1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Кисинџер - 100 години реализам, актуелност и релевантност

1 декември 2023

До самиот крај Хенри Кисинџер ќе проповеда дијалог, решенија без употреба на сила и потреба од коегизстенција и меѓу различни политички системи. Пишува Ивор Мицковски

https://p.dw.com/p/4Ze7K
Хенри Кисинџер
Хенри Кисинџер, бивш американски министер за надворешни работиФотографија: Jacquelyn Martin/AP Photo/picture alliance

Почина Хенри Кисинџер, човекот кој живееше 100 години, кој ја обликуваше американската надворешна политика повеќе од 5 децении, кој до самиот крај остана актуелен и релевантен. Овој пат нема да ја раскажувам неговата биографија и неговите исклучителни достигнувања, туку ќе се задржам на неговата мисла, визија и актуелност, кои најдобро говорат за секој човек.

И во своите последни денови  Кисинџер успеа да влијае и да ја предупреди администрацијата на Бајден да не влегува во конечна битка со Кина, од причина што тоа би предизвикало светски конфликт. Одличен пример за стратешкото размислување на Кисинџер е дипломатското зближување со комунистичка Кина на Мао, од која САД се оддалечија во 1949 година, по крајот на Граѓанската војна и бегството на Чанг Кај Шек во Тајван. Со поддршка на Кисинџер, Никсон ќе оствари клучна посета на Кина во февруари 1972 година − прва историска посета на еден американски претседател. Кисинџер го оркестрираше приближувањето меѓу двете земји во една необична триангулација за Студената војна, со цел да изврши притисок врз СССР. Кина нема да стане сојузник на САД, но ќе се претвори во помала грижа и помало зло. Тешко е да се негира историската важност на оваа одлука по судбината на современиот свет.

Кисинџер нема да се ограничи само на предупредување на Бајден, туку ќе зборува и за непостојаноста на Европската Унија, критика изразена со неговиот дипломатски речник. Анализирајќи ги колонизаторските перформанси на актуелните европски лидери, почнувајќи од Макрон, па се до Шолц, ќе забележи дека жали што актуелните лидери го немаат чувството за ориентација и цел како нивните претходници од рангот на Де Гол или Аденауер. Критиката му е директно насочена кон  украинско-руската војна.  Кога во 2014-та ќе биде соборен Јанукович, инаку легално избран и неуставно соборен - Европа ќе молчи. Ситуацијата нагло ќе кулминира и Русија ќе го анектира преку референдум Крим, инаку подарен од страна на Хрушчов во 1954-та на Социјалистичка Советска Република Украина. Источниот дел на Украина со руско малцинство, заради сецесионистичките амбиции ќе предизвика граѓанска војна и бројни жртви помеѓу руската популација за која западните медиуми ќе молчат.

Украина ќе стане земја надвор од контрола. Не само во источниот дел, туку државата ќе изгуби контрола над својата судбина во натпреварот помеѓу големите сили, односно, ќе се претвори во топовско месо за супер-силите. Зад  конфликтот во Украина  не стои само односот на Киев со источните региони, ескалацијата помеѓу Русија и Украина, туку и судирот помеѓу САД и Русија. Украинската граѓанска војна не произлегува само од внатрешните поделби предизвикани од владината политика која собори легитимно избран претседател, туку и од прокси војната помеѓу САД и Русија, каде целта на Вашингтон е да ја сруши вредноста на еврото во однос на доларот.

Империите и историјата

Во последно време  Кисинџер ќе објави серија на размислувања  околу насоката на светската политика во последните децении, нагласувајќи ги сличностите со судирите од минатиот век, но денес ажурирани низ развојот на нови вооружувања, особено со помошта на вештачката интелигенција. Кисинџер ќе тврди дека моменталната и брза комуникација, како и технолошката револуција, создале комбинација која бара нови одговори на две круцијални прашања што денешните лидери мора да ги одоговорат: 

Што денеска е неопходно за националната безбедност?

Што е неопходно за мирен меѓународен соживот?

Иако постоеле бројни империи, нивните аспирации за светски поредок секогаш биле ограничени од географијата и технологијата на специфични региони, како нешто што важело и за Римската и за Кинеската империја, кои во себе содржеле широка палета на општества и култури. Овие империи ќе воспостават регионални поредоци, кои во свое време се претставуваат како светски. 

Од крајот на Втората светска војна човештвото живее во една деликатна безбедносна рамнотежа, која е релативна и легитимна. Во ниеден друг историски момент рушењето на оваа рамнотежа не би можело да предизвика катастрофално самоуништување како денес. 67 години, од 1946 до 2023, додека нуклеарното оружје расте во разорноста, комплексноста и прецизноста, ниедна земја не си дозволила да го употреби во конфликт со ненуклеарни земји. И САД и СССР ќе ги прифатат поразите од таквите земји, без да посегнат по нуклеарно оружје. Така беше во Кореја, Виетнам и Авганистан. 

