Командант на Хезболах убиен во израелски напад во Либан
8 јануари 2024Командантот на елитната единица Радван, кој бил одговорен за воените акции на Хезболах во јужен Либан, бил убиен при напад врз неговото возило во село во близина на границата со Израел, соопштено е денеска (понеделник) од либански безбедносни кругови. Од почетокот на војната во Газа меѓу Израел и милитантната палестинска група Хамас, Хезболах во израелски оган загуби повеќе од 130 борци.
Во израелски напад во предградие во либанскиот главен град Бејрут минатата недела загина заменикот шеф на радикално исламистичката палестинска организација Хамас, Салех ал-Арури. Хезболах е сојузник на Хамас, кој на 7 октомври минатата година изведе брутални терористички напади врз Израел во кои загинаа околу 1200 луѓе, а 240 беа земени за заложници.
Од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас, израелската територија е речиси секојдневно во визирот на Хезболах од јужен Либан. Израелската армија реагира со засилени воздушни акции во Либан. Снимки на новинската агенција АФП покажуваат и денешни воздушни напади на израелските воздушни борбени сили врз јужен Либан, а ноќеска Израел таму бомбардирал две позиции на Хезболах.