1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грција со внимание ја следи изборната дебата во Македонија

ДТЗ
5 април 2024

Грчкиот весник „Катимерини“ ги пренесува пораките на лидерите на власта и на опозицијата околу Преспанскиот договор

https://p.dw.com/p/4eSdy
Христијан Мицкоски и Димитар Ковачевски
Грчкиот весник „Катимерини“ ги пренесува пораките на лидерите на власта и на опозицијата околу Преспанскиот договорФотографија: Petr Stojanovski /DW

Изборната дебата во Северна Македонија со внимание се следи и во соседна Грција. Весникот „Катимерини“ во четвртокот (4.04) објави текст под наслов: „Договорот од Преспа оспорен во предизборната дебата во Северна Македонија“, во кој се пренесуваат пораките на лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски и на првиот човек на СДСМ, Димитар Ковачевски, изнесени во телевизиска дебата на Канал 5, која што што се одржа деновиве во рамките на изборната кампања за претседателските и парламентарните избори во земјата. 

Загриженост

Лидерот на најголемата опозициска партија во Северна Македонија изјави дека доколку биде избран за премиер, ќе ја нарекува земјата единствено како „Македонија“, без оглед на Договорот од Преспа од 2018 година со кој се реши спорот со Грција за името на земјата.

Весникот наведува дека Димитар Ковачевски изразил загриженост поради одбивањето на лидерот на десничарската партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски да го користи уставното име на земјата.

„Ковачевски рече дека ова одбивање може да предизвика проблеми со Договорот од Преспа од 2018 година, со кој, со поддршка на ОН, се смени името на Поранешна Југословенска Република Македонија во Северна Македонија“, додава весникот Катимерини, кој ја пренесува и изјавата на Мицкоски кој вели : „За мене Македонија е и ќе остане Македонија. Моите предци би биле горди на мене за она што го правам за мојот народ и за мојата земја“.

Анкети

Како што оценува грчкиот весник, последните анкети покажуваат водство на ВМРО-ДПМНЕ на претстојните парламентарни избори, кои се совпаѓаат со вториот круг од претседателските избори во земјата, каде актуелниот претседател и кандидат на СДСМ, Стево Пендаровски, ќе се соочи со Гордана Силјановска од ВМРО-ДПМНЕ.