Последни часови од кампањата - од полноќ изборен молк
22 април 2024Седуммина кандидати за претседател денеска ја заокружуваат изборната кампања пред гласањето на 24 април. На полноќ почнува изборниот молк, кој ќе трае се до завршувањето на изборниот ден во среда. Гласачите на овие претседателски избори имаат можност да го дадат својот глас за петмина мажи и две жени коишто влегоа во трката за претседател, по обезбедувањето на неопходните граѓански потписи за поддршка.
Претседателот Стево Пендаровски поддржан од СДСМ и коалицијата по вторпат ќе ја бара довербата на гласачите, а негов противкандидат е Гордана Силјановска Давкова од ВМРО-ДПМНЕ. На гласачкото ливче ќе се најде и името на професорката Билјана Ванковска поддржана од Левица, како и на градоначалниците - Максим Димитриевски од ЗНАМ, Стевчо Јакимовски од ГРОМ и Арбен Таравари од коалицијата Вреди. На поддршка на гласачите се надева и шефот на дипломатијата, Бујар Османи, кој влезе во трката за претседател со поддршка на ДУИ како предводник на Европскиот фронт.
Што ветија?
Кандидатите на почетокот на кампањата ветија чесна и интересна битка за претседател, но во изминатите недели покрај нивните програми и изборни ветувања, граѓаните беа сведоци и на црна кампања, обвинувања, напади и навреди и меѓу кандидатите, но и меѓу партиите коишто застанаа зад нив.
Пендаровски во своите настапи побара мандат од граѓаните за придвижување на државата напред, кон евроинтеграции и подобар животен стандард. Професорката Силјановска во своите настапи го критикуваше Преспанскиот договор, како и европскиот предлог и условот за уставни измени. Порачуваше дека најважниот предизвик за сите е беспоштедната битка со корупцијата и криминалот.
Професорката Ванковска беше децидна дека „Левица' не бара реформа, туку радикална промена, порачувајќи дека „ние припаѓаме на Европа, не не и на Европската Унија“. „Моите противкандидати велат ќе ја направеле европска Македонија. Целава приказна за ЕУ јас сакам да ја боцнам како балон и да се види дека зад таа приказна нема бајка“, порача деновиве Ванковска од Битола.
Максим Димитриевски со поддршка од неговата партија ЗНАМ - За наша Македонија, влезе во претседателска битка, со програма која се базира на пет стратешки начела: единствени во надворешната политика, глас на разумот и обединувањето, поцврсти во одбраната и безбедноста, силни институции за заштита на граѓанинот и државата, и вклученост и одговорност.
Градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски кој не се откажа од трката за претседател, иако во меѓувреме се најде на „црната листа“ на САД, во кампањата бараше јакнење на улогата на Македонија во структурите на НАТО и повеќе почит за државата и нејзините граѓани од Алијансата, САД и ЕУ. Тој одлучи да не го потпише кодексот за фер избори - ниту како претседателски кандидат, ниту како лидер на партија, незадоволен од распределбата на буџетските средства за кампањите.
Мобилизација на гласачкото тело
Албанското гласачко тело на овие избори има можност за гласа за двајца кандидати - Арбен Таравари и Бујар Османи. За Таравари европскиот пат е „пред сѐ и над сѐ“ и повика на мобилизација на гласачкото тело. Неговата изборна платформа се темели на четири столба: Северна Македонија интегрирана во регионот и во Европа, производител на безбедност, правна држава и консензуална демократија.
Кампањата на Османи ја одбележаа неколку ветувања и барања - тој се залага за интеграција во ЕУ до 2030 година и стратешки дијалог со САД, но за време на кампањата ги изнесе и партиските барања на ДУИ за избор на претседател во Собранието, како и за ветинг спроведен преку формирање на меѓународен одбор со САД, ЕУ и НАТО за сертификација на сите носители на јавни функции.
Дијаспората ќе го „скрши ледот“
За изборите за претседател во Избирачкиот список се запишани 1.814.317 избирачи. Во изводите од Избирачкиот список за гласање во државата се запишани 1.713.758 избирачи, додека во странство во ДКП-та или конзуларни канцеларии ќе гласаат 2.569 избирачи. Во посебниот извод од Избирачкиот список за лица кои за време на изборите се наоѓаат на издржување казна затвор или се во притвор, има 2.147 избирачи.
Дијаспората, затворениците, лицата во старските домови, болните и изнемоштените лица гласаат ден пред изборите односно во вторник на 23 април.
Во дипломатските претставништва и конзуларни канцеларии во вторник, 23 април, врз основа на прифатените 2.571 пријави на македонски државјани, гласање треба да се спроведе во Абу Даби каде се пријавени 26 гласачи, во Белград-31, Берлин-260, Берн – 186, Бон – 164, Брисел -93, Вашингтон-34, Венеција – 79, Виена – 123, Детроит-34, Загреб-87, Канбера-31, Копехаген-74, Лондон-87, Љубљана-332, Минхен-166, Мелбурн-64, Њујорк-85, Осло-41, Париз-44, Прага-52, Рим-30, Стокхолм-85, Торонто-117, Хаг-65, Чикаго-88, Анкара-18, Варшава-23, Мадрид-18, Пекинг-12 и Софија 22.
Првичните информации за изборните резултати би требало ДИК да ги објави пред полноќ на 24 април.
Вториот круг од претседателските избори ќе се поклопи со парламентарните избори на 8 мај, а гласачите кога ќе дојдат на избирачките места пред да ги добијат гласачките ливчиња, ќе треба да се изјаснат дали ќе гласаат за двата избори или не.
Во канцеларијата на Народниот правобранител, во среда од 7 до 19 часот, на денот на одржување на првиот круг за избор на претседател на државата, граѓаните ќе можат да пријават каква било повреда на избирачкото право на бесплатната телефонска линија 0800 54321.