Токму пред шест години пишував во мојата втора колумна за Дојче Веле за чеховската меланхолија со која во последните години си заминував од мојот престој во Македонија. Кога денес зборувам со моите роднини и пријатели, тие ми велат дека сега било дури и полошо. Порано барем имале надеж дека од Македонија, еден ден, ќе стане „саглам држава“. Ми велат дека се изморени и фрустрирани, затоа што биле истрошени сите политички визии. Немало политичка опција на која денес би и‘ верувале. Државните институции не функционираат, патишта се градат во време со епска должина, како да се Вавилонска кула, ми велат тие. Брзо растел само криминалот, непотизмот, непрофесионалноста и провинцијализмот. Македонското општество како да пропаѓа во жив песок, тоа е впечатокот што го добивам и самата од социјалните мрежи, од дневниот печат и од македонските телевизиски дебати. Македонските граѓани не ја изгубиле само вербата во политичарите, туку и во себе самите. Што би можело да им покаже дека тие се движечката сила на секоја демократија? Како македонските граѓани да го вратат тој ентузијазам со кој се радуваа во раните 90-ти дека конечно Македонија е самостојна држава?
Повеќе демократија
Поучена од германското искуство, би рекла, само со повеќе граѓанска демократија! Во 70-те во Германија, кога Вили Брант стана новиот канцелар, тој во пристапниот говор ја изговори прочуената девиза: „Да се осмелиме на повеќе демократија!“ Во овој момент на разочараните македонски граѓани тоа им би се чинело како наивен идеализам. Притоа Брант имал предвид една поинаква демократија. Таква која се потпира врз самосвесниот и одговорен граѓанин. Брант истакнува дека „владата може да биде успешна во демократијата само кога ќе се потпира врз демократскиот ангажман на граѓаните“ Што значи, граѓаните не се само „публика“ за политичарите. Македонските политичари треба да ги замисли сознанието на Вили Брант, кога тој како нов канцелар во бонскиот Бундестаг рече за политичарите: „Ние не сме избрани. Нас не‘ избрале.“ Што значи, политичарите не се од Бога избрани. Тие не се недопирлива каста. Тие не се феудални моќници. Тие се избрани на изборите од граѓаните. Граѓаните се најсилниот двигател за демократијата, но тие мора да станат свесни за тоа и да престанат да бидат пасивна публика.
Вили Брант тогаш потсети дека многумина веруваа дека „втората германска демократија“ ќе оди по истиот пат како првата (онаа од неуспешната Вајмарска република од 1918). Во 1969-та, тој веруваше дека Германија не стои пред крајот на демократијата, туку дека токму во тој момент таа вистински започнува со демократијата. Тоа денес би можело да се рече и за македонското општество. Тоа уште не започнало со вистинската демократија, која е незамислива без активното учество на граѓаните.
Во однос на искушенијата на македонската надворешна политика, поучно е сознанието на Брант дека демократијата вистински се практикува само кога едно општество настапува како суверен, самосвесен актер во својата надворешна политика. Имено, само една година подоцна, 1970-та, неговата влада ги потпиша договорите за пријателство со Советскиот Сојуз и со Полска. Тој беше доволно реалистичен да сфати дека без добри односи со Советскиот Сојуз не ќе може да се нормализираат односите меѓу двете германски држави. За разлика од него, христијанско-демократската опозиција сето време по војната инсистираше на тоа дека не смее да се прифатат границите поставени по војната кои доведоа до создавање на две германски држави. Брант сметаше дека мора да се прифати реалноста. Тој знаеше дека не е можна промена на границите. Знаеше дека границите ќе станат безначајни само во ЕУ. Повеќе демократија за Брант значеше, прифаќање на реалноста, како и политика која не се крие зад популистички патриотизам.
Реална политика наместо популизам
Од ова германско искуство може многу да научат македонските политичари, но и граѓаните. Последниве треба да престанат да им веруваат на теориите на заговор и на различните пропаганди, со што нема повеќе да се доживуваат себеси како „жртва на Големите сили“ или на „историјата“. Во надворешната политика македонските политичари треба да имаат активна улога, но за тоа се потребни морален формат и дипломатска мудрост. Кога така би постапувале македонските политичари, тие би ја поседувале и довербата на граѓаните.
Има уште едно значајно искуство од Брантовата политичка кариера. Тој беше само една година канцелар, кога се охрабри да падне на колена пред споменикот на убиените Евреи во Варшава. Иако 48% од Германците сметаа дека тој гест бил претеран. Затоа останатите 52% му изразија поддршка и посакаа активно да учествуваат во процесот на помирување со Полска. За таква граѓанска храброст се потребни уметници и научници со морален интегритет, кои за една граѓанска јавност стануваат симболи и примери. Има ли македонската интелектуална и политичка јавност такви луѓе? Дури и да ги има, тие денес се повлечени во приватноста, поради старост или поради разочараност. Македонските граѓани треба затоа да се прашаат кои уметници, научници, стопанственици го поседуваат моралното и интелектуално достоинство на големи демократи. Такви како писателите Хајнрих Бел и Гинтер Грас. Или како славната новинарка на весникот „Die Zeit“, грофицата Марион фон Денхоф, благородничката од Источна Прусија, која беше родена во еден од најубавите германски приватни замоци близу Кенигсберг ( денешен Калининград), чија фамилија изгуби се‘, но таа и покрај тоа активно работеше на германско-полското помирување. За да ја надмине фрустарацијата, на македонската граѓанска јавност и‘ требаат такви личности со мудрост и морален интегритет. Македонските политичари би можеле да научат од политичарите како Вили Брант, дека секој политичар со своето однесување го обликува духот на времето, позитивно или негативно. Брант во 70-тите беше симболот за една поинаква, подобра Германија. Има ли во моментов македонски политичар за кого може да се рече дека тој е симболот за една поинаква, подобра Македонија?
Каде се интелектуалците?
Граѓаните не се гласачка машина. Тие се движечка сила на демократијата во сите добро функционирачки држави. Тие граѓани не мислат дека државата им припаѓа на политичарите, а тие самите се само безгласна буква. Големиот Вили Брант веруваше дека нема успешна демократија без соучеството на граѓаните. Зошто македонските граѓани уште не се свесни дека и тие имаат сила како демократска јавност? Зошто ниту македонските интелектуалци, писатели, уметници, кои во секој миг можат да станат симбол за промените кои сите си ги посакуваат, не се поприсутни во јавни дебати? Зошто низ македонските телевизии се вртат едни исти новинари и аналитичари? Зошто во Македонија телевизијата не станува сцена за сериозни разговори со познати и мудри личности, како Влада Урошевиќ или Оливера Николова? За жал, писателите со голем углед, од скромност или од разочараност, самите не се јавуваат во јавноста, зашто некој би требало да ги покани. А тие тогаш би имале што да сведочат за силата на интелектуалната и на граѓанската елита во секое демократско општество.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.