Нуклеарни дилеми

Денес тие нуклеарни дилеми не само што не се исчезнати, туку се проширени на повеќе актери, додека некогаш биполарниот монопол над овие оружја денес е заменет и со други високо технологиски опции. Информациските оружја и вештачката интелигенција опасно ја комплицираат воената состојба. Се уште не е измислена дипломатија која би ја спречила употребата на вештачката интелигенција, каде човечкиот фактор не е неопходен. Овој технолошки напредок е пропратен со политичка трансформација и враќање на ривалството помеѓу големите сили. Растечкиот економски и стратешки напредок на Кина ја приморува Америка по прв пат да се соочи со геополитички конкурент чии ресурси се потенцијално еднакви, ако не и поголеми.

И двете земји се сметаа себеси за уникатни, вели Кисинџер. САД според убедувањето дека нивните вредности се универзално применливи, Кина на основа на својата милениумска историја и страотен напредок, за кој претендира да биде емулиран од другите со цел да се ослободат од актуелниот светски поредок и така да застанат на страната на кинеските интереси и приоритети. Кина во 21 век, делува насочена кон една меѓународна улога која смета дека и следува како последица на милениумските успеси. САД пак делуваат со цел да проектираат моќ, цели и дипломатија низ целиот свет, со цел да оддржат светски поредок воспоставен од нивното пост-воено искуство, и така да одговорат на реални или имагинарни предизивици од актуелниот светски поредок.

Можна ли е коегзистенција на џиновите?

Клучното прашање за постоењето на планетата е дали двата џина можат да научат да го комбинираат неизбежното стратешко ривалство со концептот и праксата на коегзистенција?

Што се однесува до Русија, нејзе и недостасува пазарната моќ, демографската тежина и разноврсната индустриска база, како што е случајот кај Кина и САД. Тоа не значи дека трианголацијата помеѓу САД-Кина-Русија ќе исчезне, напротив ќе се зајакне, каде Москва ќе задржи апокалиптичен нуклеарен и информациски капацитет. Во однос на Русија предизвикот е дали земјата ќе може да ја помири визијата за себе со правото на самопределување на своите соседи преку еден меѓународен систем, или ќе инсистира на доминација. 

Денес делува дека поредокот базиран на универзални правила, во пракса ќе биде заменет на неопределено време со еден нов парцијално блоковски свет. Таквата поделба неминовно ќе наметне нова трка по сфери на влијание. И тука прашањето е како во таква ситуација земјите кои не се согласуваат со светскиот поредок, ќе можат да егзистираат во рамки на една договорена рамнотежа?! Или пак, логиката на доминација ќе превладее над коегзистенцијата. 

Во свет каде технолошкиот напредок може да ја издигне или урне  човечката цивилизација, за натпреварот помеѓу големите сили не постои финално решение, уште помалку воено. Неконтролираната технолошка трка, оправдана од надворешно политичката идеологија дека секоја страна има зли намери, ризикува да создаде катастрофален циклус на меѓусебна недоверба како онаа пред почетокот на Првата светска војна, но овој пат со неспоредливо поголеми последици.

Сите страни во прашање се обврзани да ги преиспитаат сопствените принципи на меѓународно однесување и да ги постават во насока со можностите за коегзистенција. 

Светот и дигиталната револуција 

Актуелноста на Кисинџер е потврдена и од неговиот огромен интерес за последиците од вештачката интелигенција и интелектуалната револуција. Според Кисинџер, за разлика од откритијата од минатото, со вештачката интелигенција механизмите на функционирање ни се непознати. Тоа не значи дека се спротивставува на дигиталната еволуција, колку што ќе нагласува дека треба да се води сметка за новостите кои не се разбрани од сите подеднакво. Според него, светот е неспремен за слична промена.

Последната голема трансформација - Илуминизмот, ја замени ерата на верата, со повторливи експерименти и логички дедукции. Денес таа е заменета со зависноста од алгоритмите, кои работат во обратна насока, нудејќи резултати кои бараат да бидат објаснети. Истражувањето на овие нови граници ќе бара сериозни напори од државите со цел да се намалат постоечките разлики помеѓу светот на технологијата, политиката, историјата и филозофијата. Кисинџер предупредува дека светските сили мора да бидат јасни околу што може да се избегне, а што да се толерира. Кој е мудар треба да ги предвиди предизвиците пред да се претворат во кризи. До самиот крај Кисинџер ќе проповеда дијалог, решенија без употреба на сила и потреба од коегизстенција и меѓу различни политички системи. Еден прагматизам кој за многумина е цинизам, додека за неговите почитувачи - свест дека мирот е најголемата вредност на светот. Лекција која Кисинџер ќе ја научи на сопствена кожа, како дете бегајќи од Германија на Хитлер, пред војната и Холокаустот.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.