1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
30 декември 2024

Неодамна од печат во издавачката куќа ИЛИ-ИЛИ во Скопје излезе шестиот роман на Кица Колбе, „Простување“. Тој е приказна за траумите од војната, но и можноста за помирување и простување. Донесуваме извадок од романот:

https://p.dw.com/p/4ogcB
„Простување“, роман на Кица Колбе
„Простување“, роман на Кица Колбе

(извадок од романот „Простување“  од Кица Колбе)

Со силата на лириката Евреинот Паул Целан во „Фугата на смртта” го изрази незамисливото во името Аушвиц. Ја пишувал од 1944 до 1945. По војната, во 1947, првпат е објавена во превод на романски, а 1948 на германски. Токму поради лириката на Паул Целан, верував долго (и уште верувам) дека уметноста е посилна од разорната сила на злото. Зашто таа не дозволува да се заборави страдањето. И, сепак, Целан се самоуби во 1970! Се фрли од мост во Париз, во Сена.Го довело до очај тоа што луѓето брзо ја заборавале војната. И затоа таа можела да се повтори. И таа се повтори во февруари 2022. Паул Целан бил роден на 23 ноември 1920 во Черновиц, во Буковина, тогаш во Романија, денес во Украина.

„Дневник на војните”

Желбата за брз заборав на војната му помага и во мирот на законот на војната да преживее како криптична воена пропаганда. Тој треба само доволно долго да чека да дојде вистинскиот момент за неговиот нов настап на светската сцена. Тоа е моментот кога и обичните луѓе си помислуваат дека полош од војната е само лошиот мир. Затоа што одамна не виделе урнатини од војната околу себе, затоа заборавиле какво страшило е таа. На крајот на секоја војна, урнатините им врескаат на луѓето в лице со немиот говор на траумата. Им велат дека тие на жртвеникот на злодухот на војната не ги жртвувале само другите, поинаквите, омразените, стигматизираните и прогонетите, туку и самите себе, својот живот и животите на три генерации. Затоа не можат да издржат долго да ги гледаат урнатините. Можеби затоа особено во земјите на причинителите на војната урнатините најбрзо се отстрануваат. За да можат пропагаторите на војната да не ги гледаат повеќе делата на своите раце. За да не ги препознаваат другите според нивните злодела. За да можат брзо да ја сменат страната. Од пропагатори на војната да станат пропагатори на мирот.

Да не ги отстрануваа луѓето по војната сите урнатини од срцето на нивните градови, можеби нивните потомци немаше да сонуваат толку брзо за нови војни. Тие немаше толку наивно да им веруваат на следните агенти на војната, жедни за свежа крв. Да не ги отстрануваа луѓето толку брзо по војната урнатините, потешко ќе им беше на слугите на безмилосниот закон на војната да им ја продадат лагата како вистина. Откако ќе ги отстранат видливите урнатини околу себе, луѓето потоа како автомати се предаваат фанатично на градењето на иднината. Никој повеќе не смее да ги потсети на војната и на нивното учество во неа. По војната сите заболуваат од селективна амнезија. Само физички осакатените од војната остануваат видливи сведоци на нејзиното лудило. Да не градеа луѓето толку брзо од сите урнатини што ги остава војната нови зданија за животот во мирот, туку да оставаа во секоја улица барем една урнатина од нечиј дом, тогаш децата ќе знаеја дека војната не е игра, затоа што урнатините во кои играат се стравотно дело на луѓето. Колку и да е ревносен мирот во отстранувањето на видливите урнатини од лицето на земјата, оние невидливите, урнатините во душите на луѓето, остануваат во нив цел живот.

Цел свет две години живееше во пандемија. Со страв од смрт. Секој ден! И токму тогаш некој почнува војна која носи само смрт. Во дваесет и првиот век, во Европа. Знам. Имаше и постјугословенски војни. Ама тие, сепак, беа војни на Балканот. Тоа беше во дваесеттиот век. Тој започна и заврши со војните на Балканот. Тој е друга приказна.

„Дневник на војните”

Со месеци научникот од Берлин работеше на концептов за една малечка студија која, сепак, требаше да биде неговата прва поголема книга. Според состојбата во која се наоѓаше во моментот, поверојатно беше да се очекува тоа да биде само еден подолг есеј.Сакаше да протолкува од гледната точка на теоријата на траумата во психологијата, како трауматизираните деца на бегалците од актуелните војни ги доживуваат делата на германскиот сликар Анселм Кифер.Секое утро ги препрочитуваше најновите белешки. Менуваше само еден или друг збор, додаваше нова реченица или ја преформулираше постоечката. Иако знаеше за што сака да пишува, сепак, не му поаѓаше од рака да се помрдне од почетниот концепт. Никогаш досега немаше доживеано такво нешто. Штом ќе седнеше да пишува, мислата одбиваше да се движи.А кога ги гледаше делата на Анселм Кифер, во главата ја имаше целата книга. Сепак, не можеше да ја пренесе во реално видливо писмо. Секој ден стануваше многу рано за да пишува барем два-три часа, со свежа глава, пред да замине во ординацијата.Секој ден сѐ му стануваше сѐ побесмислено. Веќе не му беше ниту сосем јасно, што би била поентата на студијата, ниту пак дали неговата интерпретација на познатото дело на Кифер,„Седумте небески палати”, од деведесеттите, некаде ќе се сретне со интенцијата на уметникот. Научникот од Берлин насекаде во неговото дело ја гледаше само траумата од војната.

Уште паметеше, блокадата се случи утрото, по една вечер кога долго пред заспивање ги гледаше белите кули на Анселм Кифер во Јужна Франција. Што е причината, не му беше јасно. Го блокираа ли тие сивобели „кули”? Кифер ги направил од бетон. И од оловни плочи кои ги откупил од катедралата во Келн. Порано тие биле на покривот на катедралата.Со четириесет камиони ги транспортирал од Келн во Баржак, во Јужна Франција, во своето ателје. Но, зошто секогаш кога ги гледаше „Кулите” на Кифер, во него се појавуваше сликата на урнатини од куќи, од кои растат дрвја? И го преплавуваше тага. Длабока како море. „Седумте небески палати” на Кифер се чудни кули од 27 метри. Изгледаат како детска рака да поставувала една врз друга урнатини од војната. Отворите на тие кули се џарат во набљудувачот со празнотијата и стравот кој зрачел од урнатините во германските градови по војната. Како да се огромните очи на мртвите жители од тие празни домови. Во делата на Кифер, научникот од Берлин ја гледаше можноста за особена терапија на траумата од војната со средствата на уметноста. Тоа го забележуваше често и кај децата од бегалските фамилии во својата ординација кога им ги покажуваше ликовните дела на Кифер. Многу од тие деца се родени во урнатини, како и самиот Кифер.

Германското радио „Deutschlandfunk“ известува во февруари 2024 за двегодишното девојче во Украина кое веќе не може да остане само во темница. Украинските деца цртаат слики од подруми, преполни со крв, од авиони што фрлаат бомби, додека нивните врсници во другиот дел на светот играат видеоигри. Според проценката на УНИЦЕФ околу 1,5 милион украински деца страдаат од депресија, зголемена анксиозност и од други психички проблеми.

„Дневник на војните“

Веќе му беше јасно дека неговата блокада не потекнува од неговата неспособност да го дешифрира писмото на траумата од војната во уметничките дела. Впрочем, таа тема беше неговата животна тема како историчар на уметноста и психотерапевт. Тој веќе имаше напишано многу научни прилози за преобразбата на траумата во естетски израз. Тоа што го блокираше во пишувањето за делото на Кифер беше токму детската игривост во некои негови дела. Кифер вели дека луѓето не го поднесуваат тешкото, па затоа им нудел лесност, игривост. Кај научникот беше обратно. Лесноста и игривоста кај Кифер, во него будеше нешто многу тешко. Што беше тоа, не знаеше. Тоа засега за него значеше дека уште не го нашол вистинскиот клуч, најнапред, за своето толкување на творештвото на Кифер. Оттогаш почна да трага по клучот за своето многу лично доживување на некои од неговите дела. Пред да почне да пишува, мораше да открие што се крие зад неговата опседнатост од темата на урнатините како естетски израз. Кај Кифер војната е сеприсутната, напати јасно видлива, напати само наговестена заднина. Во „Седумте небески палати” на Кифер, научникот од Берлин гледаше само бели кули од урнатини. Понекогаш тие за него беа само кули од бели човечки коски кои зад себе ги оставаат војните. Долгото џарење во белите безглави женски фигури на Кифер му стана секојдневен ритуал. Тие немо му шепотеа некоја тајна. Знаеше само дека во нив го трогнува беловаросаноста на површините. Всушност, го маѓепса бели- ната на варта. И таа вечер заспа со сликите на Анселм Кифер во себе. Уметноста отсекогаш беше неговиот бункер пред стравот од војната, иако никогаш не беше доживеал војна.

Веќе цела недела, секој ден, како во личен ритуал, до доцна во ноќта го гледам филмот на Вим Вендерс за Анселм Кифер. Ги стопирам по неколкупати кадрите со урнатините. Тие секогаш одново ме потресуваат. Зошто токму урнатини? Знам од мојата стручна пракса дека така реагираат оние кои не се свесни дека носат невидливи лузни од војната во себе. Пример за тоа се децата на сириските бегалци. Но, што е со мене? Зошто делата на Анселм Кифер ме восхитуваат и во исто време ме застрашуваат? Сум ги видел ли веќе на друго место? „Шумолењето на времето”! Каков генијален наслов за филмот на Вим Вендерс за уметноста на Анселм Кифер. Вим Вендерс отсекогаш беше мој фаворит. Всушност, по тоа шумолење на времето трагам и јас.

„Дневник на војните”

Се разбуди со сликата на темното езеро. Тоа што за него одамна не постоеше, иако беше дел од неговото фамилијарно наследство. Детството заврши за него кога тој и мајка му го напуштија татко му и куќата крај езерото. Откако заминаа во странство, мајка му никогаш не зборуваше за животот во таа куќа.Ниту му раскажуваше приказни од неговото најрано детство крај езерото.Тој го прифати нејзиниот молк, иако не го разбираше, онака како што тоа го чинат децата за кои сета фамилија е само мајка им. Тие ги чувствуваат и премолчените нешта, учат и самите никогаш да не ги изговорат. Кога се работеше за мајка му, тој знаеше, без да му каже, дека таа го остави зад себе својот минат живот за да го заборави. Затоа и тој, синот, по некое време веруваше дека засекогаш ги избриша сите траги од животот во куќата крај езерото. Мајка му многу ретко го спомнуваше и татко му. Тоа беше доволен доказ за детето дека и тоа треба да го заборави и татко му и своето детство.

 

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.