Ќесето на МОН посиромашно од ќесето на Врабевски
22 ноември 2022Бугарската фондацијата „Бугарска меморија“ која ги помага бугарските клубови во РСМ, вчера (21.11) соопшти дека почнува социјално-информативна кампања за поддршка на добрососедството меѓу Бугарија и Северна Македонија, насловена „Од двете страни на границата“.
Навидум нема ништо спорно, напротив - секоја иницијатива за зближување и унапредување на соработката меѓу граѓаните од двете земји се смета за додадена вредност во градењето пријателство и добрососедство. Но, пораката со која е најавена оваа кампања, го враќа во јавниот дискурс наративот кој создаде и создава недоверба во добрососедските мотиви. Таа порака, објавена на веб-страницата на Фондацијата, гласи: „Ние сме едно цело - браќа и сестри, разделени од двете страни на границата“.
Во најавата на кампањата е наведено дека „иницијативата има за цел да го насочи општественото внимание кон неопходноста од правилна и ангажирана државна политика во насока на добрососедство и пријателство меѓу државите, да покаже дека одамна е дојдено времето за дипломатија, сплотеност и пријателство меѓу братските држави во име на светла иднина на младото поколение, во име на заедничката историја, корени и култура“.
Првото прашање е - кој одредува што е „правилна и ангажирана државна политика“ во насока на добрососедство и пријателство меѓу државите“?
Второ, што значи синтагмата „во име на заедничката историја, корени и култура“?
Третото прашање произлегува од најавата дека тимот на Фондацијата во рамките на кампањата ќе го претстави својот модел на работа во полза на подобрување на односите меѓу двете земји, но и ќе се обиде да одговори на неколку основни прашања: Зошто толку години на Македонија и Бугарија им е сѐ потешко да најдат заеднички јазик? Чија е оваа „битка“ - на обичните луѓе или на оние на власт? Што мислат едни за други обичните луѓе од Македонија и Бугарија?
Децата да кажат - какви треба да бидат односите меѓу двете земји!
Темите се легитимна за разговор, но не и кога во неа ќе се вклучат деца. А деца од РСМ се први гости во рамките на оваа кампања. Основачот и претседател на Фондацијата, д-р Милен Врабевски го финансира петдневниот престој во Бугарија на младите од Детското ликовно студио „Св. Кирил и Методиј“ од Битола заедно со ученици од реонот на Родопите. Програмата вклучува посета на градовите Копривштица и Софија, творечки активности, едукативни предавања и забава. Во поддршка на кампањата, утре (23.11.) децата ќе ги претстават своите цртежи пред пратениците во Народното собрание. Од Фондацијата објавија дека „темата на изложбата ќе биде ’Oд двете страни на границата’ и ќе има за цел да покаже какви треба да бидат односите меѓу двете земји низ очите на младите“.
Зошто наместо со теми соодветни за нивна возраст, децата се задолжени со тема која иманентно им припаѓа на возрасните? Особено, што заради тезите кои ги промовира Фондацијата во контекст на кампањата, оваа епизода може да предизвика поинаков ефект од планираниот. Врабевски е убеден дека кампањата е во корист на младите.
„Оваа кампања е најмногу во полза на добрата иднина на младите од двете страни на границата, бидејќи тие се жртвите на долгогодишните политички спорови меѓу Северна Македонија и Бугарија, останувајќи во средината на конфликтот, за кој тие најмалку носат вина. Не е случајно, што голем дел од моите инвестиции одат имено за образованието на младите од двете држави. Со мојата фондација ги бараме сите начини по европски модел да ги собереме децата заедно: спорт, образование, култура, евроинтеграција - сè! Одржуваме годишни семинари за обука на кои каниме деца од Северна Македонија во Бугарија, така даваме непристрасен поглед за тоа какви сме навистина, надвор од политичката пропаганда. Им ја покажуваме нашата љубов кон нив и им покажуваме дека во Бугарија можат да најдат почит и добар развој. Овие средби на деца од двете страни на границата се една добра основа за подобрување на односите меѓу двете држави“, изјави основачот и претседател на Фондацијата „Бугарска меморија“.
Ликовна колонија и меѓународна соработка е едно, а темите кои таму се обработуваат - може да се претворат во нешто сосема друго. Според домашниот Закон за заштита на децата, како дете се смета секое лице до наполнети 18 години живот (член 11), а се забранува злоупотреба на децата поради политичко или верско организирање и дејствување (член 12). На овие членови се повикуваа организации за заштита на правата на децата, на пример, кога пред три години беше објавен конкурс за средношколци на тема „НАТО и јас“, потсетувајќи притоа и на Конвенцијата на ООН за правата на детето и Декларацијата за заштита на детето од политичка манипулација и злоупотреба.
Запрена финансиската поддршка
Се чини дека домашните надлежни институции немаат контрола врз активностите кога станува збор за вакви програми на меѓународна соработка во кои учествуваат македонски ученици. Таков беше и случајот од крајот на октомври кога Фондацијата „Бугарска меморија“ објави дека во дводневна посета на Софија се ученици од битолското средно Техничко училиште и ги претстави како „истомисленици на културниот центар ‘Ванчо Михајлов’ во Битола“, а по реакциите во македонската јавност ги отстрани објавените фотографии.
- повеќе: Две пораки од Битола: една на патронот, друга на спонзорот
И не само што немаат контрола, туку некогаш се и директен повод за ваков епилог. Детското ликовно студио „Св. Кирил и Методиј“, кое бесплатно го посетуваат деца на возраст од 5 до 18 години и кое го организира детскиот уметнички фестивал „Мал битолски Монмартр“, по три децении годинава за првпат остана без финансиска поддршка од Министерството за образование и наука (МОН).
Во август годинава тоа го соопшти претседателот на Управниот одбор на Детското ликовно студио, Славчо Неделковски, кој јавно упати апел за спас на „Мал битолски Монмартр“, бидејќи престанала тридецениската поддршка од МОН (наменета за плата на едно лице -технички секретар и сметки за електрична енергија, телефон...), од 60.000 денари месечно. Тој апелираше до сите граѓани и општествено одговорни компании да помогнат со гест на поддршка и финансиска помош за да опстои единствениот светски детски бренд од Македонија, а децата од битолското студио сликаа пред зградата на МОН за да порачаат дека нема да се откажат од тој бренд.
Таму каде што исчезна поддршката од македонската држава, продолжи со поддршка „Бугарска меморија“, откако годинава се организираше и „Малиот Монмартр во Пловдив“. Врабевски во почетокот на октомври го посетил Детско ликовно студио во Битола за лично да се информира за егзистенцијалните проблеми и најавил поддршка за младите талентирани ликовни уметници. Еден месец подоцна реализиран е петдневениот престој на деца од битолското студио во Бугарија.
Темата „Oд двете страни на границата“ е тема за домашните институции. Во прашање е границата на одговорноста, која заради чинење или нечинење, поддршка или отсуство на поддршка, ќе остави „сива“ зона во која потоа е тешко да се одредат разликите меѓу искрена соработка, употреба на нечија егзистенцијална криза за свои цели и потенцијална манипулација.