Тајван: Загриженост и по завршените кинески воени маневри
11 април 2023Хуанг Вен-Нан е на одмор во својата земја. Овој 58-годишник позира со својата сопруга пред тајванските ракетни фрлачи на националната одбрана. „Се навикнавме на тоа“, вели тој, се чини воопшто не е импресиониран. „Не е некоја голема работа, познато ни е со години. Кина отсекогаш вака се однесуваше. Нервозни сме, но не сме загрижени. Тоа што треба да се направи, треба да се направи.“
Во министерствата во Тајпеј, главниот град на Тајван, расположението не е толку опуштено. Иако Кина официјално ги заврши провокативните воени маневри, Министерството за одбрана во Тајпеј соопшти дека останува во состојба на готовност, дека натамошно будно се следи движењето на кинеската морнарица, посебно на носачот на авиони Шандонг.
„Целосно неодговорно однесување“
Кина, како што е соопштено во Пекинг, успешно ги завршила тридневните маневри, во борбени услови тестирани се воени способности на различни единици и родови на војската. Било тестирано опкружување и блокада на Тајван, биле симулирани напади на копнени цели, користено е боево оружје, заканувачките гестови беа повеќе од јасни. Тоа е целосно неодговорно однесување, објави тајванската претседателка Тсаи-Инг-вен на својата страница на Фејсбук. Во денешното видео обраќање, Тсаи истакна дека патувањата како нејзиното неодамнешно во САД одамна се востановена пракса, која Кина сега ја злоупотребува за воени вежби.
Бенџамин Хо, стручњак за Кина на Универзитетот Нанџанг во Сингапур, смета дека „Тајван од своја страна секако полага право на воспоставување меѓународни односи со партнери ширум светот“. И, од перспектива на Тајпеј, Народна Република Кина тука нема право на глас.
Од кинески аспект пак, таквите односи и состаноци како оној во Лос Анџелес, го нарушуваат кинескиот суверенитет над Тајван. Според зборовите на Хо, Кина затоа мора да реагира воено и економски, за јасно да стави на знаење дека одбива признавање на вакви состаноци.
Пречекорување на премолчено прифатените граници
Тајванската претседателка Тсаи-Инг-вен минатата недела во Лос Анџелес се сретна со Кевин Меккарти, републиканскиот претседател на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, по што Кина остро протестираше. Овие воени маневри се сметаат за директна реакција на тој состанок, иако, според зборовите на експерти за Кина, сигурно биле подолго подготвувани. Народната Република со овие воени маневри ги помести досега премолчено прифатените граници кон Тајван.
Кинески борбени ловци и бомбардери летаа над т.н. средна линија на Тајванскиот теснец, неслужбена, но досега почитувана граница меѓу Кина и Тајван. Експертот за Кина, Бенџамин Хо затоа не е многу оптимистичен во врска со можноста за скоро решение.
Надеж за дипломатско решение
Лиу Ве Жан, трговец со зеленчук во Тајпеј, сепак полага големи надежи во моќта на дипломатијата: „На крајот на краиштата, тоа не е наша работа, овие политички конфликти меѓу двете земји мора да се решат на дипломатско ниво. Секако, сакаме мир на двете страни.“
Во текот на вчерашните (10.04.2023) разговори за кинеско-јапонскиот територијален спор во Источното Кинеско Море, владини функционери во Токио изразија голема загриженост од можна натамошна ескалација во Тајванскиот теснец, бродски пат кој е исклучително важен за меѓународната трговија.