Кога ќе почне украинскатa офанзива?
12 мај 2023Какви знаци укажуваат на претстојна офанзива на украинската армија?
Тројцата експерти се согласни дека Украина веќе почнала подготовки за својата контраофанзива. Важни фактори се времето и состојбата на тлото, зашто влијанието на сезоната на дождови и кал не смее да биде потценета во однос на почеток на офанзива.
„Тоа е важно, зашто токму западните тенкови, на пример ‘Леопард' со преку 60 тони, можат многу полесно да пропаднат во такво тло отколку поранешните советски кои ги користат Русите“, вели Маркус Рајснер, историчар, поранешен припадник на австриската војска и командант на гарда.
Натамошен индикатор за претстојна украинска офанзива се засилените напади врз патиштата преку кои се врши снабдување на руските трупи, вели експертот, на пример врз складишта со гориво и муниција. Освен тоа, може добро да се согледа „дека Украина се труди да ги премести системите за противвоздушна одбрана во близина на фронтот“, вели Рајснер. Тоа го прави со цел да го обезбеди просторот во кој единиците би можеле да напредуваат, на пример со тенкови.
Буркхард Мајснер од Германскиот институт за одбрана и стратешки студии гледа силен индикатор и во поставувањето дополнителни бригади: „Зборуваме за 40.000 до 60.000 луѓе, од кои најголем дел беа обучувани за ракување со тешко оружје на Запад, посебно за офанзивно војување. А тоа веројатно ќе биде применето во ваква офанзива.“
Иако овие бригади се релативно нови, Мајснер смета дека се во заслабена позиција, укажувајќи на американските документи кои протекоа во јавноста, т.н. Пентагон ликс.
Какви сценарија постојат за офанзива?
Според Рајснер, три области во Украина се погодни за ваков можен потфат: „јужниот дел, централниот дел и северниот. А околу тоа Украина ќе се врши прикривање што е можно подолго, за да не им даде можност на Русите да се спротистават на таа позиција.“
И Мајснер очекува Украина да се потпира на прикривање на намерите. „Ние можеме да вршиме претпоставки само врз основа на текот на слични офанзиви во минатото. А тука се случува по правило да се направи наводен или еден пробен напад на друго место, или неколку истовремени. А на еден долг фронт, а овој е екстремно долг, речиси 1500 километри, може да се извршат провизорни напади на различни места, а потоа да се удри со многу поголема сила на некое друго место.“
Како може да се процени воениот сооднос на силите?
Ако се земат предвид само бројките, руските трупи се надмоќни, велат сите тројца експерти. Но, бројките не се единствено одлучувачки. „Воена сила не се потпира само на бројната надмоќ“, подвлекува Мајснер.
Преку тактичка умешност и употреба на различни оружени системи Украина веќе докажа дека нејзините војници се во состојбауспешно да се борат против руските трупи.Оттаму, Украина може да настапува со извесен оптимизам, вели и воениот експерт Мирко Ланге, кој работи во проект на Минхенската безбедносна конференција.
Рајснер објаснува дека војната на двете страни се претвори во војна на резервисти: „На двете страни се војници кои може да ги опишете како 40-годишен семеен човек испратен на фронт, со подобра или полоша обука. Тука постои извесен паритет, при што моралот се чини е повисок на украинска страна отколку на руска.“
Украина најави намера да ги ослободи сите територии окупирани од Русија. Колку е реално тоа да се постигне со оваа офанзива?
„Тоа би било навистина многу, многу голема амбиција за една воена операција“, вели Мајснер.
И Нико Ланге во моментов не може да прогнозира кои области и во кој момент Украина може да ги ослободи. Украинските војници веќе докажаа дека се во состојба да повратат окупирани територии: „За мене е јасно: Русија може да биде победена.“
Дали може да зачестат украински напади врз цели во Русија?
Ланге истакнува дека за Украина „од аспект на меѓународното право е целосно легитимно да напаѓа цели во Русија. А веќе видовме досега напади врз воздушни бази, врз складишта со гориво и други објекти на руска територија. Затоа, сметам за можно и натаму да има вакви напади.“
Мајснер укажува на значењето на железничките линии за снабдувањето на руската војска: „Тоа пак значи дека Украина мора да направи сѐ да ги уништи овие железнички поврзници. Таа тоа често го прави, а некои од овие железнички линии се наоѓаат во реонот на Белгород или Курск, на границата.“
Затоа Мајснер повеќе очекува напади во граничната област „ а не подлабоко во Русија. Тоа би било и непотребно трошење на муниција.“
Кој е минималниот учинок за Украина да може офанзивата да ја смета за успех?
„Сите успеси треба да бидат мерливи“, вели Рајснер. Тој анализира дека „недвојбен успех би бил ако на Украина ѝ успее да ги раздвои руските трупи во окупираните територии. Значи, во една област на североисток – Донбас, Купјанск, и на југ: Херсон, Запорожје и Крим. Тогаш Русите би имале голема дилема: би ја загубиле копнената поврзница и би им останала само поврзницата преку мостот Керч, кој веќе еднаш беше нападнат, што би довело до екстремни предизвици за снабдување на руските трупи.“
За Мајснер успех би бил ако руската страна биде поттикната на преговори. Но, тој подвлекува дека „Украина ќе сака и ќе мора да биде оценувана врз основа на нејзините желби, кои делумно се и реализирани. А тоа значи, таа ќе сака да ослободи уште повеќе територии, како што и се случи во изминатите месеци.“
На Украина ѝ е важно „овој релативно крут тек на војната и трошењето на сили и опрема во изминатите месеци да премине во пофлуктуирачко војување. А накаде ќе води тоа раздвижување, останува отворено. Но, во динамичното водење војна е сѐ можно, зашто топографијата на Украина нуди малку природни граници. Ако линијата на фронтот еднаш биде пробиена, постои можност за брзо ослободување на многу големи области“, вели Ланге.