1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КултураГерманија

„Мајн Кампф“- бестселер во Германија

БГ
4 јануари 2017

Една година откако беше издадена, коментираната верзија на Хитлеровата „Мојата борба“ се продаде во 85 илјади примероци. Издавачот тврди дека купувачите се претежно историчари и политолози, а не десничарски радикали

https://p.dw.com/p/2VEek
Kritische Edition von Hitlers Mein Kampf
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Müller

Проширено, двотомно издание на злогласниот нацистички манифест „Мајн Кампф“ на Адолф Хитлер стана најдобро продавана книга во Германија, една година откако беше издадена, соопшти издавачот.
Изданието наречено „Хитлер, Мајн Кампф: Критичко издание“ досега се продаде во 85 илјади примероци, шокирајќи го издавачот. Институтот за современа историја од Минхен соопшти дека шестото издание на книгата ќе тргне во продажба кон крајот на месецов.

„Бројките нѐ шокираа“, вели Андреас Виршинг, првиот човек на Институтот, за германската новинска агенција ДПА. „Никој не можеше да го очекува ова“, додава Виршинг.
Институтот со години го обработуваше оригиналниот текст на Хитлер со коментари во кои се апострофира пропагандата на диктаторот. Оттука, изданието е долго 1,948 страници, има сива насловна страница, содржи 3,700 фусноти и чини дури 59 евра.
Институтот планираше првичното издание да го отпечати во 4,000 примероци и сметаше дека тоа ќе биде доволно. Но, веќе во април 2016, книгата се најде на врвот на листата на бестселери на магазинот „Шпигел“.
Тоа беше и првата верзија издадена во Германија од крајот на Втората светска војна, откако истекоа авторските права на баварската покраинска влада на крајот на 2015 година. 

USA Mein Kampf von Adolf Hitler
Фотографија: F. J. Brown/AFP/Getty Images

Купувачите не се радикали

Реагирајќи на загриженоста дека книгата би можела да промовира радикално десна идеологија, Институтот организираше серија презентации и дебати низ цела Германија и други европски градови, со цел да го процени влијанието на новото издание.
„Излезе дека стравот оти изданието ќе ја промовира идеологијата на Хитлер или дека ќе ја направи општествено прифатлива и ќе им даде на неонацистите нова пропагандна платформа беше целосно неоснован“, вели Виршинг.
Институтот ги објави и податоците собрани од регионалните книжарници за купувачите на книгата. Тие покажуваат дека повеќето купувачи биле „клиенти заинтересирани за политика и историја, како и воспитувачи“, а не „реакционери или десничарски радикали“, тврди Институтот.
Хитлер го напишал својот нацистички манифест во два тома во средината на 1920-те години, откако добил затворска казна поради неуспешниот пуч во Минхен во 1923. година.
Книгата, која во превод значи „Мојата борба“, го открива тврдиот антисемитизам на Хитлер и бара на Германците да им се даде „Лебенсраум“- животен простор. Идеологијата претставуваше основа за нацистичката воена агресија врз Источна Европа и Холокаустот.
Повеќе од 70 години, Германија не дозволуваше печатење на книгата од почит кон жртвите на нацизмот, но и од страв дека таа повторно ќе посее омраза.
Еден десничарски публицист минатата година најави дека планира издание без дополнителни коментари, по што против него беше отворена истрага за можно ширење омраза. Обвинителите подоцна соопштија дека нема докази оти книгата била испечатена.