1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ИсторијаГерманија

Концентрационен логор Мајданек – 80-години од ослободувањето

24 јули 2024

Концентрациониот логор Мајданек близу Лублин не беше само првиот што беше ослободен од Црвената армија на крајот на јули 1944 година. Таму е создаден и првиот меморијален центар посветен на концентрационите логори.

https://p.dw.com/p/4iepw
80-годишнина од ослободувањето на Мајданек
80-годишнина од ослободувањето на МајданекФотографија: Staatliche Museum Majdanek

На 24 јули 1944 година, советските војници заедно со полските воени единици пристигнуваат во логор кој американски воен известувач подоцна ќе го опише како „најстрашното место во светот и вистинска фабрика за производство на смрт“: концентрациониот и логор за истребување Лублин-Мајданек.

Непосредно пред тоа, Германците се обиделе да го прикријат масовното убиство на 78.000 луѓе, меѓу кои и околу 60.000 Евреи, како и Полјаци, Белоруси и Украинци, со палење на неколку згради во кампот.

„Пронајдени се шокантни докази за злосторствата што ги извршиле Германците: пепел, коски, човечки останки и тела на убиени и починати затвореници, главно Евреи и Полјаци. Трагичната димензија на местото дополнително ја истакнуваат зачуваните траги од злосторствата: гасни комори, крематориуми, бараки за затвореници, стотици илјади чевли“, изјави за ДВ Вјеслав Вишок, заменик директор на Државниот музеј Мајданек.

Фабрики на смртта

Веќе на крајот на јули 1944 година, половина година пред ослободувањето на логорот Аушвиц, стана јасно: убивањето на Евреите и Полјаците не е воена пропаганда, туку сурова реалност. Само 1.000 советски воени заробеници го преживеале ужасот на Мајданек.

По наредба на водачот на СС-трупите Хајнрих Химлер, во есента 1941 година бил изграден логор за истребување, вели Висок: „Во гасните комори, од есента 1942 до есента 1943 година, еврејските затвореници биле убивани со циклон Б и јаглерод моноксид."

80-годишнина од ослободувањето на Мајданек
Бараки во Меморијалниот центар на концентрациониот логор МајданекФотографија: Staatliche Museum Majdanek

Кампот бил и место на масовни стрелања на еврејски и полски затвореници. На 3 ноември 1943 година, како дел од таканаречената акција „Фестивал на жетвата“, германската полиција и единиците на СС застрелале повеќе од 18.000 еврејски жени, деца и мажи. Низ Мајданек поминале околу 130.000 луѓе“.

Акцијата „Фестивал на жетвата“ нацистите ја користеле на почетокот на 1943 година како кодно име за масовните стрелања на вкупно 43.000 Евреи во логорите Травники, Поњатова и Мајданек. Тоа бил само мал дел од „Операцијата Рајнхард“, систематското убивање на 1,8 милиони Евреи во окупирана Полска. Мајданек имал посебно значење, вели за ДВ историчарот Штефан Ленштет, професор по еврејски и  студии за Холокауст  на Универзитетот Туро во Берлин.

„Најстрашниот пример на суровост во историјата“

„Мајданек бил централното место на 'Акцијата Рајнхарт'. Таму се дистрибуирале Евреите, кои сè уште биле потребни за принудна работа и експлоатација. Таму се средувале и обработувале украдените предмети. Оттаму луѓето се превезувале во други логори, од таму се сѐ координирало".

Она што се случувало во предградието Мајданек повеќе не било тајна во Лублин: бегалци, отпуштени работници и цивилни работници известувале за ужасни настани.

Во август 1944 година, на првите западни новинари им беше дозволено да го посетат логорот. Во американското списание „Лајф“ дури има репортажа за Мајданек под наслов „Најстрашниот пример на организирана суровост во историјата на цивилизацијата“.

Но за понатамошниот тек на војната тоа е сосема ирелевантно, вели Ленштет: „Мајданек беше ослободен бидејќи е на директен пат кон Берлин. Никој не тргна да ги ослободува концентрационите логори, туку да се бори против Вермахтот и воено да ги порази Германците. Прашање кое често се поставува е: зошто не биле бомбардирани железничките пруги кон Аушвиц, зошто не било направено ништо, зошто не се протестирало? Зашто што тоа немало воено значење."

Првиот меморијален центар

Мајданек не само што беше првиот логор за истребување и концентрационен логор ослободен од Црвената армија, туку стана и првиот меморијален центар во светот посветен на жртвите на нацизмот.

Вјеслав Вишок 80-годишнина од ослободувањето на Мајданек
Вјеслав Вишок, заменик директор на Државниот музеј Мајданек: Многу затвореници биле искористувани, а потоа уништени со гладување и болести Фотографија: Staatliche Museum Majdanek

Вјеслав Висок вели: „Само еден месец по затворањето на логорот, во Лублин се појави иницијатива за формирање музеј. Музејот започна со работа на почетокот на ноември. Три години подоцна, на 2 јули 1947 година, полскиот парламент усвои закон со кој Државниот музеј Мајданек доби правен статус“.

Срамни процеси

Судењата против сторителите на злосторствата во Мајданек се одвиваа бавно, иако на првиот судски процес во Лублин во 1944 година, шестмина обвинети беа изведени пред специјален суд и осудени на смрт. Ќе поминат три децении пред во Западна Германија да започне правната обработка на злосторствата. Од 1975 до 1981 година, шест чувари, една докторка од логорот и девет членови на СС беа на суд во Диселдорф, во едно од најдолгите и најскапите судења во историјата на германското правосудство.

Сепак, само чуварката Хермине Браунштајнер-Рајан беше осудена на доживотен затвор. Седум други обвинети добија затворски казни од три до дванаесет години, додека останатите беа ослободени. „Некои од обвинетите веќе не беа способни да им се суди, едноставно предолго се чекаше. Покрај тоа, германскиот правен систем во тоа време бараше доказ за индивидуално убиство. И тоа беше тешко да се докаже, бидејќи беше потребен сведок кој ќе каже- видов точно како оваа личност уби друг затвореник“, вели Штефан Ленштет.

Многу Германци денес не знаат што е Мајданек

Историчарот го критикува фактот што Мајданек и по 80 години по ослободувањето  не им е познат поим на многу Германци.  Логорите за истребување во Полска се генерално непознати во Германија,  со еден исклучок: Аушвиц. Медиумите дополнително го засилија ова, фокусирајќи се на најголемиот нацистички логор за истребување.

Штефан Ленштет
Штефан Ленштет: Логорите за истребување во Полска се генерално непознати во Германија, со еден исклучок: АушвицФотографија: privat

„Нашата германска меморија  е многу фокусирана на Холокаустот и Аушвиц. Кога германските групи на посетители го прават долгото патување до Полска, тие обично одат во Аушвиц. Мајданек, како и секој друг полски меморијален центар, стои во сенката на Аушвиц.

Заменик-директорот на Државниот музеј Мајданек, Вјеслав Висок, вели дека на церемониите на 80-годишнината ќе присуствуваат и поранешни затвореници - преживеани кои во тоа време биле мали деца. Заедно во овие денови ќе ги изнесат своите сведоштва за жртвите да не бидат заборавени.

Пораката на преживеаните од Мајданек гласи: „Нашата судбина е предупредување за вас“ -  ова е реченицата напишана во мавзолејот каде што е положена пепелта на жртвите.

Приказната за Мајданек е актуелна и денес, по 80 години, бидејќи преживеаните не бараат само да се чува споменот на невините жртви. Бараат и да не се заборави нивната борба за зачувување на човечкото во нехумани услови. И да учиме од нивното искуство.