Кина повторно изведува воена вежба околу Тајван
14 октомври 2024Кина повторно почна голема воена вежба околу Тајван. Кинеската војска во соопштение зборува за „сериозно предупредување“ до „сепаратистичките“ сили на островската република. Бродови и авиони се приближуваа до Тајван од неколку правци.
Министерството за одбрана во Пекинг соопшти дека кинески авиони и бродови биле распоредени околу островот. Државната телевизија ЦЦТВ објави мапа на која се прикажани шест големи црвени региони околу Тајван каде се одржуваат вежбите наречени „Joint-Sword-2024B".
Тајванското Министерство за одбрана ги осуди „ирационалните и провокативни акции“ на Кина и најави распоредување на сопствени вооружени сили за „преземање конкретни мерки за поддршка на слободата и демократијата“. Тајванскиот претседател Лаи Чинг-те одржа состанок со претставници на безбедносните служби. Лаи даде „прилично јасни инструкции како да се одговори на воената закана од Кина“, изјави пред новинарите генералниот секретар на Советот за национална безбедност, Џозеф Ву.
Паралелно со големата воена вежба на Кина околу Тајван, кинеската крајбрежна стража испрати четири флоти на „инспекции“. Флотите 2901, 1305, 1303 и 2102 извршија „инспекции за спроведување на законот во водите околу островот Тајван“, изјави портпаролот на крајбрежната служба Лиу Дежун.
Крајбрежната стража на Тајван потврди дека забележала „конвои“ на кинеската крајбрежна стража околу островот. Беше соопштено дека има голем број бродови кои патуваат „во нашите северни, југозападни и источни води“.
Кинески носач на авиони во водите на Тајван
Тајван, кого Кина го смета за своја територија, веќе беше во состојба на зголемена готовност по говорот на тајванскиот претседател Лаи Чинг-те на одбележувањето на Националниот ден минатата недела. Владата во Пекинг остро го осуди говорот. Лаи рече дека Кина нема право да го претставува Тајван. Во неделата, откако е забележан кинескиот носач на авиони „Лиаонинг“, Тајван е во состојба на „висока готовност“, соопшти Министерството за одбрана во Тајпеј.
САД ја осудија кинеската воена вежба. Оваа акција на Народната Република е „неоправдана и ризикува ескалација“, изјави портпаролот на Министерството за надворешни работи Метју Милер во Вашингтон.
Големи воени вежби имаше и во мај
Демократски управуваниот Тајван е под постојан воен притисок од Пекинг. Кина не исклучува употреба на сила за контрола на Тајван. Во последниве години, таа ги зголеми своите воени активности околу Тајван, редовно испраќајќи борбени авиони.
Кинеската армија одржа голема воена вежба околу Тајван и во мај. Вежбата се одржа веднаш по инаугурацијата на Лаи. Неговата Демократска прогресивна партија (ДПП) победи на претседателските избори во јануари и се залага за критички курс кон Пекинг. Владејачката Комунистичка партија во Пекинг ја обвинува ДПП за сепаратизам.