот Олександр меѓутоа укажува дека во случај на воздушен напад, секој би морал веднаш да го напушти брегот. „Опасно е по живот да се биде во близина на водена површина на отворено, бидејќи одвреме-навреме овде летаат руски ракети и ирански дронови Шахед, кои ние ги пресретнуваме“, вели 36-годишникот за ДВ. Неговиот соборец, 39-годишниот Иван, шета низ областа под полна воена опрема, внимателно испитува сѐ што има на површината на водата, на спротивниот брег и во околината.

„Потребен е добар вид и снаодливост“

Брегот на вештачкото езеро е едно од многуте места од каде украинската противвоздушна одбрана одвреме-навреме соборува цели. Преносливиот систем за противвоздушен одбрана што го носат Олександр и Иван се нарекува Дуал Маунт Стингер. Може да соборува проектили, авиони и хеликоптери од далечина од пет километри и на височина до три километри. Заедно со Иван, Олександр создава вистинска борбена ситуација низ која поминале многупати: брзо извлекуваат кутии со ракети од возилото, ги отвораат и ги ставаат проектилите во нивниот ракетен фрлач.

Украина мобилна единица за противвоздушна одбрана
Системите Дуал Маунт Стингер можат да погодат проектили, авиони и хеликоптериФотографија: Oleksandra Indyukhova/DW

Олександр скока на покривот на возилото и почнува да го проверува воздушниот простор. Притоа ротира на специјално седиште. „Можам да испукам две ракети за пет секунди“, објаснува тој. „Нашиот радар ми сигнализира цел во воздухот пред да ја видам, ми пренесува координати и ми кажува каде да нишанам - горе, долу. Кога ќе ја нанишанам целта, добивам сигнал 'пукај'.“

Олександр вели дека со исклучок на руската хиперсонична ракета Кинжал, „всушност може да симне сè" од небото. Не смее да открива повеќе детали. Само потенцира: „Потребен ви е добар вид и снаодливост. Системот може за цел да го смета и облакот над беспилотното летало. И, тогаш морам брзо да смислам нешто за да стигнам до дронот“.

Во последните недели, повеќето руски ракетни напади врз Киев и регионот се случија ноќе. Олександр и Иван признаваат дека ова биле многу напнати ноќи. Тогаш е многу потешко да се идентификуваат цели, а ги има премногу. Според Иван, руската армија сака да ги намали не само залихите на украинската воздушна одбрана, туку и нејзиниот борбен морал. Но, тоа, според него, нема да функционира: „Затоа што имаме доволно ракети и затоа што научивме да не спиеме навечер“, вели Иван.

Се разбира, не секој може да издржи таков стрес, дури ни секој војник, вели Олександр: „Но, се навикнав да останам буден осум часа навечер. Можам да легнам во 15 часот и да спијам до 18 часот, бидејќи знам дека тоа може повторно да започне во текот на ноќта“.

Украина мобилна единица за противвоздушна одбрана
Дванаесет симболи на возилото претставуваат дванаесет соборени непријателски целиФотографија: Oleksandra Indyukhova/DW

„Јас сум одговорен за многу животи“

На прашањето како се чувствува кога не успева да собори цел, Олександар се бори за зборови. Вели дека психички е многу тешко кога ќе сфати дека дрон или ракета погодила станбена зграда, градинка, училиште или болница. „Тогаш ми е јасно дека не успеав да спасам животи. Јас сум одговорен за многу животи“. Затоа војниците постојано тренираат, додава Иван. За секоја соборена непријателска цел, тие на своето возило сликаат трозабец, националниот амблем на Украина. Возилото го красат дванаесет вакви симболи.

Командата за противвоздушна одбрана на украинската армија сѐ уште не објавила никакви информации за медиумите за работата на ваквите мобилни единици. Сега, по повеќе од една година војна, на Олександр му е дозволено да зборува за своите искуства. Во првите месеци од војната тој во регионот на Киев соборил два авиона Су-25 и два хеликоптера К-52. Хеликоптерите се особено тешки за гаѓање, вели Олександр. Тешкотијата, додава тој, е што тие хеликоптери користат ласер за да ги одвратат ракетите. „Се зборуваше дека не може да се соборат. Но, сè е можно ако се обидете. Постојано ги менував позициите, доаѓав под артилериски оган, но конечно успеав“, вели тој. Олександр пресретнал и вкупно осум дронови на други места во регионот на Киев и во Харков.

Украина мобилна единица за противвоздушна одбрана
Цртежи од деца во возило на мобилната единицаФотографија: Oleksandra Indyukhova/DW

Олеснување благодарение на ИРИС-T и Патриот-системот

Според проценките на Командата на вооружените сили на Украина, украинската воздушна одбрана сега успешно одбива и масивни ракетни напади врз регионот на Киев. Успехот зависи токму од мобилните, преносливи системи за противвоздушна одбрана кои тешко се лоцираат и можат брзо да се постават и демонтираат. Олександр и Иван велат дека било олеснување кога Украина од своите партнери ги доби моќните ракетни одбранбени системи ИРИС-Т и Патриот.

Олександр научил како да го користи Дуал Маунт Стингер уште пред војната: „Литванија ни го даде овој пренослив систем за противвоздушна одбрана, а ние завршивме брз курс“. Олександр бил професионален војник и пред да избие војната и ги следел наредбите за заштита на воздушниот простор над Украина: „Отидов во војна за да ја заштитам Украина, моето семејство - мојата сопруга и моето дете, кои ги немам видено осум месеци.“ Иван, пак, завршил обука дури за време на војната. Неговата мотивација да служи во единица за противвоздушна одбрана е поврзана со неговата работа, бидејќи пред војната бил во цивилната заштита и спасувал животи на луѓе: „Јас ја бранам мојата земја и моето семејство“.

Двајцата не откриваат колку такви мобилни противвоздушни единици го штитат регионот на Киев. Секој би почувствувал кога би немало доволно такви единици, велат тие. И ветуваат дека ќе кажат сѐ по војната - колку мисии биле успешни, но и какви загуби имало.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема