1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кастинг без тефтер, автономен буџет и мониторинг

21 август 2024

Никаков напредок нема да има доколку не се ослободат судството и обвинителството од политички влијанија, порачува премиерот.

https://p.dw.com/p/4jix6
Северна Македонија средба на премиерот Христијан Мицкоски со претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева
Според премиерот Мицкоски, за 40-тина минути не може да се извлече заклучок како треба да се реформира нешто што се уништувало со децении (фото: средба на премиерот Христијан Мицкоски со претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева)Фотографија: Government of North Macedonia

Претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева не е единствениот соговорник на владата околу идеите за реформи кои треба да ја вратат довербата во правосудството. Премиерот најави дека тој процес на разговори ќе продолжи и во наредниот период ќе се чекаат и други идеи и предлози за реформи во правосудство.

Христијан Мицкоски дел од проблемите ги лоцира во институциите што го вршат „кастингот“ на кадри во судството и обвинителство. Од тие проблеми извира заложбата судиите и обвинителите сами да ги избираат нивните претставници во двата совета. Во тие заложби спаѓа и автономен буџет, но и интерпарламентарна група која ќе им ја набљудува работата, со цел да не се злоупотребуваат народните пари и ресурси.

Ова премиерот го посочи во контекст на податокот дека наскоро им истекуваат мандати на поединци кои треба да бидат заменети со нови предлози што ќе дојдат од нови политичари.

„Сега што треба ние да правиме? Истото да го правиме? Нема да биде личност ‘X’ ќе биде личност ‘Y’. Таа личност ‘X’ која до вчера ja предложиле ‘Речица’ или ‘Бихаќка’ сега треба да дојде од оваа влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ? Со тоа што сме решиле? Никаков напредок нема да имаме доколку не ги ослободиме овие институции од политички влијанија: Ние велиме: автономен буџет, а вие изберете си ги претставниците. Не сакаме ние да ги бираме. Бидејќи го трошите народниот буџет, а ние одговараме за тој народен буџет, во рамките на парламентот ќе има меѓупартиска група со пратеници и од власта и од опозицијата коишто ќе прават набљудување на вашата работа, да не ги злоупотребувате народните средства и ресурси“, образложи Мицкоски.

Лојални на тој што ги катапултирал

Според податоци од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), во 2022 година биле доставени 81 пријава со наводи што се однесувале на правосудството, во 2023 година - 78 пријави, а во 2024 година - 10.

Антикорупциски експерти ова го толкуваат не како пад на индициите/случаите за корупција, туку како обесхрабреност на граѓаните да пријавуваат такви случаи, токму поради тоа што гледаат дека нема последици за правораздавачите.

Има извесни очекувања дека случајот со мито во кој се инволвирани и признаа вина врховен судија и член на Советот на јавни обвинители ќе донесе одредено охрабрување во смисла на пријавување, но не и во однос на генералната доверба, поради висината на казните за кои посочените лица се спогодиле.

Северна Македонија Христијан Мицкоски
Мицкоски: Дали некои тефтерчиња од минатото се заменети со тефтери од сегашноста?Фотографија: Government of North Macedonia

На овој случај се осврна и премиерот, објаснувајќи зошто ни препораки ни брилијантни закони нема да помогнат ако напишаното не се имплементира од судиите и обвинителите.

„Ние на хартија може да напишеме брилијантни препораки и закони и да ги имплементитраме - и со 61 пратеник, и со двотретинско мнозинство. Но, ако тоа не се имплементира од тие коишто треба тоа да го имплемнтираат и на начин како што треба, а тоа е да се донесе правдата, тогаш попупсто следиме препораки, оценски мисии, менуваме закони. Треба да се обвинува по закон, да се суди по закон (...) Врховен судија и потпретседател на Совет на јавни обвинители се дел од коруптивен скандал со парите во рака. И се спогодуваат. Има ли поеклатантен пример на немање правна држава? Што дека имаме оценска мисија, што дека имаме 40 препораки, што дека имаме брилијантни закони, кога тие што тоа треба да го имплементираат – не го имплементираат", реторички праша премиерот.

Токму поради тоа, смета дека е многу важно е да се знае кои се трите институции кои го прават кастингот за луѓето што треба да донесат правда.

„Тоа се Судскиот совет, Советот на јавни обвинители и Академијата за судии и обвинители. Луѓето што тие ги избираат треба да донесат правда. Прашањето е како ги избираат? Дали некои тефтерчиња од минатото се заменети со тефтери од сегашноста? Дали тие луѓе кои што ќе го поминат овој филтер и ќе се катапултираат во обвинителско-судските кругови се лојални на правото, законите, Уставот или на некој кој ги катапултирал? Тоа е суштината“, потенцира Мицкоски.

Предлози за промени

Во досегашното спроведување на Законот за Судскиот совет беа лоцирани одредени недостатоци, за чие надминување од страна на Оценската мисија на ЕУ беа дадени конкретни предлози. Министерот за правда во претходната влада формираше Работна група за изготвување на Закон за изменување и дополнување на Законот за Судскиот совет, согласно со препораките од Оценската мисија. Најважните новини што се предлагаа во законските измени е на огласот на Собранието за избор на член на Совет, свои предлози за член да даваат: Интеруниверзитетската конференција, со кандидати од редот на редовни професори по право со професорски стаж од најмалку 20 години од првите три најдобро рангирани универзитети во државата; и Адвокатската комора со кандидати од редот на адвокатите со адвокатски стаж од најмалку 20 години. Потоа, зголемување на судискиот стаж од шест на 15 години како услов за членовите на Судскиот совет од редот на судиите; зголемување на работното искуство од 15 на 20 години како услов за членовите на Судскиот совет избрани од Собранието; регулирање на начинот на избор на членови на Советот од Собранието според компаративното искуство за избор на членови во ДКСК, и воведување на изборен цензус за изборите на членови во Судскиот совет од редовите на судиите.

Северна Македонија Весна Дамева
На вчерашната средба со Дамева не било навлегувано во деталиФотографија: Government of North Macedonia

Не треба да се гледаме

Дали вака замислениот „кастинг“ ќе донесе подобар избор, ќе се разговара и наредниот период. Но, и фактот што во Владата се случуваат средби со претставници на судството, според премиерот е доказ за проблемите. 

„Самото тоа што политичари и судии се гледаат, значи дека работата не е како што треба. Не треба да се гледаме. Тоа е нашата цел - да не се гледаме, а да имаме правна држава, да си функционира сѐ како што треба. Во нашата реформа тоа е целта“, порача Мицкоски.

На вчерашната средба со Дамева не било навлегувано во детали, бидејќи таа наративно ја образложила замислата што ја имаат како Судски совет. Според премиерот, за 40-тина минути не може да се извлече заклучок како треба да се реформира нешто што се уништувало со децении.

„Треба денови и денови да се разговара за да се создаде концепт кој што ќе биде функционален“, рече Мицкоски.

Сетот од предлози за Судскиот совет ќе биде доставен и презентиран во Министерството за правда, а Мицкоски очекува и други идеи.

„Во периодот што следи имаме намера да ги соослушаме сите и да ги добиеме сите предлози кои што се во насока на подобрување на состојбата и превенирање на оваа, според нас, безбедносна закана – невладеење на правото и високото ниво на криминал и корупција“, порача премиерот.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема