1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Кој на Балканот им се радува на Трамп и на Гренел?

Обработка: | Немања Рујевиќ | СН
9 ноември 2024

Неколку весници на германски јазик пишуваат дека враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа може да ги поттикне идеите за промена на границите на Балканот. Особено ако Ричард Гренел добие важна позиција.

https://p.dw.com/p/4mpLp
Ќе биде ли Ричард Гренел иден министер за надворешни работи на САД?
Ќе биде ли Ричард Гренел иден министер за надворешни работи на САД?Фотографија: Getty Images/AFP/T. Kienzle

Ричард Гренел, поранешен специјален американски пратеник за Балканот и амбасадор на САД во Германија за време на првиот мандат на Доналд Трамп , би можел да се врати во високата политика и на позицијата шеф на Стејт департментот во администрацијата на новоизбраниот претседател, пишуваат германските медиуми.

„Билансот на Гренел во Западен Балкан е историјат на сомнителни договори со автократи“, пишува за тоа германскиот весник Франкфуртер рундшау.

Весникот пишува дека Гренел практично „на мускули“ ја соборил првата влада на Албин Курти во Приштина  во 2020 година – барем така тврди Курти.

Франкфуртскиот весник потсетува на тогашните критики дека Трамп и Гренел , наводно, сакале да освојат поенипред изборите во 2020 година со брз дипломатски успех во спорот меѓу Белград и Приштина. Тоа, како што се наведува, ги загрозило напорите на ЕУ за посредување околу косовското прашање.

Во конфликт за време на првиот мандат на Трамп: Ричард Гренел и косовскиот премиер Албин Курти
Во конфликт за време на првиот мандат на Трамп: Ричард Гренел и косовскиот премиер Албин Курти

Весникот потсетува и на критиките дека Трамп наводно планирал да ги охрабри Србија и Косово на „размена на територии“.

Цитирана е статија на Аднан Ќеримагиќ и Мајда Руга од тинк-тенкот Европски совет за надворешни работи, во која се тврди дека вториот мандат на Трамп ќе биде особено „опасен“.

Франкфуртер Рундшау ја парафразира нивната порака дека , „меѓународната заедница мора да се спротивстави на големосрпскиот проект“.

Весникот потсетува и на логиката на Гренел за „мир преку бизнис“. Еден од потфатите на Гренел и на зетот на Трамп, Џаред Кушнер се однесува на просторот на поранешниот Генералштаб во Белград.

За  оваа тема за швајцарскиот весник Тагесанцајгер пишува новинарот Енвер Робели : „Советниците и членовите на семејството на Доналд Трамп имаат блиски врски со автократите во Србија и во Албанија“. Работите би можеле да станат непријатни за Косово и за Босна и Херцеговина“.

Во Приштина се стравува дека Ричард Гренел повторно би можел да ја стави промената на границите на дневен ред, пишува Робели.

Пишувајќи за бизнисите на Гренел и на Кушнер во Белград и на албанското крајбрежје, авторот наведува:

„Во последниве години, тој (Гренел) го продлабочи своето пријателство со двајца од најопасните автократи во регионот: српскиот претседател Вучиќ и албанскиот премиер Рама. Се чини дека Гренел ги користи тие контакти за лична корист“.

Продлабочени врски? : Ричард Гренел и српскиот претседател Александар Вучиќ
Продлабочени врски? : Ричард Гренел и српскиот претседател Александар ВучиќФотографија: Darko Vojinovic/dpa/picture alliance

Авторот потсетува на реченицата која Гренел ја кажа за албанските медиуми: „Никој не треба да се извинува затоа што сака да заработи пари“.

Гренел зазема „речиси непријателски став“ кон Албин Курти, кој, според Робели, „припаѓа на ретките непоткупливи политичари на Балканот“.

„За Курти може да стане непријатно од јануари, кога Трамп ќе се всели во Белата куќа“, продолжува текстот.

Исто така, се додава дека „русофилскиот“ претседател на Република Српска Милорад Додик го дочекал триумфот на Трамп „со голема радост“ .

Соединетите Американски Држави со години го држат Додик на листата со санкции. Текстот на Тагесанцајгер потсетува на претходната изјава на Додик дека жали што не прогласил отцепување на Република Српска за време на првиот мандат на Трамп.

„Со Трамп како господар во Белата куќа, тој (Додик) гледа нова можност да го заостри курсот против државата Босна и Херцеговина“, заклучува Робели.

Доналд Трамп прогласи победа на изборите во САД

На истата тема пишува и виенскиот весник Стандард кој наведува дека „етнонационалистите“ на Балканот ја слават победата на Трамп.

И во овој текст се потсетува на наводната намера на Трамп да поттикне размена на територии и ново исцртување на границите. „Ваквите промени на границите би биле особено опасни за Босна и Херцеговина. Затоа што со нив би се етаблирал етноконцептот и би им дал ветер во грб на политичарите кои сакаат натамошни промени на границите“, пишува Стандард.