1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Камала Харис ветува „нов пат напред“

Тагесшау | БЈ
23 август 2024

Камала Харис и официјално ја прифати номинацијата за претседателски кандидат на Демократите. Со борбен говор се обиде да ја придобие наклонетоста на средната класа и предупреди од сериозни последици доколку победи Трамп.

https://p.dw.com/p/4jont
САД Чикаго Камала Харис
Камала Харис одржа борбен говорФотографија: J. Scott Applewhite/dpa/AP/picture alliance

Кандидатката на Демократите за претседателските избори во САД, Камала Харис, има уште 75 дена да ги придобие американските гласачи. На завршетокот од партискиот конгрес во Чикаго таа ги скицираше плановите и програмата за Белата куќа и официјално ја прифати номинацијата. „Знам дека вечерва ме гледаат луѓе со различни ставови и сакам да знаете дека ветувам оти ќе бидам претседателка на сите Американци“, рече актуелната потпретседателка на САД. Таа потенцираше дека заедно со граѓаните сака да зачекори по „нов пат напред“ – не како членови на една партија или група, туку како Американци. Таа сака да ги надмине „огорченоста, цинизмот и поделбите од минатото“.

Харис истовремено предупреди од последиците во случај на изборна победа на републиканскиот кандидат Доналд Трамп. Рече дека тој се грижи само за сопствените интереси и посочи дека „последиците во случај Доналд Трамп да се врати во Белата куќа, ќе бидат екстремно сериозни“.

Наспроти тоа, таа сака да се заложи за средната класа и за единство во општеството и да спроведе промени во даночниот систем од кои би профитирале повеќе од 100 милиони Американци. Рече дека сака да биде претседател кој води, но и слуша. Повеќекратно ги спомена сојузниците на САД и најави соработка со традиционалните партнери, како и Украина.

Слика на борец за правда

Како што е и вообичаено во американската политика, Харис зборуваше за својата семејна приказна, за родителите и својот животен пат. 59-годишната Харис раскажуваше за соученичка која дома била изложена на сексуализирано насилство, што ја поттикнало да стане обвинителка. Харис се претстави како борец за правда „во име на народот“. Посочи дека водела многу тешки процеси и дека е подготвена да ја води тешката борба за Белата куќа.

САД Чикаго | Камала Харис
Харис се претстави како борец за правда „во име на народот“Фотографија: Brynn Anderson/dpa/AP/picture alliance

Борба за средната класа

Иако Харис веќе три и пол години е потпретседателка на САД, за нејзината политичка програма малку се знае во јавноста. Пред околу една недела во предизборниот говор во сојузната држава Северна Каролина го скицираше својот економски курс. Уште тогаш најави даночни олеснувања за лица со средни и ниски примања. Харис се обрати и на почетокот на партиската конвенција, ноќта кон вторникот, и притоа му се заблагодари на актуелниот претседател Џо Бајден за неговата служба за нацијата. Бајден се повлече од трката за реизбор по внатрешнопартискиот притисок на кој беше изложен и го ослободи патот за Камала Харис.

Пинк ја отпеа песната „What About Us“

Еден конгрес секогаш е и шоу за присутните во салата и за луѓето пред телевизиските екрани. Во Чикаго на четвртиот ден настапи и суперѕвездата Пинк со ќерката Вилоу и ја пееше песната „What About Us“. Во неа се работи за чувството на разочарување од политичките носители на одлуки, кои не си ги одржуваат ветувањата. Во песната е изразена фрустрацијата на луѓето кои имаат чувство дека нивниот глас не се слуша.

Вчера (22.08) Тим Волцја прифати кандидатурата на Демократската партија за потпретседател. За 60-годишниот Волц говорот беше пред сѐ прилика да ѝ се претстави на пошироката јавност. Тој се претстави како отворен, конструктивен и како човек од народот. Харис на изборите на 5 ноември ќе си ги одмери силите против поранешниот претседател на САД и актуелен кандидат на Републиканците, Доналд Трамп.